Белгија, прекрасната

23.03.2016 04:22
Белгија, прекрасната

Трагедијата која ѝ се случи на Белгија, земја-светилник на демократијата и на човековите права, со терористичкиот напад во Брисел, ме врати во времето – ме врати во Скопје, во педесеттите.

Смеата стивна кога токму позади нас од шумичката излегоа двајца мажи и го повикаа сопругот на мојата мајка, Јордан Новаков, студент по медицина и првотимец во фудбалскиот тим „Вардар“, родум од Бугарија, да им пријде. По кусиот разговор тргнаа кон патот. „Трчи поздрави се, нема повеќе да го видиш“, беа зборовите на мајка ми. Потрчав, се поздравив и останав да ги следам со погледот тројцата луѓе кои се движеа кон патот. Во мојата детска фантазија двајцата агенти на УДБА се облечени во мантили и со шешири на главата, но малку е веројатно дека било така во врелите летни денови на мојот роден град Скопје.

Како што разбравме подоцна, со подобрувањето на односите со Советскиот сојуз, тие педесетти години на минатиот век, Југославија се обврзала да „расчисти“ со емигрантите од Источниот блок кои живееjа во земјата. Собирани од сите краишта на земјата и транспортирани со товарни вагони, среде летните жеги и на запрепастување на луѓето од попатните станици дека во вагоните за стока има луѓе, емигрантите биле однесени во логорот „Герово“, Хрватска, на бреговите на Јадранското море. Година дена траел периодот на испитувања и на вообичаените бруталности на тие повоени времиња - самици, тепања, закани, уцени...

Но, предвидувањето на мајка ми: „Нема повеќе да го видиш“, не се оствари. Не се оствари затоа што Белгија, заедно со другите западни демократии, изразила спремност да ги прими емигрантите од логорот. Така, Белгија стана новиот дом на фамилијата на мојата мајка. Најнаселената држава во Европа со над десет милиони жители на територија колку Македонија, има барем шеесетгодишна традиција на која може да биде горда: грижа за човечки суштества во неволја. Традиција која емигрантите ги исправа во достоинство и во слобода во својата нова татковина, а Белгијците и ги прави подобри луѓе. Дел од церемонијата на доделување на белгиско државјанство, разбрав подоцна, бил апелот до доселениците да не заборават од каде потекнуваат и да настојуваат да сочуваат што е можно повеќе од својот културен идентитет. Белгија, прекрасната.

Извор: Плусинфо

Фотографија: Франсоа Леноар (Жени завиткани во ќебе го напуштаат аеродромот Завентем, каде беше извршен еден од терористичките напади)

ОкоБоли главаВицФото