1003 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:59
Прозата на Јуриј Мамлеев претставува спој од гротеска и длабока философичност: тоа се текстови кои шокираат и кои содржат елементи на мистика. Неговите јунаци се чудни, а понекогаш дури и страшни луѓе, луѓе-монструми, кои живеат во подеднакво чудниот и страшен свет, но истовремено сите тие претставуваат своевидни мислители, патници во Големото Непознато.
Да се чита Мамлеев е како да се погледне во бездната на пеколот. Неговите дела ги населуваат вампири, сеништа, призраци, чудовишта, манијаци, убијци и други чудни ликови. Во нив тој понекогаш ја истражува духовната состојба во современа Русија – бидејќи една од задачите на метафизиката е откривањето на внатрешните бездни кои се кријат во душата на човекот. Животот е доволно кошмарен: тој е краток... Оваа литература го содржи ефектот на катарза, а нејзин исход е таинственото прочистување, бидејќи животот во неа е опишан како најголемата нечистотија.
Јуриј Витаљевич Мамлеев е писател и философ, драматург и поет. Основач е на новиот литературен правец во современата руска книжевност – таканаречениот метафизички реализам. Роден е на 11 декември 1931 година во Москва. Во 1956 дипломирал на Шумарскиот факултет. Од 1957 до 1974 година предавал математика во вечерните училишта. Сепак, во тој период основната област на неговата дејност била книжевноста. Неговите раскази, романи и философски есеи се распространувале преку самиздати, бидејќи било невозможно да ги објави преку советските официјални издавачки куќи. Во 60-те години на минатиот век во неговиот стан се собирале многумина дејци од „неофицијалната култура“ од тоа време. Меѓу нив биле и познати поети и уметници, како Леонид Губанов, Хенрих Сапгир, Лев Кропивницки, Александар Харитонов, Венедикт Ерофеев и други. Поради неможноста да ги објавува своите дела, Мамлеев, заедно со сопругата, во 1974 г. емигрирале во САД, каде тој предавал на универзитетот Корнел, а во 1983 г. се преселиле во Париз каде предавал руски јазик и книжевност. За време на неговата принудна емиграција неговите дела биле преведувани на европските јазици, а неговото творештво било признаено на Запад. По падот на советскиот режим Мамлеев бил еден од првите писатели-емигранти кои се вратиле во татковината. На почетокот на 90-те години неговите книги почнале да се објавуваат и во Русија (вкупно 27 книги со раскази, романи, за философија, статии и сл.), а исто така има и прилично голем број настапи на телевизија и на радио-станиците, како и интеврјуа за весниците и списанијата. Неговите драми се поставувани во Русија, Австрија, Србија...
Како основач на нов книжевен правец (метафизички реализам) ги изложува и образложува основите на истиот во текстот со наслов „Метафизиката и уметноста“ кој е објавен во неговата философска книга „Судбината на битието“. Јуриј Мамлеев е претседател на Клубот на метафизичкиот реализам во Русија.