Збунлив отчет

23.03.2016 14:42
Збунлив отчет

1.

Колку глуп или продаден, треба човек да биде за да каже дека „Системот на отчетност, на начин кој го прави нашата Влада, е врв на транспарентност и нешто што го нема можеби никаде во светот. Од вчерашниот собир се виде дека се работи тимски и дека се внимава на сите сектори на општественото живеење, со цел да се обезбеди балансиран развој. Видовме дека се мисли и на здравството, и на образованието, и на економијата, и на државата, за сите граѓани на оваа држава да се убедат во целосниот и сеопфатен ангажман на владејачката гарнитура. Ова е еден од ретките случаи кога се почнува со ветеното, а се завршува со реализираното“ (Ристо Никовски). Единствено е точно дека низ годиниве видовме дека се работи тимски, дека се внимава и дека се мисли, но не на државата туку на сопствениот џеб. И точка! А ако некој ужива да изигрува глупи август, тоа е негов проблем.

Но, на страна од ваквите (пот)платени шарлатани и нивното „експертско“ мислење беше завидната бројка на реализирани проекти на Владата. Цели 3.500 проекти за десет години! Е пред вакви бројки и експертите молчат, нели. Зашеметуваат, признавам. Иако кратко, ама сепак. Ама и ве тераат да мислите. Ако сакате, се разбира, и умеете! Па така, иако не сум некој математичар, толку знам: тоа се 350 проекти годишно, што ќе рече еден проект дневно, со неколку дена (15) годишен одмор. И од проекти и од држава. Па мора и тие да здивнат, нели?!

2.

Се разбира, говорам за некаков просек, и ме чуди што ниту еден од „аналитичариве“ не обрнал внимание на тој податок. Дури ни шарлатанот Никовски. Нив повеќе ги импресионира формата – како сето тоа било организирано, па дедо (или чичко?) Страхил, па бројот на страниците на „Отчетот“ итн. – а не ја гледат суштината. Според која луѓево се убиле од работа. Зашто, повторно, тоа е еден проект дневно (во просек): да се смисли, да се организира, да се реализира, да се соберат ловориките…! Само човек што ништо не сработил во животот, ниту еден проект, поминува така бегло преку тој факт!

Иако, признавам, на втора мисла малку ме буни бројката 3.500. Некако е, прво, премногу заокружена. Зошто не се, на пример, 3.468 проекти? Тоа звучи некако понормално, поприфатливо односно нештелувано. Или навистина биле 3.500? И баш да се погоди по еден проект дневно, плус 15 дена годишен одмор кога никој нормален не работи? А всушност токму тој факт ме убеди дека овие не лажеле. Сигурно биле толку проекти зашто тие, по обичај, не одмораат, или и кога одмораат истовремено и работат. Ене, на пример онаа фамозна фотографија на „големиот архитект“ и фамозните очила што се сончаат на некоја плажа во Израел. Тоа само навидум е излежување, а всушност е напорна работа. Сосе очилата. Затоа, да сакале да наместат, да излажат, би кажале дека биле 3.650 проекти. Точно по еден дневно! Бидејќи народот, оној нивниот, точно знае дека тие работат и кога се на одмор. И ќе им поверуваа. Ама вака повеќе им веруваат.

Но, повторно, нешто ме буни: ако толку работеле, по еден проект дневно, кога стигнаа да го однесат сето она од земјава? По Белизе и други дестинации? Или тоа им се всушност „проектите“?

3.

Од друга страна, ме буни уште нешто. Ме буни и нивната некоординираност, што е недопустиво за една ваква влада која по правило била координирана во сè. Особено во тендерите, разнесувањата на домашните богатства, задолжувањата…! Ова го велам од причини што неодамна пишував за еден сличен „отчет“ – зашто кај овие не постои формата на извештај, со сите вообичаени, и неопходни параметри, особено финансиските, како во другите нормални држави – оној на Министерството за култура. И тогаш, актуелниве ни (не)културњаци, на чело со националната министерка за (не)култура, нè просветлија дека тие ја исполниле нивната годишна програма за цели 98 проценти! И не само тоа, туку тие да ти реализирале цели 2.000 проекти во изминатата година, што со проста математика покажува импозантни (речиси) 5,5 проекти дневно! И тогаш напишав, а сега повторно потпишувам: таков процент навистина не остварува ни малион Ким, а нашиов Гру може само да сонува.

И тука почнуваат сите мои дилеми околу ваквите „отчети“. (Тука начелно и завршуваат, се разбира, сè дури немаме подетални податоци – а ќе ги имаме, набргу, како што се одвиваат работите со Катица – особено оние со финансиски показатели). Односно, не можам да разберам како Владата, па нека е и без Гру, а не е, очигледно, дозволува вакви дискрепанци и подјебавања, особено од едно Министерство, па нека е и толку неозбилно како што е Министерството за (не)култура! Како можат да си дозволат само тоа Министерство, со такви дунстери и полуписмени залегнати внатре, за една година да сработи две третини од нивните десет години? Со што тогаш се фали таа Влада? Со трошки? И зошто воопшто се резилеле, па инсталирале толкава маса за да се соберат сите ко ритерите на полутркалезната маса, па печателе 10 кила тешка книга, па го мачеле пусти Страхил да доаѓа, а овој знаејќи го резилот си испратил делегат во ликот и името на Драган, итн.?

Ако веќе сакале да се прчат, а сакале, очигледно е, зашто на оној Гру му е досадно дома, најелегантно ќе го решеле проблемот со повторно експонирање на актуелната министерка за (не)култура – а се знае колку таа ужива да се слика и да говори глупости – и со нејзините 2.000 проекти пута десет години! Што ли тогаш ќе кажеше пусти Никовски? Ќе паднеше во несвест. Цели дваесет илјади проекти! А не овој, се трти со 3.500 сработени проекти, па ги испрашува министерчињана ко мали деца, па овие кутриве одговараат. Да не беше Страхил, пардон Драган, да ги насмее …

4.

Нормално, циркусов ќе заврши, кога-тогаш. А со него и сите шарлатани и шетачи по жица што задолжително се муваат околу таквите шатори. Тогаш сигурно ќе го дознаеме вистинскиот обем на тие 3.500 „проекти“ за десет години, и оние 2.000 „проекти“ за една година. Тогаш ќе почне и новиот циркус, оној на Катица, со новото испрашување. И сè ќе се разјасни!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Странски служби