Гробарите на капитализмот (1)

24.03.2016 11:53
Гробарите на капитализмот (1)

„Капитализмот“ извесно време беше забранет збор, барем во политиката на средната струја и медиумите кои кон него се однесуваа како кон левичарска пцовка. Наместо тоа, добивме „приватно претприемништво“, „слободен пазар“ итн. Сега зборот се врати во вообичаената употреба, но неговото значење сè уште знае да биде помалку магливо.

Ако ги прашате луѓето да ја изнесат својата дефиниција за капитализмот, повеќето од нив ќе реферираат на пазарите и трговијата. Кое било општество со развиена комерцијална активност, особено (но, не само) онаму каде размената и индустријата се наоѓаат во приватна сопственост, би можеле да ги вброиме во таа категорија.

Некои луѓе инсистираат на прецизна дефиниција на тој поим. Јас сум една од нив – и често нè критикуваа дека изнесуваме премногу прецизна дефиниција (повеќе за тоа подоцна). Но, мене ми изгледа дека постојат некои предности во тоа дека сме недвосмислени по прашањето како капиталистичкиот систем навистина се разликува од која било друга општествена форма – барем ако сакаме да сфатиме зошто функционира како што веќе функционира, без разлика дали во релативно (добри) или лоши времиња.

Дефинирањето на капитализмот

Значи, што подразбирам под капитализам? Капитализмот е систем во кој важните економски актери за исполнување на основните барања за живот зависат од пазарот. И другите општества имале пазар, често во големи размери; но само во капитализмот пазарната зависност е фундаментален предуслов за живот на сите луѓе. А, тоа подеднакво се однесува и на капиталистите и на работниците.

И самиот однос помеѓу капиталот и работата е посредуван од пазарот. Наемните работници мораат да ја продаваат својата работна сила на капиталистот едноставно за да добијат пристап до средствата за својот сопствен живот, па дури и до средствата за сопствената работа; а, капиталистот зависи од пазарот за пристап до трудот и остварување профит кој го создаваат работниците. Секако дека постои огромна несразмерност во класната моќ помеѓу капиталот и трудот, но капиталистите не зависат помалку од пазарот за да се издржуваат себеси и својот капитал.

Во некапиталистичките општества, директните производители како селаните вообичаено ги поседувале своите средства за издржување и производство (земја, орудија итн.), така што не биле зависни од пазарот. Заради тоа, доминантната класа морала да ја впрегне надмоќта за да го присвои вишокот труд од она што Маркс го нарекува „вонекономски“ средства – т.е принудната сила од оној или овој вид: правна, политичка или воена – како, на пример, кога феудалниот господар извлекува рента или работни услуги од селаните.

Капиталистичките профити, пак, не се извлекуваат директно од работниците.

Капиталистите ги плаќаат работниците однапред и мораат да остварат добивка со продавање на она што го произведуваат работниците. Профитот зависи од разликата помеѓу она што капиталистот им го плаќа на работниците и тоа што тој/таа го извлекува од продажбата на производите и услугите кои ги пружаат работниците. Фактот дека капиталистот може да оствари профит само ако успее да ги продаде своите добра и услуги на пазарот, како и да ги продаде за цена повисока од трошоците за нивно производство, значи дека нивното остварување профит не е неизвесно.

Исто така, капиталистите мораат да се натпреваруваат со други капиталисти на истиот пазар за да обезбедат профит. Впрочем, натпреварот е движечката сила на капитализмот – дури и ако капиталистите често со сета сила се трудат да го избегнат, на пример, по пат на монопол.

Но, општествениот просек на продуктивноста кој на кој било пазар го одредува успехот и ценовниот натпревар, се наоѓа надвор од контрола на поединечните капиталисти. Тие не можат да наметнат да се воспостават цени по кои нивните производи ќе се продаваат успешно и дури однапред не знаат ниту кои услови се нужни за продажбата, а камо ли профитабилна, да биде сигурна работа.

Единственото нешто што капиталистите можат да го контролираат во значаен опсег се нивните трошоци. На тој начин, затоа што профитите зависат од поволниот сооднос цена-трошок, ќе направат сè што е можно за да обезбедат профит што, пред сè, подразбира намалување на трошоците за работа; а, тоа бара постојани подобрувања во работната продуктивност, да се пронајдат организациски и технички средства за екстракција на колку што е можно повеќе вишок од работниците во рамки на фиксниот временски период, по најмал можен трошок.

Продолжувањето на тој процес бара редовни инвестиции, реинвестиции на вишоците и константна акумулација на капиталот. Тоа барање е наметнато од капиталистите без оглед на нивните лични потреби и желби, независно дали тие се израз на алтруизам или алчност. Дури и најскромниот и општествено одговорен капиталист е предмет на такви притисоци и е принуден да акумулира за да го максимизира профитот, само за да продолжи со работата. Потребата на капиталистите да усвојуваат стратегии за „максимизирање“ е основна караткеристика на системот. На тој начин во целиот капиталистички систем оперираат пазарните императиви, компулзиите од наптреварувањата, максимизацијата на профитот, акумулацијата на капиталот и немилосрдниот императив да се унапреди продуктивноста на работата за да се намалат трошоците со цел да се намалат цените.

Што не е капитализмот

Тоа нè доведува до тоа што не би бил капитализмот. Постојано зборувам за императивите на капиталистичкиот пазар, а она што го сугерирам е дека постои есенцијална разлика помеѓу императивите и можностите. Високоразвиените комерцијални мрежи се појавиле во текот на човечката историја на различни континенти; и, само да споменам некои клучни европски примери/случаи, постоеле општества, како флорентинското или холандските републики, во кои комерцијалните интереси биле доминантни во политичка и економска смисла. Исто така, Франција имала напредни/развиени и далекусежни комерцијални мрежи. Но, дури и толку развиените комерцијални општества не биле подложни на специфично капиталистичките принципи на постојано акумулирање за да се задоволи постојаното натпреварување – беспоштеден притисок да се зголеми работната продуктивност за да се намалат трошоците.

Елитите во таквите општества вообичаено сè уште се потпирале на стекнување богатство со „вонекономска“ моќ, на легална, политичка и воена надмоќ и принуда. На пример, јавната служба била важен извор на приходи. Дури и комерцијалниот успех многу зависел од надмоќта во преговарањето на одвоените пазари (како дистинктивни во однос на компетитивноста во интегрираниот пазар) – служејќи се, на пример, со доминацијата во управувањето со трговските патишта, како и монополите и трговските привилегии кои ги пружаат владите, да не ја споменуваме директната воена сила со која често управуваат приватните компании.

Тие комерцијални општества можеби се впуштаат во значајно производство и можеби постигнуваат значајни технички иновации, но тие имаат помали врски со унапредувањето на компетитивноста, а поголеми со сè поголемиот аутпут за да имаат корист од растечкиот пазар. Со намалувањето на бројот пазарни прилики кореспондирало и повлекувањето на инвестициите за производство – за разлика од капитализмот во кој пазарните прилики кои се во опаѓање всушност можат повеќе да ја интензивираат отколку да ја ослабат потребата да се одговори на пазарните императиви.

Така, кога западноевропските економии западнале во криза по 1660 година, богатите елити во Холандската Република престанале да инвестираат во земјата, а со текот на времето и во индустриското производство. До средината на 18 век, непродуктивните рентиери располагале со далеку најголемо богатство.

Тоа било во остар контраст во однос на она што истовремено се случувало во Англија. Претходните години, Англија во некои аспекти заостанувала зад своите европски соседи во комерцијалниот развој. Но, англиската економија – особено земјоделскиот сектор – бил првиот во историјата во кој производството директно го придвижувале императивите на натпреварот, максимизирањето на профитот и акумулацијата на капиталот. Значајна класа англиски земјоделски производители, повеќето селани-закупници, се искачила на руините на селанството чија земја била експроприрана. Одвоени од средствата за издржување, тие аграрни капиталисти зависеле од пазарот, и какви и да биле нивните потрошувачки потреби, тие морале да одговорат на пазарните императиви.

Тие можеби не биле принудени да ја одржуваат просечната профитна стапка како што тоа го прави модерниот капиталист, но произведувањето за профит кое ги надминува нивните сопствени потреби за одржување било предуслов за нивниот континуиран пристап до земјата и претпоставката за производство за нивното сопствено одржување. Заради тоа, тие производители биле предмет на притисокот цена-трошок на сосема нов начин, а последица од тоа е дека дошло до сеевропска криза и, кога цените на земјоделските производи во пад резултирале со интензивирање на натпреварот, во Англија, за разлика од Холандија и остатокот од Европа, тоа поттикнало пораст на продуктивното инвестирање во нови технологии за да се зголеми работната продуктивност и трошковната ефективност.

Таквиот исход во осумнаесетвековната Англија, кој често се опишувал како аграрна револуција, се сведувал на постојано намалување на трошоците кое довело до пораст на реалните надници, раст на домашниот пазар, надминување на малтузијанските „популациски тавани“ што било првиот чекор до „самоодржлив раст“.

Тој историски контраст ја расветлува есенцијалната разлика помеѓу некапиталистичките комерцијални општества и економиите кои ги придвижува пазарниот императив да се подобри компетитивноста со зголемување на работната продуктивност. Поинаку кажано – во современиот економски жаргон – може да се каже дека во тие некапиталистички комерцијални општества финансискиот сектор – со трговија и собирање ренти – бил „реалната економија“ за разлика од капиталистичките општества во кои финансискиот сектор вообичаено се подредува и развлекува од „реалното“ производство добра и услуги.

Вообичаено, трговците зависеле од евтиното купување на еден пазар и скапото продавање на друг, или од посредувањето и преговарањето на посебните пазари. Ако започнеле инвестиции во производството, комерцијалната активност ќе можела да продолжи на својот традиционален начин. Во исто време, производителите како што биле селаните, кои поседувале средства за издржување и заради тоа биле мошне заштитени од компетитивните огради, никогаш не зависеле фундаментално од задоволувањето на пазарните императиви и сè уште можеле да произведуваат за задоволување на своите основни потреби.

Тоа е во остар контраст со развиените капиталистички општества во кои, како капиталот така и трудот, го продолжуваат производството, а нивниот опстанок зависи од послушноста на пазарните императиви во темелите на општествениот поредок.

Финансиските интереси сигурно можат да се одвојат од производството или „реалната економија“; но, тогаш мора да се објасни како и зошто, во капиталистичкиот систем, финансиските шпекулации можат и ќе се извлечат од реалната економија исклучиво така што последиците ќе бидат лоши (како што беше додека траеше моменталната криза) – што е објаснување кое бара специфично поимање на она што капитализмот е (и што не е).

Суетата на буржоаската револуција

Магливите поимања на капитализмот не можат да објаснат што е специфичноста на капиталистичкиот систем како нешто дистинктивно во однос на која било друга општествена формација, а тоа делумно е затоа што избегнуваат едно друго прашање: од каде воопшто дојде тој. Ако капитализмот постоел отсекогаш – на некој начин – или ако не постои забележлив процес на историски промени од некапиталистичките општества во капитализам, тогаш нема што повеќе да се каже за неговата специфичност.

Од 18 век, па натаму, вообичаените објаснувања за потеклото на капитализмот земале здраво за готово дека капитализмот постоел во ембрионска форма од памтивек, откако постоеле пазарите и трговијата. Со доволно трговија и можности да заработат пари, порано или подоцна, продавачите почнале да се однесуваат како капиталисти: се специјализирале, акумулирале и внесувале иновации.

Ако нешто во тој поглед бара објаснување, тогаш тоа е неуспехот да се отстранат пречките – политички или културни – кои предолго пречеле комерцијалната активност да допре до критичните маси и спонтано да го создаде капитализмот во вистинската смисла на зборот. Тоа можеме да го наречеме „комерцијализациски модел“ од капиталистичката историја кој датира (барем) од самиот Адам Смит во Богатството на народите.

Така што таквата верзија на капиталистичката историја веќе одамна е преџвакана приказна. Но, матното поимање на капитализмот кое лежи во неговото срце неодамна стана особено клучно за школата на марксистичката мисла која ги обвини луѓето како мене (оние кои сакаат да се нарекуваат политички марксисти) за „ексцентрично тесно поимање на капитализмот“ (Алекс Калиникос и Камила Ројл, „Pick of the Quarter“, International Socialism 142, 2 април 2014).

Нивното сопствено поимање во голем дел се совпаѓа со комерцијализацискиот модел, со посебен нагласок на технолошкиот напредок како есенцијална движечка сила. Но, во самата срж на нивните идеи се наоѓа концептот на „буржоаската револуција“. Всушност, клучната поента на нивната нејаснотија во врска со дефинирањето и историјата на капитализмот е спасување на концептот на буржоаската револуција. (Види Нил Дејвидсон, How Revolutionary Were the Burgeois Revolutions?, Haymarket, 2012; „Is There Anything to Defend in Political Marxism?“ International Socialist Review 91, 14 август 2014.)

Како и самиот комерцијализациски модел, буржоаската револуција е стара приказна која не ја измислија марксистите. Но, вообичаениот историски наратив за капитализмот направи значаен пресврт кога почна да се поврзува со идејата дека „буржоаската револуција“ била од пресудно значење во отстранувањето на пречките за напредување до комерцијалното општество.

Француските историчари, пред сè Франсоа Гизо, биле оние кои почнале да размислуваат за модерната западна – или, згора на тоа, глобалната – историја како марширање напред на буржоазијата во класниот конфликт со повеќе назадни сили и тие почнале да ги толкуваат историските настани (општествени востанија, граѓански војни или дури и процесот на индустријализација) преку имагинариумот на револуцијата извлечен од најнеодамнешните револуционерни искуства на своите народи.

Историчарите како Гизо на Англиската граѓанска војна ѝ доделиле статус на буржоаска револуција (а, подоцна на британската индустријализација како индустриска револуција). Поврзувањето на француската и британската историја како последица е мешање на подемот на капитализмот со напредокот на буржоазијата.

Тешко дека можеме да претераме во нагласувањето на метежот кој произлегол од тоа историско мешање кое воедно е многу одговорно за поистоветување на „буржујот“ со „капиталистот“. Во изворното значење на францускиот јазик, „буржоазијата се однесувала на жителите на градот и, во некој момент, почнала да ги означува поимотните сегменти на Третиот сталеж. Но, капитализмот во прецизна смисла на зборот немал голема врска со тоа.

Можеби е разумно да се опишува Француската револуција како буржоаска – т.е, како конфликт помеѓу буржоазијата и аристократијата – сè додека буржоаското не е поистоветено со капиталистичкото и додека се разбира дека не се работело за капитализам. Типичниот револуционерен буржуј не бил капиталист или дури предкапиталистички трговец, туку службеник или професионалец. Отпорот на буржоазијата кон аристократијата не може да се сведе на извлекувањето на капитализмот, туку на оспорување на аристократската привилегираност и привилегираниот пристап на државната служба.

Англиската револуција, пак, може разумно да се опише како капиталистичка, затоа што била вкоренета во капиталистичката сопственост и дури ја водела класата која во суштина била капиталистичка. Но, не била особено буржоаска. Не само што немало класна борба помеѓу буржоазијата и аристократијата, туку доминантната капиталистичка класа всушност била земјопоседничка на аристократијата.

Мешањето на тие историски примери ја направило „буржоаската револуција“ централна тема за капитализмот. Кога тоа веќе се случило, почнало да игра клучна улога во прашалното дискутабилно објаснување, или подобро кажано необјаснување, на потеклото на капитализмот. Кога тоа еднаш е земено здраво за готово, дека буржоазијата е инхерентно и според дефиницијата капиталистичка, можело само да се претпостави дека капитализмот веќе постоел, и дека требало само да се објасни не само потеклото на капитализмот, туку триумфот на буржоазијата и последичното отстранување на пречките за победа на капитализмот во конфликтите со поназадните сили.

Таа тенденција станала најмногу видлива во различните марксистички традиции. Вистина е дека самиот Маркс бил под влијание на делото на Гизо и наративите на буржоаскиот напредок; но во своите зрели анализи на капитализмот се извлекол далеку над идејата за историскиот развој и класната борба од типот на Гизо. (Дури и во своето претходно дело, особено во Комунистичкиот манифест, веќе се наѕирале значајни отстапувања од влијанието на францускиот мислител.)

Меѓутоа, идејата за буржоаската револуција, како нужен стадиум во историјата кој е достигнат со класната борба помеѓу буржоазијата и назадните земјопоседнички класи, се утврдила во симплицистичката ортодоксија кога била користена да ја поддржи сталинистичката доктрина за „социјализам во една земја“ за разлика од онаа на Троцки за „перманентната револуција“.

Сепак, идејата за буржоаската револуција како историски настан погоден од класниот конфликт помеѓу, од една страна, капиталистичката класа трговци и индустријалисти во подем и, од друга страна, назадната феудална аристократија, сè потешко се одржувала во конфликтот со растечките историски докази дека никаде не се случила некоја директна класна борба помеѓу земјопоседничката аристократија и капиталистичките класи, па дури ни во Франција. Заради тоа, буржоаската револуција во својата најнедоработена верзија е напуштена веќе одредено време.

Кон вториот дел.

Илустрации: Satoshi Kambayashi

Извор: http://www.zarez.hr

ОкоБоли главаВицФото