Девојка се сомнева дека момчето е со неа само поради разговор

24.03.2016 12:12
Девојка се сомнева дека момчето е со неа само поради разговор

Скопје, 24 март 2016

Елеонора Танчевска, студентка од Скопје, признава дека во последно време често ја преиспитува својата врска зашто е убедена дека нејзиниот партнер Атанас е со неа исклучиво поради разговор.

Цели две години, колку што овој млад пар се забавува, не се исцрпени неговата страст и желба да зборува со часови со неа за сите теми кои ѝ се важни.

„Не знам ни сама како да го објаснам тоа, но моето момче е секогаш расположено да разговара со мене, внимателно да ме сослуша и да го каже своето мислење за секоја тема што ќе ја покренам“, објаснува Елеонора.

Во почетокот тоа не ѝ пречело, зашто, како што вели, секој почеток на врската е таков.

„Паровите сакаат што подобро да се запознаат, па внимателно се слушаат еден со друг. Не сакам јавно да зборувам за интимните работи, но навистина немам причина да се жалам. Сепак, сè повеќе ми се чини дека нашата врска се заснова исклучиво на разговор. На пример, вчера со часови зборувавме за чевлите и фустаните кои ги видов во град, а тој цело време ме слушаше иако на телевизија имаше фудбал. Секој наш состанок завршува со разговор и тоа почна да ме загрижува“, раскажува оваа млада студентка.

Таа додава дека е шокирана и од фактот дека нејзиното момче никогаш не заборава што треба да купи во продавница, а ѝ се чини и дека ужива при заедничкото одење во шопинг.

„Сето тоа ме прави многу несреќна, имам впечаток дека воопшто не ме сака. Знам дека не барам многу. Само понекогаш сакам да се почувствувам како жена, да му кажам нешто, а тој расеано да ме погледне во очи и со својот длабок машки глас да каже: извини, не те слушав“, искрено признава Елеонора.