1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Пред нешто малку повеќе од еден век, Вилијам Самнер – првиот американски професор по социологија – напишал дека „количеството на празноверие не е воопшто сменето, но тоа е денес поврзано со политиката, а не со религијата“. Оваа остроумна забелешка е уште повеќе вистинита денес, кога политичкото празноверие веќе децении опстои како доминантна состојба на духот во постдемократските општества. Денешното политичко празноверие – колку и тоа да звучи контроверзно - претставува воедно и причина за слабеењето на демократиите и настанувањето на постдемократските авторитарни режими, но и нивна последица. Зашто, според објаснувањата на Карл Попер, суштинско својство на затворените патријархални заедници, што значи и авторитарните и тоталитарните општества, е што тие не прават разлика помеѓу природните закони и социјалните закони и обичаи. Поради тоа, сите овие општества неминовно ја форсираат органската колективистичка држава во која постои само една „природна вистина“, во која, поради тоа, критичкото мислење е апсолутно невозможно. Е, токму во такви општества состојбата на духот на луѓето се претвора во слепо празноверие исполнето со дневнополитичка, а не со религиозна содржина. Ова слепо и бессодржинско празноверие – еден вид колективна глупавост - е толку суштински поврзано со тоталитаризмот, што станува мерка за длабочината и сеопфатноста на неговата инсталираност. Мерењето на оваа глупочина е структурално овозможена од контрастот помеѓу формалните својства и функционалните перформанси на институциите на тоталитарниот систем, односно од драстичната разлика помеѓу нештата какви што се според уставот и какви што се во реалноста. При што, се разбира, колку што е поголем контрастот помеѓу уставната дефинираност на институциите и нивното фактичко функционирање во стварноста, толку е општеството пототалитарно и толку неговото население повеќе манифестира политичко празноверие.
Дека ова политичко-религиско празноверие закономерно произведува колективен колапс на разумот на целото општество, не мора да проверуваме на примерот на Северна Кореја, зашто Македоња Вечна стана вистински експериментален полигон за набљудување како тоа регресивните историски процеси - како што е фашизацијата на библиската земја – предизвикуваат смут не само во самоспознавањето на луѓето, туку и во перцепцијата на стварноста. Постапувањето на Уставниот суд во врска со иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за помилување, и реакциите по повод овој подол атак на моралните основи на општеството, се одличен пример за когнитивниот хаос што тоталитаризмот го предизвикува во главите на луѓето. Тажен пример за овој хаос е практично унисоната реакција на разочарување и индигнација на јавноста од криминалното однесување на „мнозинството“ уставни судии (тука, се разбира, ја подразбирам нормалната јавност, а не ментално и морално декомпонираните јуришници на ВМРО-ДПМНЕ). Оваа спонтана реакција - која ги вклучува и експонираните домашни и меѓународни политички „играчи“ и коментатори – укажува на нивното изневерено очекување дека Уставниот суд сепак ќе постапи според словото на Уставот, а не според приоритетот за обезбедување на неказнивост на криминалците од ВМРО. Но, зошто?
На што се темели ова очекување, освен на слепата и во ништо втемелена верба во некаква вонреална „природна“ беневолентност на демократските институции, спротивна на сите факти од реалноста? Конечно, Уставниот суд пресуди „само“ спротивно на словото и духот на Уставот, но сосем во согласност со својата повеќегодишна практика, односно во согласност со својата вистинска природа – да биде инструмент на една криминална партиска држава. Во таа смисла, првото на што треба да се потсетиме е дека Уставниот суд – заедно со владата, парламентот и судството – е директно одговорен за повеќегодишната инсталација на партијата на власт во институциите на државата. Оваа злосторничка инсталација, конечно, е единствено „заслужна“ за незаконскиот избор на „мнозинството“ од судиите во Уставниот суд (во кој, во нормални услови, никогаш не би можеле да сонуваат ниту да ѕирнат). Второ, тука е и одговорноста на судот за неказнетото донесување на повеќе стотици неуставни закони со коишто е воведена незапаметена централизација на власта и со коишто се инсталирани безброј инструменти за контрола на сите аспекти на општествениот живот. Трето, ред е да се сетиме и дека овој суд е непосредно одговорен што ја овозможи законската, планската и градежната реализација на „проектот Скопје 2014“, со своето одбивање да постапува во согласност со Уставот и со својата уставна функција. Потоа, треба да потсетам и дека овој ист суд не само што ниту еднаш(!) не постапи според својата ексклузивна уставна надлежност за заштита на човековите права на граѓаните (во услови на нивно масовно кршење од страна на режимот), туку и активно ги „легализираше“ законските инструменти на режимот во нивното системско кршење, како што беше случајот со таканаречената лустрација. Итн, итн.
Така што - рака на срце - стварно мислам дека Уставниот суд постапи „правилно“ во овој случај, односно искрено и во потполна согласност со својата вистинска природа. Тоа не значи дека сметам дека оваа одлука не е одвратна, неморална и неуставна, но е отрезнувачки чин што придонесува кон согледувањето на вистинската реалност на Македоња Вечна, колевката на белата раса, и на целата човечка цивилизација, а, богами, и на сите нејзини биолошки претци – сè до оној прото-стаорец што ја преживеал катаклизмата на диносаурусите пред 65 милиони години. И, можеби прв пат не се согласувам со црната мачка на Ванхојте – дека сме се оддалечиле светлосни години од Европа, зашто, гледано системски и реалистично, ние сме точно таму кај што навистина сме – „на дното од калливата јама, сместена длабоко во балканскиот јаз“. Но, по криминалната одлука на Уставниот суд, ние се стекнавме со подобар увид во реалноста, па поради тоа и со подобри шанси да се избориме за нашата виделина и за остварување на европските вредности. Не, ова не е шега, почитувани читатели, зашто ако замислите Уставниот суд да постапеше како што сите добронамерни обожувачи на култот на самоостварувачката демократија од него бараа, немаше да бидеме ниту милиметар поблиску до Европа, туку само ќе бевме подалеку од јасниот увид во нашата грда реалност. Истото важи и за судовите и јавното обвинителство: зарем нивното – замислено, се разбира – соработување со Специјалното јавно обвинителство, ќе ја подобреше нивната тотално партизирана состојба, или пак, само ќе нè поддржеше во заблудата – и нас и меѓународната заедница – дека решавањето на „политичката криза“ е можно со помош на истите тие криминални партиски органи и институции? Ма, ајде, ве молам!
Добро, не велам дека нашата повеќекратно изопачена стварност на нелегални институции што ги спроведуваат уставните надлежности на неуставен начин, произведуваат едноставна и лесно читлива реалност. Еве, на пример, нашиот „искрен“ Уставен суд е легален само според својот формален позитивистички статус, демек само де јуре, но е сосем нелегален де факто, зашто во реалноста одлучува и се однесува спротивно на Уставот. Но, ако ѕирнеме во членот 109 од Уставот на РМ, став 4, каде пишува дека „судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници“, ќе заклучиме дека е всушност обратно, дека судот е нелегален де јуре, зашто мнозинството судии, што никогаш не биле „истакнати правници“, се избрани очигледно спротивно на Уставот! Но, тоа не им пречи да си ги носат судиските тоги - де факто. И, уште повеќе, ако се потсетиме дека нив ги избрало нелегално парламентарно мнозинство, „избрано“ со најмасовната изборна измама во современата историја, за потоа тие нелегални уставни судии да одлучуваат спротивно на Уставот, што треба да очекуваме ние – празноверниците на демократскиот култ, од тоа изопачено криминогено дувло? Ништо повеќе од она што тие навистина се: членови на партиската мафија што ги држи под окупација институциите на македонската држава!
Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња