Уметничката двојка Темерсон – пионери на полската авангарда

26.03.2016 01:16
Уметничката двојка Темерсон – пионери на полската авангарда

Претставата „Кралот Иби“, во режија на Мајкл Мешке во театарот Марион, Стокхолм, 1964.
Костими и кукли дизајнирани од Франциска Темерсон

Кој? Партнерите и доживотни соработници, Франциска и Стефан Темерсон се пионери на предвоената полска кинематографска авангарда. Никогаш не држејќи се до строго воспоставените параметри, нивната практика не го опфаќала само филмскиот свет, туку и оној на фотографијата, сликарството, театарскиот дизајн, литературата, поезијата, илустрацијата и издаваштвото. Од 1929 година, па сè до нивната смрт во 1988 година, двојката била посветена на поривот, преку експериментирање постојано да ги предизвикува конвенциите.

Со хумор и доза на апсурд, тие се соочувале со прашања како што се слободата, етиката, јазикот и човечката состојба, во филмовите кои наликуваат на колажи во движење, и литература која се спротивставува на линеарните начини на читање. Во склад со духот на нивните современици, дадаистите и надреалистите, нивниот субверзивен сензибилитет отвора длабока верба во потребата од спротивставување на човечкиот конформизам, бесмислата и нечовечноста. И сето тоа се случува за време на суровата клима на претстојната војна, со Хитлер од едната страна на границата на Полска, а Сталин од другата. Токму во такво бурно време, Франциска и Стефан Темерсон се истакнуваат како првите полски уметници кои прават експериментални филмови.

Франциска и Стефан Темерсон, Лондон, 1977

Во 1929 година, пред да се спојат нивните животни патишта, Франциска Веинлес, ќерка на еврејскиот сликар Јакуб Веинлес и пијанистката Луција Кауфман студирала сликарство на Академијата за ликовни уметности во Варшава. Стефан Темерсон, син на лекар, бил објавуван поет и писател кој флертувал со физиката пред да почне да експериментира и во областа на архитектурата. Откако и двајцата дипломирале, во 1938 година двојката стапила во брак, а истата година емигрирале во центарот на светот на уметноста, Париз. Режирале пет филмови, заеднички основале филмска кооператива и го објавиле филмското списание „f.a“. Војната набрзо ги пресретнува и во Париз, па биле принудени да се разделат еден од друг, по што Стефан се приклучува на Францускиот отпор, а Франциска се сели во Лондон.

Во 1940 година тие повторно се спојуваат во Big Smoke, и ја основаат издавачката куќа Gaberbocchus Press за да ја канализираат својата неограничена креативност која претставува спој од талентот на Франциска за илустрација и дизајн на книги, до поезијата на Стефан, приказните за деца и теоријата на уметноста. Стануваат најзначајната повоена авангардна двојка во градот, и издавачи кои овозможиле да бидат објавени најпочитуваните уметници и писатели во историјата.

 

Цртеж на Фрациска Темерсон за првата англиска новела на Стефан, „Bayamus“

Што? Со целиот свој опус, двојката Темерсон го галванизира иконокластичниот дух на европската авангарда, со одредена наклонетост кон укинување на границите на медиумите во кои работеле. Кога станува збор за филмот, важно е да се каже дека Стефан ги измислува т.н. „фотограми во движење“, еден вид на „фотографија без камера“ која може да создаде контури и сенки на хартија, давајќи илузија на движење и апстракција.

Иако нивните апстрактни форми биле блиски на оние на нивните конструктивистички предци, за жал нивните утописки идеали биле нарушени од страна на подемот на фашизмот. Нивната работа најмногу се потпира на поетиката на Дада. Еден од најпознатите филмови на двојката, „Европа“ (1931), содржи надреални спротивставености кои наликуваат на дадаистички колажи кои му избегале на филмскиот јазик од тоа време. Во меѓувреме го режираат нивниот единствен филм во боја, Calling Mr Smith (1943), кој прикажува споени фрагменти од трејлер снимка со фотограми, страници од книга и постери кои служеле како обединувачки повик упатен кон британската јавност со цел таа да ги отвори очите за нацистичките злосторства. Нивната естетика секогаш била неразделна од политиката.

„Scream“ (1930-31), фотомонтажа на Стефан Темерсон искористена во филмот „Европа“ (1931-32)

Се разбира, сите не ги прифаќале радикалните форми на уметност на авангардната двојка Темерсон. Соочувајќи се со одбивањето, во 1948 година тие основаат свој медиум, преку кој би можеле да ја шират прогресивната култура. Издавачката куќа Gaberbbochhos била соодветно именувана според латинската верзија на апсурдната песна на Луис Керол насловена „Jabberwocky“, како знак кој упатува на апсурдниот сензибилитет. Сместени во својот стан во Маида Вале, биле посветени на книги кои „повеќе ќе бидат љубопитно набљудувани, отколку што ќе се продаваат“, со други зборови, книги, кои биле експлозивни како во поглед на формата, така и со содржината, фаворизирајќи иновативни комбинации на текст и слика.

Освен со литературата на Стефан, Gaberbocchus Press храбро ја запознава британската публика со текстови на културните пионери како Алфред Жари, Курт Швитерс, и Гијом Аполинер. Анархичната драма на Жари, Кралот Иби (1896;1951) станува предводник во нивното објавување - монструозна критика на декаденцијата на fin de siècle*, спој на дивјачки хумор и комично мегаломанство. Рачно и ингениозно илустрирана од Франциска, гротескната апсурдна претстава имала големо влијание врз илустраторката, која продолжила да дизајнира и костими и кукли за многубројните и различни изведби.


Колаж на Стефан Темерсон со Франциска и Мер Убу, 1969/70

Зошто? Во ова време во кое уметниците обично работат во неколку медиуми и канали, опусот на Франциска и Стефан Темерсон нуди бескрајна инспирација за мултидисциплинарна пракса. За среќа, љубителите на уметност во Лондон, во текот на следните неколку месеци ќе имаат можност да ја видат изложбата Books, Camera, Ubu во уметничкиот центар во Камден.

Фокусирајќи се на филмската пракса на двојката Темерсон, издавачката куќа Gaberbocchus Press, и различните визии на Франциска за Кралот Иби, изложбата нуди широк поглед во нивните разновидни остварувања. Иако само последните два од седумте нивни филмови преживеаа, архивскиот материјал нуди многу визуелни и текстуални индиции за радикалните експериментални начини на кои се развиваат подвижните слики. Она што може да биде проблематично да се прикаже на оваа изложба, не е само иновативниот пристап кој тие го стекнале во текот на нивната пракса, туку исто така и начинот на кој ја спојувале содржината и формата - политиката и естетиката.

Франциска и Стефан Темерсон во нивното студио, Париз, 1938

Фотографии од филмот „Авантурите на добриот граѓанин“ (1937), Франциска и Стефан Темерсон

Филмски фотографии од „Авантурите на добриот граѓанин“, Франциска и Стефан Темерсон

Фотографии од филмот „The Eye & The Ear“, 1944/45, Франциска и Стефан Темерсон

 

Цртеж на Франциска Темерсон

Цртеж на Франциска Темерсон


*Fin de siècle е француски термин кој упатува на „крајот на векот“, термин кој реферира на завршувањето на една ера и почеток на нова. Поимот обично се однесува на крајот на 19-ти век. Овој период се смета за период на дегенерација, но во исто време и период на надеж за нов почеток. „Духот“ на fin de siècle често се однесува на културните карактеристики кои се препознаени како истакнати во 1880-тите и 1890-тите години, вклучувајќи ја апатијата, цинизмот, песимизмот... и раширеното верување дека цивилизацијата води кон декаденција.

Извор: www.anothermag.com

ОкоБоли главаВицФото