Чесните судии треба да го напуштат т.н. Уставен суд!

27.03.2016 23:58
Чесните судии треба да го напуштат т.н. Уставен суд!

Четворицата уставни судии, Гзиме Старова, Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта и Сали Мурати, кои гласаа против Законот за помилување, излегоа со издвоено мислење во кое образложуваат зошто биле против да се зголемат ингеренциите на претседателот.

Во врска со нивниот став и со објавеното мислење, на социјалните мрежи и во поширокото медиумско пространство се јавија фантастични хвалоспеви, судиите се прогласуваат за херои и им се изразува бескрајна благодарност.

Јас мислам дека судиите постапија во склад со законските, професионалните и моралните дефиниции на својата функција и дека во нивните ставови нема никакви херојски дела.

Точно е дека стандардите и вредносните ориентири во Македонија се тотално нарушени, но од тие деформации нема да можеме да излеземе ако паѓаме во несвест од тоа што некој си ја врши работата така како што треба.

Јас би сакал да го заострам дискурсот во врска со темата и да кажам дека четворицата судии се наоѓаат во ситуација во која единствено со демонстративното заминување од мафиотското дувло на злосторничкото здружување на власта, во што е претворен таканаречениот Уставен суд, можат да ги задржат неоштетени своите неспорни професионални и морални интегритети!

Драматичната ситуација во судот има битни реперкусии врз општеството и во општеството и во таа смисла нивното решение да дадат откази или оставки или да бараат разрешувања, не знам како се тие постапки регулирани со законот, е единствениот вистински одговор на предизвиците што ги налага ситуацијата!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: ШкАрт