Дали мажите треба повеќе да инвестираат во пријателствата?

28.03.2016 00:54
Дали мажите треба повеќе да инвестираат во пријателствата?

Истражувањата покажуваат дека кај машките стаорци е забележано помало ниво на стрес кога поминуваат повеќе време заедно - истото би можело да важи и за луѓето.

Според извештаите на медиумите од истражувањето објавено во списанието „Neuropsychopharmacology“, поврзувањето и пријателските односи со други момци може да го намали стресот кај мажите. Мажите кои се блиски едни со други имаат повисоко ниво на окситоцин, популарно познат како „хормон на гушкањето“, што им овозможува полесно да се справуваат со стресот.

Податоците од оваа студија доаѓаат од истражување спроведено на стаорци, па затоа, покрај тоа што поради сличните биолошки и генетски карактеристики глодарите често се користат за да се испитаат состојби кај луѓето, сепак треба да се претпостави дека постојат разлики. Истражувачите ставаат парови стаорци во кафези во период од една недела, а потоа секој од нив го сместуваат во мал затворен простор во период од три часа. Истражувачите забележале дека кога стаорците повторно биле соединети биле многу подруштвени отколку што претходно биле под стрес.

Елизабет Кирби, автор на студијата и постдокторски соработник на универзитетот Стенфорд, вели: „Не можеме да го разбереме јазикот на стаорците, но сметаме дека тие не можат да дочекааат да му кажат на својот пријател дека некои чудни луѓе ги затвориле сами во соба.“ Тие дури и повеќе се допирале едни со други додека биле заедно. Но, пред да им стане премногу забавно, истражувачите го мереле нивото на окситоцин во мозокот (што во голема мера предизвикало ставање крај на пријателството). Тие откриле дека нивото на окситоцин кај стаорците со партнер било повисоко. Со оваа студијата не било утврдено дали машките стаорци би ја имале истата корист на намалување на стресот доколку би биле затворени со женски стаорци, бидејќи, како што вели Кирби, стаорците не можат да останат во платонски однос. Тие секогаш имаат секс.

Кирби тврди дека ова истражување носи важна порака за мажите. Социјалната активност го зголемува нивото на окситоцин и ве штити од стресот. Мажите, вели таа, понекогаш се обвинуваат за создавање површни пријателства, но нејзиното истражување укажува на тоа дека пријателството не мора да биде длабоко за да имаат здравствени придобивки. „Кој било вид на социјално поврзување го зголемува нивото на окситоцин, тоа не мора да бидат длабоки дискусии“ – вели таа. Па дали овие податоци можат да бидат изговорот кој ви е потребен за да одите на пиво со вашите пријатели?

Во светот на истражувата за човечките пријателски односи се вели дека мажите имаат пријателства од типот „рамо до рамо“, а жените од типот „лице в лице“. Според Џефри Л. Гриф кој има интервјуирано 400 мажи и 120 жени во врска со нивните пријателства, мажите сакаат да прават работи, да бидат активни, а жените повеќе сакаат да седат и да разговараат. „Некоја жена ќе каже: „Мојот партнер отишол на вечера со пријателот и не дознал дека тој се разведува.“ „Мажите немаат толку голема потреба да се изразат себеси пред пријателите, како што тоа го прават жените.“

Многу студии покажуваат дека пријателствата не само што го намалуваат нивото на стресот, туку, исто така, ја намалуваат можноста за смрт од многу причини, вклучувајќи ги и срцевите заболувања. Исто така, иако тоа можеби се чини контра интуитивно, мажите со пријатели се помалку склони кон претерано пиење и пушење. Тоа е уште една добра причина за поттикнување на блиските машки пријателства.

Слика: Jamie Garbutt

Извор:www.theguardian.com

 

ОкоБоли главаВицФото