Агенцијата за вработување се сели на адреса на ВМРО-ДПМНЕ

28.03.2016 12:08
Агенцијата за вработување се сели на адреса на ВМРО-ДПМНЕ

Скопје, 28 март 2016

Агенцијата за вработување на Република Македонија од утре се сели во новите простории кои ќе бидат на иста адреса со седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот на оваа институција, Влатко Поповски, вели дека причината за оваа одлука е од практична природа, зашто најголем број од кандидатите кои во последно време добиле работа доаѓаат токму од оваа адреса.

„Во последниве две години, околу 90 отсто од луѓето кои се вработиле во некоја од јавните институции, дошле од една адреса - Улица Македонија 17А. Кога се запрашавме што има на таа адреса, откривме дека таму е централата на ВМРО-ДПМНЕ, па затоа одлучивме, од практични причини, да ја преселиме службата на тоа место, за да им го олесниме процесот на добивање работа на младите“, објаснува Поповски.

„Оваа адреса дефинитивно е расадник на талентирани луѓе и убаво е да се види дека младите се вработуваат, кои и да се и какви и да се нивните квалификации. Наскоро нема да има потреба кандидатите за работа да доаѓаат дури до Капиштец, зашто вака на лице место ќе можат да ги предадат документите и за седум до десет дена да добијат работа во некое од државните претпријатија, по желба. Доволно е само од партиските простории да дојдат до нашите кои ќе бидат во истата зграда“, објаснува директорот на Агенцијата за вработување.

Тој откри дека просториите во Капиштец ќе останат, но дека ќе се користат за новата институција која ќе се вика Агенција за невработени, во која и понатаму ќе можат да се пријавуваат кандидатите кои немаат никакви шанси да се вработат.

Слика: ВМРО на денот