Доналд Трамп или неподносливата леснотија на вулгарноста

29.03.2016 01:52
Доналд Трамп или неподносливата леснотија на вулгарноста

Доналд Трамп неодамна го споредија со човек кој гласно се олeснува на монденска забава. Ни останатите републикански кандидати за американските претседателски избори не се подобри. Веројатно се сеќавате на сцената од филмот на Буњуел „Фантом на слободата“ во кој се јаде тајно, а во тоалет се оди јавно: луѓето седат на маса на веце-шолји и пријатно разговараат, а кога некој ќе огладне, дискретно ја прашува домаќинката каде е „она место“, па се искрадува и исчезнува во сопчето за јадење. Дебатите на републиканските кандидати личат на овaa сцена на Буњуел. Истото важи и за многу други политичари.

Сетете се на Ердоган кога во напад на параноја ги нарече предавници и странски агенти сите кои ја критикуваат неговата политика кон Курдите. Или Путин, кога пресметано простачки препорача кастрација за еден од своите политички противници во врска со војната во Чеченија. Или Саркози, кога во 2008 на човекот кој одби да се ракува со него му го упати сега веќе славното: „Тогаш, еби се, беднику“.

На овој список буквално му нема крај. Во говорот одржан во Ерусалим на 21 октомври 2015 на Светскиот ционистички конгрес, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хитлер на почетокот на своето владеење сакал само да ги протера Евреите од Германија, но дека Мухамед Амин ал-Хусеини, ерусалимскиот голем муфтија, го убедил сепак да ги убие. Нетанхјаху дури си дозволи да цитира наводен дијалог од ноември 1941, во кој ерусалимскиот муфтија му вели на Хитлер дека ако ги протера Евреите од Германија, „тие ќе дојдат во Палестина“, на што Хитлер го прашува: „Па тогаш што да правам со нив?“, на што големиот муфтија му одговара: „Спалете ги“.

На ова реагираа бројни стручњаци за Холокаустот, инсистирајќи на тоа дека нема начин да се утврди точната содржина на разговорот меѓу ал-Хусеини и Хитлер. Тие потсетија и на тоа дека во времето на оваа средба масовните убиства на Евреите во Европа од страна на единиците на СС веќе на големо биле во тек.

Не треба да се имаат никакви илузии за значењето на изјавите каква што е оваа на Нетанјаху: тие се манифестни показатели на процесот на регресија во кој западна јавниот простор. Обвинувањата и идеите кои не толку одамна беа само опскурен талог на расистичка бесрамност - денес ни се наметнуваат преку говорите на нашите избрани функционери.

Проблемот со кој овде се сочуваме Хегел го нарекол Sittlichkeit или етичност. Со други зборови, станува збор за обичаи кои ја сочинуваат позадината на општествениот живот исткаена од мноштво непишани правила. Тоа е онаа непробојна етичка супстанца која нè ограничува во тоа што смееме, а што не смееме да правиме. Денес е на дело дезинтеграција на тие правила. Она што пред само 20 години беше просто незамисливо да се изговори во рамки на јавната дебата, денес е сосема можно и поминува неказнето.

Површната анализа нè наведува на помислата дека овој процес на дезинтеграција се сузбива со ширење на политички коректен дискурс, кој многу јасно пропишува што не смее да се каже. Но подлабокиот увид ни покажува дека токму таа регулациска задача на политички коректното активно учествува во процесот на разорување на етичката супстанца на нашето општество.

За да го докажеме тоа, доволно е да потсетиме на ќорсокакот својствен за политички коректното: потребата од политички коректни правила се јавува тогаш кога непишаните етички правила повеќе не се доволни за ефикасна регулација на нашите секојдневни односи. Наместо спонтано не-рефлексивно придржување до непишаните правила на заедницата, од политички коректниот пристап добиваме експлицитни правила.

Така американските црнци стануваат Афроамериканци, дебелкото станува „личност одлучна да се соочи со проблемот на прекумерна телесна тежина“, тортурата станува „засилена техника на иследување“. Тогаш зошто не би го претставиле и силувањето како „оптимизирана техника на заведување“?

Тортурата како насилство и бруталност која ја спроведуваат државните органи - стана јавно прифатлива токму кога политички коректното влезе во јавниот говор со цел жртвите да се заштитат од симболичкото насилство. Овие два феномена се две страни од иста паричка.

Слична логика се забележува и во другите области на јавниот живот. Кога американската федерална администрација најави дека воените вежби од широки размери - под името „Jade Helm 15“ - ќе се одржат од јули до септември 2015 на југозападот на САД, голем број граѓани од тие држави западнаа во вистинска параноидна грозница. Во Тексас многу луѓе поверуваа дека овие вежби се само дел од федералниот заговор Тексас да се стави под воена управа.

Во тоа учествуваа вообичаените актери на таквите јавни делириуми - до Чак Норис, но во лудилото посебно предничеше порталот All News Pipeline, кој оваа воена вежба ја поврза со затворањето на неколку стоковни куќи на Волмарт на територијата на Тексас: „Можеби тоа се идни центри за дистрибуција на храна. Или тука ќе биде командата на кинеските инвазиски трупи кои Мишел Обама ги повика да дојдат и да ги разоружаат Американците“.

Она што посебно загрижува во оваа приказна се реакциите на тексашките републикански лидери на ваквите гласини. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, ѝ нареди на националната гарда на Тексас посебно да ги надгледува овие воени вежби, а Тед Круз бараше дополнителни информации од Пентагон.

Сакам да кажам дека Трамп е само најчисто отелотворување на овој тренд на понижување на нашиот јавен живот. Што прави тој? Тој пред нас фрла помија од „политички некоректни“ простаклуци: расистички испади (против мексиканските имигранти), сомнеж во местото на раѓање и универзитетската диплома на Обама, невкусни испади на сметка на жените, навреди на воените херои како што е Џон Мекејн. Со овие испади Трамп наводно покажува дека тој не се грижи за лицемерните манири и дека само гласно го кажува она што обичните луѓе го мислат. Накратко, и покрај сите свои милијарди, и тој е обичен простак како сите ние, обичните луѓе.

Тука треба да се избегне една заблуда: Трамп не е аутсајдер. Неговата програма е всушност релативно умерена: тој им оддава признание за многу потези на демократите, а неговиот став во врска со хомосексуалните бракови е намерно крајно неодреден. Неговите „освежувачки“ провокации и неговата експлозија на вулгарност служат токму за да ја маскираат баналноста на неговата програма.

Тајната на неговиот успех е во тоа што ништо не би се забележало ако по некој случај тој победи на изборите, што не важи за Берни Сандерс кој вистински ги застапува интересите на работниците и фармерите. Дуелот помеѓу републиканскиот кандидат Трамп и демократскиот кандидат Сандерс би вредело да се погледне.

Но, чуму пристојност во јавниот простор оптоварен со „вистински“, ургентни проблеми? Всушност, пристојноста е многу важна. Во напнати ситуации, таа е прашање на живот или смрт, тенка линија на разграничување помеѓу варварството и цивилизацијата. Во таа смисла, потсетувам на еден необичен факт. Во текот на 60-тите години од минатиот век, повремените простаклуци главно беа поврзани со левичарењето: револуционерно вдахновените студенти често прибегнуваа кон простачко изразување, за да го истакнат дополнително своето противење на официјалната политика и нејзиниот прочистен жаргон. Денес простачкиот говор е речиси ексклузивен прерогатив на радикалната десница, додека левицата се наоѓа во крајно несекојдневна улога - адвокатка на пристојноста во јавниот простор. Тоа е и причина за збудаленоста на „рационалната“ републиканска умерена десница.

Но во моментов е можеби поважно да се позанимаваме со едно фундаментално прашање: слабоста на самата „рационална“ позиција. Мнозинството повеќе не може да се придобие со „рационалниот“ капиталистички дискурс, сè повеќе е склоно кон популистички анти-елитистички ставови. Но би било погрешно и опасно презриво да се заклучи дека пониските класи се примитивни. Популистите јасно ја откриваат ирационалноста на „рационалниот“ капиталистички дискурс, а нивниот гнев кон институциите без лице кои од длабока сенка управуваат со човечките животи - е сосема оправдан.

Извор: NouvelObs.fr
Слики: Fran Recacha

ОкоБоли главаВицФото