За изложбата „Fragile“ на Шќипе Мехмети

29.03.2016 03:02
За изложбата „Fragile“ на Шќипе Мехмети

Телото има тајни. Човековото тело крие длабоки и мрачни тајни што уметникот, кој е во потрага по вистината, ги открива. Уметникот мора да ја зачува невиноста на погледот. Невиноста на погледот или чесноста на окото е предуслов за откривање на вистината. Само така уметникот може да ја види вистината и да ни ја покаже на своите слики.

Шќипе Мехмети нè повикува да ја откриеме вистината за нас самите во и зад своите слики. Овие впечатливи слики отпрвин ги препознаваме како слики во огледало каде можеме да се видиме самите себе и нашето тело (без лице). Сликите ја откриваат фантазмата за распарченото тело. Во овие слики човековото тело е фрагментирано, во делови но, воедно, е единствено во нашето несвесно препознавање на целината. Уметникот нè воведува во просторот на играта меѓу телото и неговиот двојник - спекуларна слика на телото, призрак на несвесното или Imago.


Овој дионизиски, творечко-уривачки порив нè води кон едно ново рамниште на разбирање на овие слики. Таа двојна слика во која телото се разбива на делови, слика на распарчено тело и, воедно, на единствено тело, се изразува како непрекинато треперење меѓу единството и распарченоста. Огледалото, со сета своја нестварност на одразите, нè предупредува дека „неговата заднина е вжарениот амалгам на желбата“. Можеме да се загубиме во огледалото, во тој свет на бескрајни одрази, и таму вечно да останеме ловејќи го својот двојник, но огледалото пука и се крши на делчиња од треперењето на нашата желба.


Веќе не е во прашање огледалото како можност за соочување со себе и соочување со другиот (според Лакан, токму врз таа илузија е втемелена нашата врска со другиот, симболична врска што ја одредува положбата на субјектот во имагинарната структура). Овие спекуларни слики, тие привиденија во огледалото на нашите желби овозможуваат пробивање, кршење или разбивање на огледалото и допир со вечноста зад огледалото, зад сликата, зад привидот, таму во просторот на надсетилното (интелигибилното) каде исчезнуваат сите слики, таму каде владее Аеон.


Навидум едноставните и непосредни слики на Шќипе Мехмети овозможуваат длабок увид во мрачните тајни на нашето тело и на нашата сексуалност, во тајните на Ерос, во просторот каде беснее и пустоши желбата, таму во огледалото каде Ерос е заробен. Таа сува игла што ја сече стварноста како живо тело оставајќи зад себе крвави резови и отворени рани, игла што болно продира под кожата во месото барајќи ја вистината, игла со која се зашиваат како сенка за телото привиденијата што нè прогонуваат од огледалото, игла под која прскаат и се кршат огледалата на приводот, таа опасна игла во рацете на Шќипе Мехмети ги пресоздава овие слики во моќни уметнички дела.

Кураторски текст на Емил Алексиев за изложбата „Fragile“ на Шќипе Мехмети.

Шќипе Мехмети е ликовна уметница родена во 1981 година во Кичево. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за графика. Досега реализирала десет самостојни изложби, во Скопје, Париз, Њујорк, Берлин... Учествувала на голем број групни изложби во Македонија и во странство. Дел од графиките на Мехмети oд изложбата „Fragile“ беа изложени на региоалниот фестивал за жени уметници во Приштина, FЕМАRT. 

 

ОкоБоли главаВицФото