Енергетската ефикасност испадна неефикасен бизнис

30.03.2016 03:09
Енергетската ефикасност испадна неефикасен бизнис

Во Македонија има 300 инженери што се лиценцирани енергетски контроли, а со оваа работа се занимаваат 86 компании. Иако новите згради што се градат мора да бидат енергетски ефикасни и да имаат таканаречен енергетски пасош, и иако може да се забележат многу стари згради на кои се ставаат фасади и нови прозорци, енергетските контролори, со оглед на нивниот голем број, имаат малку работа. Според нив, граѓаните сè уште немаат доволно свест, но и финансиски можности за да го направат домот енергетски ефикасен, што според пресметките, пак, ќе им донесе заштеда во сметките од 15 до 40 проценти доколку се загреваат на струја.

- Многу голем процент од финалната потрошувачка на енергија оди во домаќинствата, дури 25 проценти, во сообраќајот е 28 проценти, а во индустријата 31 процент. Притоа, електричната енергија кај домаќинствата, во финалната потрошувачка на енергија, учествува со дури 53 проценти. Од направените 200 енергетски контроли, заклучивме дека зиме уделот во заштедите на струја на покривот е 25 проценти, толкав е и уделот на вратите и прозорците, на ѕидовите е 35 проценти и на подот 15 проценти. Но, за да се види што и како треба да се прави во домот, прво и основно е да се направи енергетска контрола и да се утврдат сите слабости на постојниот простор - вели Саше Паневски, контролор за енергетска ефикасност, кој викендов присуствуваше на работилницата за енергетска ефикасност во организација на ЕВН, Министерството за економија и Агенцијата за енергетика.

Цената за енергетските контроли во еден дом е регулирана со правилник и таа може да се движи од 30 до 50 денари за квадратен метар, односно за, на пример, да се утврдат енергетските слабости на еден стан од 100 квадратни метри, за контролата треба да се платат меѓу 3.000 денари и 5.000 денари.

Енергетската контрола и изградба по енергетски стандарди, со новата законска регулатива е задолжителна за новите станови и за оние интервенции каде што се зголемува обемот на просторот за 25 проценти, или пак се зголемува вредноста на објектот за 25 проценти. Засега, според податоците на Агенцијата за енергетика, сертификати за енергетска ефикасност имаат само 45 објекти.
Според експертот за енергетска ефикасност, Андреј Андреев, кој држи предавања на оваа тема во 18 земји во светот и под негов надзор се изградени 200 таканаречени пасивни куќи, односно куќи со минимална потрошувачка на енергија за греење и ладење, во Македонија, фрапантни 95 проценти од објектите за домување, во поглед на енергетската ефикасност се вон стандардите.

- Воопшто регионот нема свест за енергетската ефикасност. Сега на ова поле забрзано почна да работи Бугарија. Инаку, за да се изгради една пасивна куќа, инвестицијата во текот на градбата е од 200 до 250 евра за квадратен метар. Но, она што можам да го забележам е дека дури и оние што имаат пари, побргу би изградиле огромен простор наместо помал, но енергетски ефикасен - вели Андреев.

За финансиска поддршка на проекти од енергетска ефикасност, во Македонија е активна програмата „Хабитата фор хјуманити Македонија“ во која на располагање се 800.000 долари. Предноста, при користење на овие пари е што станарите од една зграда, сите заедно може да дојдат многу полесно до пари, отколку да исполнуваат банкарски услови, каде што може да се случи некој станар да не може да ги исполни.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото