Имагинарен разговор со сликарот

30.03.2016 05:35
Имагинарен разговор со сликарот

„Судбините“ (Átropos o Las Parcas), Франциско де Гоја,  1819–1823*

Го познавам сиромавиот народ, трпеливата и мирољубива маса. Ги познавам бунтовните луѓе што пливаат против матицата, злосторниците, просјаците, проститутките. Ги познавам кралевите и принцовите, нашите и туѓите. Ги познавам генералите и министрите, шпанските и француските, и што е уште поважно, го познавам наредникот што мириса на кожен каиш и помада за мустаќи. Сето тоа го познавам и сето тоа не е тешко да се распознае и разбере. (Сум насликал многу луѓе, најразлични. И кога портретирам некој човек, тогаш ја гледам минутата од неговото раѓање и часот на неговата смрт. А всушност овие два мига се толку близу еден до друг, што меѓу нив нема место за ништо, за ниеден здив и ниедно движење.) Но она што го одржува човека и од што човек паѓа во свето недоразбирање и немо обожавање, тоа е светот на мислите. Зашто светот на мислите значи единствена стварност во оваа збрка од сеништа и појави на привиденија, која се нарекува вистински свет. И кога не би ја имало мислата, мојата мисла, која го создава и потпира ликот што го сликам, тогаш сè би се струполило во ништожноста од која е дојдено, победно од исушената и избледена боја и платното, кои ништо не претставуваат, ништо за себе.

Иво Андриќ, Гоја, Имагинарен разговор со сликарот

 

*„Судбините“ (Átropos or Las Parcas) е една од четиринаесетте мрачни слики насликани од Франциско Гоја помеѓу 1819-1823 година. Гоја, кој тогаш имал 75 години и бил ментално и физички во очајна состојба, серијата ја насликал директно на внатрешните ѕидови на куќата позната како „Куќата на глувиот човек“ (Quinta del Sordo), купена во 1819 година. Сликата е реинтерпретација на митолошката тема за божиците на судбината, Моири или судбини, како што се наречени во делата на Хомер, Хесиод, Вергилиј и други класични писатели. Овие „ќерки на ноќта“ се предводени од Атропо, незапирливата божица на смртта којa носи ножици за да го пресече конецот на животот; Клото, со нејзината престилка (на која Гоја ѝ додава кукла или новородено дете, што можеби претставува алегорија на животот), и Лахезис, онаа која вртоглаво се врти, која овде гледа во лупа и го симболизира времето, бидејќи таа ја мери должината на влакното. До трите женски фигури кои лебдат во воздухот има и четврта личност во преден план. Се чини дека тоа е машка фигура, и неговите раце се врзани како да е во заробеништво. Доколку ова толкување е точно, судбините ќе одлучуваат за судбината на човекот чии врзани раце не можат да ѝ се спротивстават. Се шпекулира дека можеби машката фигура е Прометеј.

Извор: „Ревизија на уметноста“, Ото Бихајли - Мерин, Култура, 1979, Скопјe

ОкоБоли главаВицФото