Одговор на тероризмот

30.03.2016 13:21
Одговор на тероризмот

Целите на тероризмот не се убивањето и разорувањето, туку испраќањето политичка порака, што обезбедува масовна покриеност на терористичките напади. Нападите во Брисел, очигледно поврзани со нападите во Париз минатата година и со апсењето на Салах Абдеслам минатиот петок, стрпливо се планирани токму со ваква цел. Убивањето на минувачите на улица нема никаква воена цел; експлозивната сила на терористичкиот чин настанува од нашата реакција на него - од вниманието на јавноста, до одговорот на политичките елити. Медиумите, политичарите и граѓаните станаа „корисни идиоти“ на тероризмот.

Нашите општества не можат да станат имуни на терористичките напади, зашто овие се вршат по „случаен избор“. Нема таков полициски надзор, ангажирање на војска или нуклеарно оружје кои можат да ги спречат. Безбедносните служби и надзорот имаат свои граници, а бомбашите и убијците секогаш ќе најдат начин да се провлечат низ секоја безбедносна мрежа.

Политичкиот тероризам е стар колку и војната. Од римските легии до единиците на британското воено воздухопловство Bomber Command кои го бомбардираа Дрезден - влевањето страв на цивилното население е вообичаено оружје на тероризмот. „Борбата против тероризмот“ е бесмислена колку и „борбата против оружјето“.

Но не е бесмислено да се ублажи, а не да се разгорува гневот кој го храни тероризмот и да се намали силата на таквите инциденти. За тоа е потребна помудра надворешна политика од онаа која повеќето западни земји ја водат кон муслиманскиот свет. Уште е тешко да се оствари воздржано медиумско известување за терористичките напади и одговорите на нив. Крајно непромислено е масовното известување за секој терористички чин. Медиумите треба да си ја работат својата работа, но без претерано уживање во некои теми, за што најдобар пример е екстензивното известување за бруталностите на ИСИС.

Терористите сакаат да ги уништат западните општества, да докажат дека либералната демократија е измама и да покренат прогон на муслиманите. Одговорите на нашите безбедносни машинерии само им помагаат во тоа. Уверена во својата моќ, таа машинерија одбива да признае дека псотојат работи од кои не може да нè заштити. И со секој нов терористички напад таа бара уште пари и моќ за себе. Тоа не смееме да ѝ го дадеме.

Извор: The Guardian