Спелеологија

30.03.2016 23:57
Спелеологија

На Робер Шате

Некои спелеолози им предлагаат на малите девојчиња да појдат со нив. Мајките се противставаат. Во пештерите сешто може да се случи. Дури и кога станува збор да појдат да ги видат необичните пештерски рипчиња што ги поттикнуваат на смеење девојчињата, бидејќи прилегаат на лижавчиња, на пајаци или на дрвени кукли кога ќе излезат од карпите. Понекогаш мајките ги придружуваат, но притоа зборуваат чисти глупости. Поради тоа научниците претпочитаат да слезат сами со малите девојчиња во утробата на земјата.

Тие им ги покажуваат оние раце, излезени од некоја свеќа создадена од стопен камен, и кои бавно се лизгаат од таванот, готови да го зграпчат оној што ќе ги допре, но кои, откако ќе бидат скршени, не предизвикуваат страв, пресвртени наопаку, глупави како што се глупави човечките раце.

А девојчињата ги сакаат, исто така, шумовите, одеците, ехата на нивните чекори што одѕвонуваат по десет пати, ослабнувајќи сè повеќе колку што тонат во длабочините и завршувајќи со звук на свила што се кине. Тажното мрморење што доаѓа од некоја подземна сала што никогаш не е откриена и кое истечува некаде. Понекогаш шуштење на крилата на невидливите птици и на другите девојчиња што трчаат, затнувајќи си ги ушите, и за кои не се знае како пристигнале тука, бидејќи не биле видени меѓу оние што слегнале со спелеолозите.

Вратени на површината, спелеолозите се појавуваат со други девојчиња а не со оние што им биле предадени в раце без многу доверба. Овие што се дојдени одоздола се и малку грбави. Треба да се видат лицата на мајките што си ги бараат вистинските деца и кои ќе си префрлаат потоа цел живот зашто ги пуштиле да си заминат.

Андре Фредерик (André Frédérique, 1915-1957). Поет, кој пишувал пес и во стих и во проза. Главни збирки: „Бели приказни“, „Подмолна поезија“. Во албумот „Расправа за апаратите“ дава описи и нацрти на поголем број невозможни механизми.

Превод од француски: Влада Урошевиќ
Слика: BART NIJSTAD

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото