Национализам за имбецили

31.03.2016 00:31
Национализам за имбецили

Ајде да земеме дека е точно дека зад геноцидот во Сребреница, како личности кои директно го осмислиле тоа масовно злосторство, навистина стојат – како што од вчера тоа го тврди Билјана Плавшиќ, „поранешната претседателка на Република Српска“ – Алија Изетбеговиќ, поранешниот „лидер на босанските муслимани“ и Бил Клинтон, „поранешниот американски претседател“ (самите одредници во веста на која овде реферираме покажуваат каков е односот на авторот кон личностите за кои станува збор). И нека биде дека тие двајца го смислиле тоа за колку што е можно повеќе да им наштетат на етничките Срби во Босна и Херцеговина. Ако сето тоа е вистина, тоа е исклучително важна вест, и разбирливо е што тоа го пренесува и РТС. Веста е толку важна што секако има смисла да се пушти во јавниот простор токму како коментар на вчерашната пресуда на Судот во Хаг на Радован Караџиќ, поранешниот „лидер на босанските православци“ (да се послужиме со логиката на авторот на веста) – значи, пресуда, која токму Караџиќ, а не Изетбеговиќ или Клинтон, го обвинува за учество во здружениот злосторнички потфат, односно во планирањето и извршувањето на масовното злосторство во Сребреница.

Значи, да појдеме од тоа дека Караџиќ е жртва на заговор, дека за смртта на осум илјади мажи во Сребреница се виновни токму Изетбеговиќ и Клинтон, а не Караџиќ. Зошто Изетбеговиќ и Клинтон одлучиле да се убијат осум илјади муслимани? Плавшиќ вели дека тоа бил начин за да се оправда интервенцијата на НАТО против вооружените единици на српската страна. Плавшиќ наводно имала увид во транскриптите во кои јасно стои дека Клинтон му објаснил на Изетбеговиќ дека единствената доволна причина за таква интервенција би била убиство на барем пет илјади босански муслимани. Бидејќи во Сребреница се случи токму тоа, следеа воздушни удари на положбите на српските сили во Босна и Херцеговина. Дека сето тоа било однапред испланирано, смета Плавшиќ, потврдува и фактот дека вооружените единици на босанските муслимани се повлекле од подрачјето околу Сребреница еден месец пред злосторството. Дека навистина станува збор за меѓународен заговор против Србите, Плавшиќ ќе илустрира и со податокот дека на српската страна, меѓу сторителите на злосторството во Сребреница се нашле и по еден Хрват и Словенец.

Значи, Клинтон му рекол на Изетбеговиќ дека „Америка ќе влезе во војната и ќе се бори на муслиманската страна“ и дека ќе ги „бомбардира Србите“, ако Изетбеговиќ дозволи „четниците да влезат во Сребреница“. Згора на тоа, Клинтон дал и конкретно упатство – „не смее да има помалку од 5 000 масакрирани“. Заклучокот се наметнува самиот по себе: наместо Караџиќ, за геноцидот во Сребреница пред Судот во Хаг морале да положат сметка и Изетбеговиќ и Клинтон. Караџиќ и целиот српски народ се жртви на американско-муслимански заговор, во кој се убиени – осум илјади муслимани. А, ги убиле, тоа Плавшиќ сепак не го оспорува, главно етнички Срби и еден Хрват и Словенец.

Ако Плавшиќ ја зборува вистината, што зборува таа вистина за српската страна во вооружениот конфликт во Босна и Херцеговина? Прво, дека Изетбеговиќ и Клинтон правилно процениле како ќе се однесуваат српските вооружени единици откако ќе влезат во Сребреница: тие се потпреле на нивната подготвеност да извршат масовно убиство и не се измамиле. Значи, Плавшиќ, всушност, вели дека секој што смета на српската склоност кон масовни злосторства како константа на колективното однесување – не греши. Значи, Изетбеговиќ и Клинтон правилно процениле дека српските водачи се исклучително глупави и дека не се во состојба да ги предвидат последиците од своите одлуки и постапки. Затоа што им било дозволено да влезат во Сребреница, тие водачи не се запрашале зошто се случило тоа, туку побрзале да ја искористат можноста и да ги убијат сите мажи кои ги затекнале таму. Значи, Плавшиќ всушност сугерира дека српското раководство било исклучително глупаво, и дека и тоа е константа на која може да се смета. Најпосле, Изетбеговиќ и Клинтон планирале злосторство кое го извеле спрските вооружени единици, однапред сметајќи дека за тоа злосторство нема да бидат изведени пред суд како негови инспиратори. Наместо нив, вчера беше осуден Караџиќ.

Така, Плавшиќ го состави досега најчудниот наратив во кој колективниот злосторник и жртвата ги менуваат местата, па злосторникот всушност станува жртва на заговор од светски размери. Патем, Плавшиќ таа „жртва“ ќе ја претстави како пред сè злосторничка (бидејќи едвај чека можност за да убие) и глупава (затоа што не размислува за последиците од своите постапки), но за неа тоа е помалку важно од намерата злосторникот да се претстави како жртва. Меѓутоа, суштината е во следното: дури и Плавшиќ да е во право, Караџиќ повторно би морал да биде осуден, врз основа на истите факти кои се утврдени во постапката, токму затоа што – (нека биде) со Изетбеговиќ и Клинтон – учествувал во здружен злосторнички потфат. Покрај тоа, дури и сè да е така, Изетбеговиќ и Клинтон не би можеле да одговараат кривично, бидејќи не можеле да бидат непосредни наредбодавачи: над едниците кои го извршиле злосторството, за разлика од Караџиќ, двајцата, како омразени непријатели, не можеле да имаат никакво влијание. Нивната одговорност, дури и во оваа преку секоја мера наопаку составена приказна, ќе се сведе само на тоа дека правилно процениле со кого имаат работа. Доколку било така, за нив двајца со право би можело да се каже дека се исклучително зли личности, но и така – Караџиќ недвосмислено останува злосторник.

25.03.2016

Извор: http://pescanik.net