Заробени медиуми и фалсификувана вистина

31.03.2016 12:25
Заробени медиуми и фалсификувана вистина

На прес конфернецијата на Специјалното јавно обвинителство, која со душа ја чекаше целата нација, и на која се отвори истрага против доскоро, а можеби и сѐ уште дефакто најмоќниот човек во државата, најгледаната телевизија во државата постави серија прашања.

Но, медиумот кој отворено се фали со својата гледаност и влијание, не праша дали тимот на Катица Јанева побарал притвор за првоoсомничениот за тортура врз Љубе Бошковски. Прашањето упатено од новинарот во улога на пропагандно чираче беше за становите на Катица Јанева, прашање кое јавната обвинителка, инаку, го одговори недела дена пред тоа.

Но, никој кој ја слушаше прес конференцијата, не се изненади на овој квази-новинарски апсурд, сите некако се навикнавме, па дури и очекуваме медиумите коие се впрегнати во пропагандната машина на нео-гебелсовците да не поставуваат прашања кои се од јавен интерес.

Парадоксално, тие медиуми не прашуваат ни кога јавниот интерес постои и кај провладиното гласачко тело, како тие граѓани да не ги интересира дали нивниот идол ќе биде затворен, за кои дела е обвинет истиот и дали за тие дела СЈО има доволно докази.

Второто прашање на манипулаторите беше зашто СЈО упаднало со полиција во Централниот регистер за да обезбеди докази за свои постапки. Ова прашање уште повеќе го покажува степенот на злоупотреба на јавниот простор и опасноста од искривување на јавното мислење, бидејќи претходно СЈО јавно објави дека Централниот регистер не ги доставува бараните докази и дека асистенцијата на полицијата е нормална појава.

Јас не можам ни да замислам ситуација било која институција во државава да одбие да достави докази на Основното јавно обвинителство на Марко Зврлевски, а уште повеќе кој било медиум би го проблематизирал податокот дека Зврлевски за обезбедување на тие докази побарал полициска асистенција.

НЕ СЕ МЕДИУМИ

Овие апсурди покажуваат дека најгледаните медиуми во државата, всушност, не се медиуми, туку класични пропагандни ПР машини кои го штанцаат црното перде на лагата кое 24/7 ги покрива очите на јавноста. Не е веќе важно која институција или индивидуа во јавноста ќе презентира какви било докази за злоупотреба на јавните добра, не е важно ни што гледаме и слушаме со своите очи, пропагандистите го презентираат само она што сакаат.

Овие медиуми не се водат од никакви кодови на етика или морал, тие, како што кажа и еден од главните уредници на лагата, не се водат ниту од меѓународните новинарски професионални стандарди, бидејќи тие не биле репер за нив. Но, јасно е дека овие медиуми не се водат од никакви воспоставени норми, ниту од Душановиот, законите на Хамураби или десетте божји заповеди, тие се водат единствено од своите материјални интереси, бројот на купените квадратни метри станови и имоти, цената на автомобилите и банкарските сметки, а јавноста може и понатаму да срка пропаганда.

Суровата вистина во Македонија е дека истите пропагандни машини се сепак убедливо најгледани медиуми во Македонија. Иако нивните вести паѓаат во гледаноста во однос на другата програма, сепак тие телевизии засилени со МТВ се главен извор на информации на најголем дел од јавноста во земјава.

Тоа е една од причините зошто со години рејтингот на владеjачките партии е стабилен, покрај сите докази за злоупотреби или за намалување на живиотниот стандард. После насилното затворање на А1 телевизија, владеjачката партија ја елиминира единствената опасност по своето постоење, со оглед што медиумот на сега затворениот Велија Рамковски беше убедливо најгледана и највлијателна телевизија во Македонија. Сите обиди на власта да се задуши А1 низ други форми на притисок не успеаjа, а неуспешни беа и обидите на другите телевизии кои редовно каскаа во прашината на А1, па физичкото уништување на омилениот македонски медиум беше логичен чекор.

Последиците од затварањето на А1 сепак сѐ уште ги чувствуваме, бидејќи ниеден медиум не успеа да создаде масовно гледана комерцијална програма надополнета со реални информативни изданија. Празнина во гледаноста ја пополнија балканско–турските продукции емитувани од домашните телевизии, надополнети со дневни дози на најцрно лажење на граѓаните.

МНОГУ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНИ ЗА МЕДИУМИ

Оваа ситуација беше причина и за ставањето на медиумскиот пакет во политичките преговори кои произлегоа од Пржинскиот договор, но чувствителната и комплицирана сфера придонесе и за тргање на оваа точка од дневниот ред, со што нормализирањето на државата и условите за кредибилни избори се доведуваат во прашање.

Се создадоа многу шпекулации и претпоставки за прекинувањето на преговорите околу медиумите, водени од белгискиот витез Ванхауте, но веројатно причината поради која меѓународната заедница овие преговори ги врати во собранието е токму неможноста медиумите да се регулираат со механички мерки.

На пример, одредбата уредниците на медиумите да се казнуваат и да се одземаат лиценци на телевизиите каде што се коментира во вестите, е навистина проблематична и тешко остварлива. Јасно е дека овие регулации треба да бидат водени од изменет и независен состав на Агенцијата за медиуми, но прашање е дали некој иден состав може да ги злоупотреби своите надлежности па да посегне по таква драконска мерка, која не е предвидена со сегашните прописи.

Сега во собранието закони за медиуми поднесуваат ЗНМ, ДУИ, СДСМ а никој од субјектите не е координиран и нема консензус за тоа што треба да се донесе. Тоа и не дава некоја надеж дека ако законот биде донесен, ќе смени нешто суштински, со оглед на мнозинството кое сѐ уште владее со законодавниот дом.

Амбасадорите, од друга страна, сѐ почесто и погласно бараат регулирање на оваа сфера, и потсетуваат дека датумот на избори не е важен, туку спроведување на клучните реформи. Повеќе од јасно е дека власта не сака да се откаже од пропагандата, бидејќи тоа е еден од столбовите на рејтингот, кој засилено се топи, па, така, не верувам и дека може во периодот што следи нешто битно да се смени во правец на професионализација на медиумите. За ова не ви треба некој посебен доказ, само пуштете телевизија на каналите на големиот брат и сѐ е јасно.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Странски служби

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото