Во Струмица уништен муралот „Пролетна игра“ на Иван Велков!

31.03.2016 16:33
Во Струмица уништен муралот „Пролетна игра“ на Иван Велков!

Македонија изгуби уште едно ремек-дело од поствоениот период во доменот на сликарството. Станува збор за рушење на дел од Работничкиот универзитет во Струмица, со што покрај архитектонското девалвирање на објектот, се сруши и ѕидот со капиталното дело на веќе покојниот Иван Велков, муралот „Пролетна игра“, насликан 1962 година во техника темпера на ѕид.

Делото беше успешно реставрирано до страна на самиот автор во 2000 година, и го красеше ѕидот на салата во оваа институција сè до пред некој ден. Делото беше од непроценливо значење за модерното сликарско наследство од македонскиот кубизам.

Вчера беше забележана реакцијата на социјалните мрежи, на повеќе сликари и автори од струмичко и републиката. Сите се изненадени од овој бизнис-потег на општината во Струмица, за кој се исечени и сите дрва во паркот околу објектот. Ова само се надоврзува на 10-годишното активно уништување на современата архитектура и уметност во Македонија. Очигледно имаме сериозен проблем на ниво на цела држава во вреднувањето на модерното наследство, неговата заштита и крајно време е да се преземе нешто по ова прашање.

Иван Велков е роден 1930 година во Врање. Завршил Академија за ликовна уметност во Белград во 1936 година, а бил на специјализација во Париз, 1960. Бил член на групата „Мугри“. Самостојно и групно изложувал од 1955 година во Скопје и повеќе градови во поранешна Југославија. Негови дела се застапени во групни изложби во Мексико Сити, Дижон, Риека, Рим, Торино, Нирнберг, Штутгарт, Белград, Болцано, Ферара и други места. Починал во Скопје во 2008 година.

Извор: МАРХ

ОкоБоли главаВицФото