1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Познатата британско-ирачка архитектка Заха Хадид, првата жена добитник на Прицкеровата награда за архитектура, ненадејно почина на 66-годишна возраст.
Покрај тоа што е првата жена добитник на Прицкеровата награда за архитектура, Заха Хадид е најпозната по дизајнирањето на Центарот за водни спортови во Лондон, кој беше изграден специјално за Олимписките игри во 2012 година.
Кариерата на Заха Хадид не го помина оној стандарден пат низ кој повеќето нејзините колеги архитекти генерално поминуваа. Одбивањето да прави компромис, присутно во сите нејзини дела од почетокот на кариерата до денес, е одраз на уникатен уметнички темперамент неопходен за релаизирање на јасни, визионерски и моќни идеи во творењето. Сепак, токму таа карактеристика е причината поради која голем број од нејзините дела, особено во текот на раниот период, останаа на ниво на цртежи...
Иако архитектонската професија вклучува постојана борба за докажување и уверување на јавноста во вредноста на иновативните идеи и решенија, Заха Хадид мораше низ таа борба да поминува почесто и поинтензивно од нејзините колеги. Хадид е родена е во Багдад во 1950 година. Таму израснала во интелектуално семејство, кое играло главна улога во политичкиот живот на Ирак во текот на педесеттите години. Ирак од нејзиното детство бил либерална, секуларна, западно ориентирана држава, со брз раст на економијата. Иако моделот на улогата на жените во либералниот Ирак бил силно изразен, ситуацијата во архитектурата не била таква: и понатаму таа била исклучиво машка професија. Откако дипломирала на Американскиот универзитет во Багдад, Хадид одлучува да го направи својот прв голем чекор кон архитектурата: во 1972 година се запишува на Архитектонската асоцијација во Лондон.
Центарот за водени спортови во Лондон (London Aquatics Centre)
Многу теоретичари нејзината работа ја карактеризираат како барокен модернизам. Како што барокните архитекти, како Боромини, го заменија ренесансниот концепт на прспективна архитектура со идејата за возвишено покренатиот простор, така Заха Хадид со своите проекти го рушеше формализмот на модернизмот и наоѓаше начин да се одвои од доминантната пост-Баухаус естетика. Со рушењето на основните постулати на архитектурата - ѕидовите, таванот, задните и предните фасади, правиот агол – таа доаѓаше до архитектонскиот минимум, од кој, со повторно здружување сите елементи, создаваше „нов флуиден изглед на просторноста“. Просторот со повеќе перспективни точки и фрагментарна геометрија, како основни средства за неговото обликување, претставува архитектонски израз на динамичноста на современиот начин на живот.
Соработката со различни модни куќи за Заха Хадид создаде можност своите идеи за просторот да ги изрази преку различни медиуми. Во соработката со бразилската компанија за производство на чевли „Мелиса“, Хадид го дизајнира уникатниот пар чевли, „без шевови“, чиј облик се базира на флуидни органски контури на човечкото тело и ја евоцира потребата за постојана трансформација и движење. Соработката на Хадид на проектот Lacost footwear, за колекцијата пролет / лето 2009, почна со производство на дигитална верзија на познатото лого, кој потоа беше пренесен на структурата на динамична флуидна мрежа. Уште една интерпретација на чистиот архитектонски јазик претставуваат уникатните парчиња накит Celeste, кои Заха ги дизајнираше за „Сваровски“.
Дизајнот за зградата која требало да се гради во Белград
Исчекорите кои формата видена со нејзините визионерски очи ги прави во областа на архитектурата станаа инспирација за бројни дизајнери. Така, Карл Лагерфилд од Заха Адид го нарача проектот инспириран од познатата женска чанта „Шанел“ од 1955 година, кој како подвижна структура би требало да ги промовира производите на „Шанел“ низ целиот свет. Мобилниот изложбен павилјон кој се состои од континуирани елементи во форма на лак, изразува целосно нова геометрија и квалитет на архитектурата и дизајнот. Токму таа скулпторска вредност на павилјонот, Лагерфилд ја дефинира како „креација на воодушевувачката имагинација на авторката.“
Една од нејзините најпознати градби е центарот за водени спортови во Лондон (London Aquatics Centre), наменета за Олимписките игри во 2012 година.
Таа исто така ја дизајнирала зградата која требало да се наоѓа на местот на поранешниот Бека во Белград, во близина на Калемегдан, но во меѓувреме изградбата била откажана.
Заха Хадид утрово била примена во болница во Мајами поради проблеми со бронхитис, но за жал здравствената состојба се влошила и таа починала.
Сочувство за смртта на Заха Хадид изрази градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, кој на Твитер напишал дека „таа беше голема инспирација и дека нејзиното наследство ќе остане да живее во убавите згради ширум светот.“
Розентал, центарот за современа уметност во Синсинати, САД
Главната зграда на BMW во Лајпциг
Скијачката скокалница во Бергисел, Австрија
Националниот центар за современа уметност во Рим
Мостот-павилјон во Сарагоси
Зградата на операта во Кина
Културниот центар Хејдар Алиев во Баку, Азерјбеџан
Извор: www.b92.net