Петнаесетте најголеми Пирови победи на режимот на Груевски

01.04.2016 01:12
Петнаесетте најголеми Пирови победи на режимот на Груевски

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ веќе десет години се на власт. Земјата за овие десет години се претвори во автократија, човековите права од ден на ден сѐ повеќе се нарушуваат, се затворија многу медиуми, се спроведуваа бомбастични полициски акции за затворање на политичките неистомисленици. Македонија, за прв пат од нејзината самостојност, има политички затвореници и тортура. Државата целосно се партизира, се владее со уцени и со закани, со страв и со притисоци. Скопје го смени својот лик, се преоблече во барок, а за оваа лудорија се потрошија стотици милиони евра. Народот сѐ повеќе осиромашува, пензиските фондови колабираат, здравството боледува, младите масовно се иселуваат. Македонија е далеку од ЕУ и од НАТО.

Клучна личност што ја персонифицира оваа тажна историја на паѓањето на земјата која некогаш беше најнапреден кандидат за членство во ЕУ и регионален лидер на реформите, е Никола Груевски. Откако некогаш скромниот министер за финансии и за трговија во владата на Љубчо Георгиевски, во 2006 година застана на чело на Владата на Република Македонија, многумина помислија дека тоа скромно момче ќе ја исправи Македонија и ќе ја извлече од долгогодишната транзиција. Груевски настапи со сериозна програма и проекти, со млади министри, полни со желба и елан за работа. Но, ваквата слика се урна брзо, а некаде во 2008 година Македонија веќе доби тежок удар на самитот на НАТО во Букурешт. Тогаш почна да се најавува и грандиозниот проект „Скопје 2014“. Од тогаш до денес, некогаш младиот и надежен премиер, се претвори во автократски владетел, кој почна да шири национализам и конфликти во општеството и кој денес е под сериозни сомневања за криминално и корупциско владеење.

За сиот овој период, тој и неговата партија се фалат со победи, броејќи ги изборните триумфи, за кои сега се потврдува дека се дело на измами и корупција. Како и да е, се чини дека рокот на траење на овој режим полека истекува, а „победите“ на Груевски, всушност, ќе се паметат како Пирови победи. Ова е еден скромен попис на најзначајните од нив.

1. Ќотек за студентите – новото лице на режимот

На 28 март навршуваат седум години од еден вознемирувачки настан во центарот на Скопје, кој до тој момент најсилно го осветли новото лице на режимот на Груевски. На овој ден, во 2009 година, Прогресивниот млад синдикат и Првата Архи Бригада се обидоа мирно да протестираат на плоштадот Македонија, против изградбата на црква. На истото место и во истото време се појави друга, помногубројна група на граѓани, која организирано, го попречи протестот. Оваа група „крстоносци“, како што се нарекуваа себеси, дел организирано донесени со автобуси од повеќе градови од Македонија, беше предводена од свештеници. Ситуацијата беше таква што на крајот, пред очите на полицијата, која не реагираше, „крстоносците“ почнаа да манифестираат националистички говор на омраза и физички се пресметаа со помалубројната група, составена главно од млади студенти и граѓани.

За ова никој не одговараше. Беше тоа првата, но не и последната „кристална ноќ“ на режимот на новиот профашистички лидер на Македонија.

2. Големата пропуштена шанса на самитот на НАТО во Букурешт

Точно една година пред настанот на плоштадот во Македонија, политичката судбина на земјата и нејзината траекторија за следната деценија беа определени на еден друг, голем и историски значаен настан – самитот на НАТО во Букурешт, на кој се одлучуваше за приемот на земјите членки на Јадранската група, меѓу кои беше и нашата земја. Владата беше сигурна дека Македонија ќе добие покана за членство, особено поради силната поддршка од САД. Но тоа, не се случи, поради противењето на Грција. Претходно, владата на Груевски имаше извонредна шанса да ја зацврсти својата позиција во спорот за името. Медијаторот Метју Нимиц на маса го стави предлогот „Република Македонија (Скопје)“.

Тој предлог беше официјално отфрлен, а подоцна се слушнаа неофицијални сведоштва дека бил прифатен од страна на Груевски во текот на самитот. Тоа го потврди и тогашниот министер за одбрана, Лазар Еленовски, на седница на Централниот одбор на неговата матична партија, НСДП, а три години подоцна го потврди и шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, кој во изјава за МРТ посочи: „Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц. Но, бевме блокирани“. Грујовата пропаганда за цело време лажеше дека лидерот го „одбранил“ името.

3. Тендерската коалиција се покажа на скопското Кале

Во очи на парламентарните избори во јуни 2011 година, се растури и фамата дека владејачката коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која функционираше како тендерска коалиција, обезбедува стабилност во меѓуетничките односи. На скопско Кале дојде до жестока и масовна тепачка меѓу две групи, кои протестираа за и против изградбата на музејот-црква на тврдината. Демонстрантите фрлаа со камења едни кон други. Тие што протестираа против, беа предводени од Артан Груби, денес десна рака на Али Ахмети, тогаш водач на албанската организација „Разбуди се“. Во инцидентот имаше неколку повредени, меѓу кои и едно дете. Стотина луѓе неколку дена претходно урнаа дел од музејот-црква, откако повторно беше започната неговата изградба.

4. Насилнички напад врз ЛГБТИ заедницата

Уште една голема „победа“ на оваа насилничка власт се случи во јули 2013 година, кога хулигани го нападнаа ЛГБТИ центарот на Хелсиншкиот комитет за човекови права во старата Скопска чаршија, обидувајќи се да го запалат. Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, објасни дека еден од луѓето се качил на покривот на Центарот, извадил неколку ќерамиди, ги попрскал покривните штици со запалива материја и ги запалил. Веднаш по инцидентот биле повикани противпожарните екипи и полицијата, по што пожарот бил изгаснат.

Настанот се случи само неколку часа откако претставници на странските амбасади во земјава беа присутни во Центарот и јавно го осудија насилството врз ЛГБТИ заедницата и ги повикаа институциите да го расветлат инцидентот во кој група маскирани лица го нападнаа Центарот и повредија полицаец, на 22 јуни истата година. Претходно во март, истата група демонстранти се судрија со полицијата на Бит пазар, при што беа демолирани објекти од приватна и јавна сопственост, а беа повредени и полицајци.

5. Згаснувањето на А1 телевизија и на весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“

Веројатно најзначајната, иако Пирова победа на Груевски, победа која му овозможи да оствари целосна контрола врз моќните медиуми, е затворањето на А1 телевизија и на дневните весници „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“.

Кон крајот на 2010 година, Груевски влезе во отворена војна со медиумите кои беа во сопственост на бизнисменот Велија Рамковски, Тие беа критички и проопозициски настроени. Во ноември, полицијата изврши упад во просториите на овие медиуми, под изговор дека се проверува финансиски криминал, при што се бараа докази за даночно затајување. Кон крајот на декември беа уапсен сопственикот Рамковски, директорката на А1 Анета Кочишки и други управители на фирми од Перо Наков.

Медиумите работеа под постојан притисок и постојани упади на УЈП и полицијата, по што згаснаа со работа веднаш по парламентарните избори во 2011 година. Весниците последниот број го испечатија на 1 јули 2011 година, а на 31 јули АЕК и ја одзеде фрекфенцијата на А1 телевизија, која по 18 години престана да зрачи во медиумскиот простор. Со ова, Груевски го најави почетокот на крајот на медиумската слобода. Затворањето на медиумите на Перо Наков помина без граѓански протести.

Година дена подоцна бардот на македонското новинарство Никола Младенов го покрена дневниот весник „Фокус“, но проектот згасна заедно со животот на овој новинар, во трагичната сообраќајка во март 2012 година. Има мислења дека околностите на овој настан сѐ уште не се доволно расветлени.

6. Власта го прикриваше убиството на Мартин Нешковски

За време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, вечерта на 5 јуни 2011 година, на плоштадот Македонија во Скопје, животот го загуби младиот Мартин Нешковски од Козле. Од МВР два дена не лиферуваа информации за тоа што се случило и кој е идентитетот на момчето. За неговото убиство беше обвинет и осуден специјалецот Игор Спасовски, кој му задал смртоносен удар на Нешковски. Зошто убиството се криеше и за него се молчеше, беа прашањата кои се поставуваа во јавноста. На овие прашања одговори лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој објави „бомба“ за планот да се прикрие убиството на Нешковски.

Четиринаесетте телефонски разговори, меѓу лица кои беа препознати како министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, премиерот Никола Груевски, шефот на УБК Сашо Мијалков, шефот на Кабинетот на премиерот Мартин Протуѓер и на шефот на обезбедувањето на премиерот, според Заев, се „признание дека убиството на Мартин Нешковски го извршил полицаецот Игор Спасов додека бил на должност, а не физичкото лице И.С“, како што тогаш се прикажуваше во јавноста, „За да избегне политичка и друга одговорност, власта на Никола Груевски смислила и спровела план, зад превезот на барањето за индивидуална кривична одговорност на сторителот, да се прикрие инволвираноста и одговорноста во МВР“, истакна Заев.

7. Правдата да апсењето на Љубе Бошковски ќе ги стаса виновниците

Уште една од големите „победи“ на Никола Груевски се случи во тие кобни денови по изборите во 2011 година. Ден по изборите, на 5 јуни 2011 година, беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски. Од неговото апсење на паркингот пред скопскиот ресторан „Воденица“ беше направена драма, а присутни беа провладините телевизии. Бошковски беше обвинет дека на незаконски начин ја финансирал кампањата. Бошковски и Рамковски се првите политички затвореници во Македонија. За апсењето на Бошковски, Заев исто така објави „бомба“, која како што посочи, била „доказ дека целиот случај со Љубе Бошковски е политички монтиран, сѐ било однапред планирано од страна на Сашо Мијалков, директорот на УБК и од министерката на МВР Гордана Јанкуловска“. Деновиве Специјалното јавно обвинителство отвори предмет за овој случај и побара истрага против Мијалков и шест други вработени во УБК.

8. Дали „Космос“ на Цаноски ќе го урне космосот на Груевски?

Одмаздничките акции на Груевски, во намерата да се задушат сите актуелни и потенцијални непријатели на неговиот план да заведе диктатура во Македонија, продолжија во летото 2011 година. Власта во август таа година се пресмета и со Фијат Цаноски. Имено, на изборите, Цаноски и неговата партија ПЕИ, ја напуштија коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и преминаа на опозициската страна. Ова резултираше со минирање на дел од станбениот комплекс „Космос“, сопственост на Цаноски. Тој за ова ја тужи државата во Стразбур и бара отштета од 10 милиони евра. Неофицијално се дознава дека предметот „Космос“ ќе биде промовиран пред изборите закажани на 5 јуни, а истраги би можеле да бидат покренати против поранешниот министер Миле Јанакиески и против поранешниот премиер Никола Груевски.

9. На случајот „Кежаровски“ режимот си ги скрши забите

Иако во 2013 година останаа само неколку островца на медиумските слободи во Македонија, режимот на Никола Груевски уште еднаш го покажа своето вистинско, цензорско и одмаздничко лице. Кон крајот на мај таа година, полицијата го уапси новинарот на „Нова Македонија“, Томислав Кежаровски, под обвинение за откривање на идентитет на заштитен сведок. Стануваше збор за текст објавен пет години претходно, во 2008 година, поради што беше нејасно зошто полицијата го апсела дури тогаш. Кежаровски обвини дека станува збор за монтиран процес, односно дека позадината за неговото апсење е „копањето“ на информации за сообраќајната несреќа во која загина уредникот на „Фокус“, Никола Младенов. Кежаровски во затвор помина година и пол. Тој и неговите колеги, со поддршка на демократската јавност, самите се изборија за неговото конечно ослободување.

10. Милијардите, кравите и соништата на брат Субрата

Тешко е да се избере една од многуте „победи“, за економскиот процут на Македонија во овие десет години. Од ветувањето на 8 милијарди евра странски инвестиции, до скорешните преброени „150.000 нововработени“, станува збор за лаги и манипулации. Но, ако веќе мора да се избере, веројатно нема позабавна приказна од онаа за индискиот бизнисмен Субрата Рој, човекот што беше пречекуван во Македонија како индиски крал, за на крајот да се покаже дека е криминалец.

Субрата Рој најави две големи инвестиции во Македонија, грандиозен туристички комплекс во Охрид и воскреснување на агрокомбинатот „Џумајлија“. Откако во 2011 година најголемиот агрокомбинат банкротираше, земјиштето со површина од 5.000 хектари остана запуштено. Во 2012 година, агрокомбинатот отиде под стечај, а веќе следната година Владата склучи договор со Субрата Рој, кој ја најави најголемата инвестиција во македонското земјоделство, вредна 211 милиони евра. Две години по најавата, освен првата бразда изорана свечено, во присуство на високи владини функционери, ни педа од земјиштето не се обработи, а не се донесоа ниту најавените 20.000 крави.

Субрата Рој беше затворен во февруари 2014 година под обвинение дека двете фирми на „Сахара груп“ стекнале 240 милијарди рупии (3,9 милијарди долари) преку обрзници за кои се откри дека биле нелегални. Дури во 2015 година ресорното министерство го раскина договорот со Субрата Рој. Пред три месеци се објави оглас за продажба на земјиштето во Џумајлија, но купувач сеуште не е најден. Во очекување на инвестициите на брат Субрата, пропаднаа четири реколти. А од грандиозниот туристички комплекс во Охрид останаа само цртежи.

11. „Скопје 2014“, најголемата пералница на пари во историјата

Цената на новиот изглед на Скопје, според истражувањето на БИРН, претставено преку базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ и официјалната документација, од првично најавените 80 милиони евра, се зголеми на над 560 милиони евра, a од првично најавените четириесетина споменици и објекти, се стигнало до над 130. Проектот „Скопје 2014“ првично беше најавен на 4 февруари 2010 година, кога градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, ја претставија визуелизацијата на Скопје во 2014 година. На таа прес-конференција тие не кажаа колку ќе чини проектот. Единствено беше прецизирано дека ќе има десетина нови објекти, дваесетина споменици, сменети фасади и нови мостови. Премиерот Никола Груевски прв пат призна дека стои зад овој проект при официјалната промоција на Триумфалната капија. Денес овој проект се смета за најголемата пералница за пари во историјата на Македонија.

12. Изборни кланици 2013 и 2014

Локалните избори во 2013 година и парламентарните и претседателски избори во 2014 година се оценети како најкриминалните избори досега во Македонија. Кон критиките на опозицијата задоцнето се приклучи и меѓународната заедница, откако беа обелоденети таканаречените бомби на Заев. На локалните избори во Центар се носеа гласачи од Пустец, Албанија, се прегласуваше дури три пати и се правеа сите можни обиди Андреј Жерновски да не ја освои градоначалничката функција. Се удираше на сите можни начини во општините каде имаше опозициски градоначалници тие да бидат сменети.

Парламентарните и претседателските избори, пак, беа запаметени по многубројните изборни нерегуларности, гласања со повеќе лични карти, непрочистениот Избирачки список, притисоци врз јавната администрација, читање на глас на имињата на избирачите и евидентирање на гласачите од страна на партиските набљудувачи пред гласачките места и слично. Опозицијата не ги призна резултатите од овие избори и одлучи да го бојкотира парламентот.

Власта реши да му се одмазди на Жерновски за победата во Центар. Набрзо по неговиот избор, на 7 и на 10 јуни 2013, група насилници, наводни поддржувачи на црквата која требаше да се гради во општина Центар, попречувајќи го нормалното одвивање на седниците на советот, вандалски ја нападнаа општинската барака, односно салата каде се одржуваа седниците и тоа со фрлање разни предмети, со каменување, со кршење на прозорци и врати, со нагрдување на oпштинската зграда и уривање на заштитната ограда. Насобраните „верници“, добиваа инструкции по телефон. Во една од „бомбите“, кои ги објави СДСМ, како што тврдеа од партијата, се слушна како премиерот Никола Груевски договарал физички напад врз Жерновски тој ден: „У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само“ – се слушна машки глас, многу сличен на гласот на премиерот Никола Груевски.

13. Тамара ја плати цената на „реформираното“ здравство

На 9 февруари, македонската јавност видно беше потресена од веста за смртта на малата Тамара од Велес, која имаше искривување на ’рбетот. Битката на девојчето со надлежните институции траеше цели три месеци, при што министерот за здравство, Никола Тодоров, изјави дека операцијата ќе биде на сметка на државата. Здравствената голгота на малата Тамара продолжи и по најавата дека операцијата која чини 30.000 евра ќе ја плати државата. Нејзината мајка неколку пати реагираше дека се заглавени во правна процедура, а дел од лекарите од кои се чекаше конзилијарно мислење на почетокот тврдеа дека деветгодишното девојче не е итно за операција. Подоцна беа објавена документи во јавноста, од кои се виде судбината на Тамара веќе била одредена. Таа се чувала за промоција на спиналниот центар и дека лага било дека ќе биде пратена на лекување во Турција.

За овој случај отворена е постапка во јавното обвинителство. Скандалот ги фрли во сенка сите „триумфи“ на Груевски и на Тодоров во областа на здравството и ја соочи Македонија со вистината дека животот и здравјето во Македонија никогаш не биле поевтини.

14. Драмата во кумановско Диво Насеље

На 9 мај 2015 година, Куманово го разбудија детонации и пукотници. Македонската полиција водеше целодневна битка со вооружена терористичка група од Косово. Во неуспешната акција на МВР, животот го загубија 8 припадници на специјалните сили, а околу 30 беа повредени. По инцидентот во Куманово, опозицискиот лидер Зоран Заев обвини дека вооружениот конфликт бил сценарио на власта, која се договорила со терористите за одредена сума на пари да предизвикаат инцидент, да се крене паника во јавноста со цел да се одвлече вниманието од бомбите на СДСМ. Веднаш по настанот, оставка поднесоа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловски и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Во интервју за Алсат-М, Али Ахмети потврди дека се водени преговори со терористичката група.

Овој случај, како и убиството кај Смилковско Езеро, сè уште не се расветлени. Тие им висат како камен околу вратот на Никола Груевски и на Али Ахмети, бидејќи според најавите, евентуалното објавување аудио-снимки за овие настани сериозно ќе ги разниша меѓуетничките односи и ќе покаже дека судбините на невини луѓе биле жртвувани на олтарот на тендерската коалиција.

15. „Бомбите“ што го потресоа режимот

Веројатно никогаш немаше да ги дознаеме сите важни детали за „триумфите“ на режимот на Груевски, да не се случеше неговиот најголем пораз – објавувањето на нелегалните аудио-снимки, за кои се претпоставува дека се дело на тајната полиција. Иако Никола Груевски се обиде да го пресретне објавувувањето на бомбите, покренувајќи ја аферата „Пуч“, со намера да го фрли во зандана опозицискиот лидер, на 9 февруари 2015 година беше детонирана првата бомба. Во периодот што следеше, СДСМ на 38 прес-конференции објави мноштво аудио-записи од прислушуваните разговори, транскрипти и видео-записи, во рамките на проектот „Вистината за Македонија“.

Неподелено е мислењето на експертите дека „бомбардировката“ придонесе да се продлабочи кризата, да се подигне свеста за отпорот што резултираше со големиот протест на опозицијата на 17 мај 2015 година, како и да дојде до договорот од Пржино во јуни-јули истата година, како вовед во претстојните вонредни парламентарни избори. Македонската демократска јавност сега е исправена пред дилема и пред нов предизвик – дали изборите ќе биде последната Пирова победа на Груевски, или, за промена, првиот вистински триумф на опозицијата?

Извор: gragjanite.mk