Шесто издание на Филозофскиот Филмски Фестивал

01.04.2016 03:39
Шесто издание на Филозофскиот Филмски Фестивал

По големиот интерес и огромната посетеност кои ги предизвика минатата година, Филозофскиот Филмски Фестивал се враќа со своето шесто издание во кое ќе бидат проектирани три значајни филмски достигнувања проследени со излагања на тројца еминентни познавачи на филозофијата и филмот. Покрај тоа, Фестивалот годинава подготвува и богата придружна програма.

Главната програма ќе се одржи од 7-9 април 2016 во просториите на Кинотека на Македонија. Фестивалот ќе биде отворен на 7 април во 19:00 часот со прикажувањето на филмот „Еден маж и една жена“ на францускиот режисер Клод Лелуш, придружено со предавањето на проф д-р Денко Скаловски со наслов „Едноставно: еден маж и една жена“, по што ќе следува пригоден коктел во фоајето на Кинотека на Македонија. Вториот ден на фестивалот, 8 април (19:00 часот), е резервиран за проекцијата на турскиот филм „Касаба“ на режисерот Нури Билге Џејлан и излагањето на д-р Дејан Здравков на тема „Чехов во Анадолија – изградба на една поетска фабула“. Овогодишното издание на Фестивалот ќе биде заокружено на 9 април, исто така со почеток од 19:00 часот, со проекција на култниот филм „12 гневни луѓе“ на американскиот режисер Сидни Ламет, по кој на тема „Правдата, казната и гневот: како се одлучува за животот и смртта?“ ќе беседи проф. д-р Ана Димишковска. По секое од предавањата на фестивалот ќе следи отворена дискусија на предавачот со публиката.

Организаторите на фестивалот предвидоа и придружна програма во која на 6 април свечено ќе бидат доделени наградите за најдобар средношколски филозофски есеј на тема „Големиот диктатор: Слободниот човек во неслободното општество“, инспириран од неодамнешната проекција на Чаплиновото ремек-дело „Големиот диктатор“, како и наградите за најдобар едноминутен студентски филм на тема „Слобода“, резултат на претходно организираната студентска работилница наречена „Од идеја до премиера“. Доделувањето на наградите и проекцијата на најдобрите филмови ќе се одржи во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје во 18:00 часот.

Но, шестото издание на Филозофскиот Филмски Фестивал не се случува само во нашиот главен град. Во рамките на т.н. „ФФФ караван“ Фестивалот ќе гостува во Прилеп со партнерски настан од едукативен карактер со македонскиот филозофски портал „Акиндин“ (гостин: проф. д-р Ана Димишковска), дебатно кино во Битола во соработка со „Контра кадар“ (гостин: д-р Дејан Здравков) и едукативен настан во сорабoтка со МСУ „Г.Р. Державин“ во Свети Николе (гостин: проф. д-р Денко Скаловски).

Со вака поставената програма организатоарите на фестивалот ќе се обидат да го искористат потенцијалот на седмата уметност за доближување на автентичните филозофски идеи до публиката и за поттикнување на слободната и креативна критичка мисла, како и за поттикнување на потребата од нејзино споделување.