Холивуд-Боливуд-Ноливуд

03.05.2010 12:01
Ноливуд

 

Ноливуд е нигериска филмска индустрија, трета во светот по количеството снимени филмови, веднаш зад Холивуд и Боливуд. За разлика од првите две, Ноливуд има ограничени и многу скромни финансиски фондови за снимање. За една просечна продукција потребни се само десет дена, а трошоците се движат во рамките меѓу 15 и 20 000 долари.

Околу една до две илјади филмови секоја година се снимаат во Нигерија, најмногу во главниот град Лагос. Но и покрај скромната финансиска ситуација, за 13 години постоење Ноливуд се претвори од ништо во 250 милиони долари годишна филмска продукција која вработува стотици луѓе. Појавата Ноливуд се поврзува со два битни фактори: нигериската деловна претприемчивост и дигиталната технологија.

Во доцните 80-ти и 90-ти години во Лагос (град за кој се предвидува дека до крајот на 2010 ќе има 24 милиони жители, а цела Нигерија 155 милиони) и останатите африкански градови пустошеше епидемијата на криминал и општа небезбедност. Кино-салите беа затворани, луѓето се плашеа навечер да престојуваат надвор, па така, цветаше пиратеријата на американските и хонгконшките филмови, како и на мексиканските ТВ сапуници. Гледањето филмови дома стана една од најпопуларните забави во нигериските домаќинства.

Ситуацијата ја промени нигерискиот бизнисмен кој имал неколку илјади празни видео касети кои сакал да ги наполни со снимен материјал. Најден е режисер, најдени се глумци, и во 1992 г. е снимен првиот нигериски филм, Living in Bondage. Тоа беше окултна приказна која преку ноќ стана хит, а чие снимање чинеше само 2000 долари.

Беа продадени 1 милион касети со филмот. Living in Bondage стана прототип за брзо и евтино снимање на домашен терен, како и за огромната дистрибуција на видео касетите и дисковите. И така се роди нигерискиот филм, познат како home video.

Останатото е историја

Денес во Нигерија постојат 300 продуценти, а се произведуваат неверојатни 1000-2000 филмови годишно. Со развојот на технологијата и брзата заработка, нигериските режисери ги заменија своите тешки и застарени камери со HD дигитални камери и современи компјутерски системи за обработка на музика и звук, монтажа и сл. Филмовите директно се преснимуваат на ДВД и ВЦД дисковите.

Секоја недела во нигериските продавници се праќаат по триесетина филмови во кои новиот филм се продава во отприлика 50 000 примероци, додека хитовите достигнуваат и до неколку стотици илјади продадени примероци. Секој диск чини два долари, цена која е прилично достапна за многу Нигеријци и која им носи огромна заработувачка на продуцентите.

Нигериските глумци често работат на неколку филмски проекти истовремено, така што им создаваат огромни главоболки на режисерите и продуцентите, бидејќи на снимање се појавуваат изморени, неподготвени за улогата, а понекогаш и воопшто не се појавуваат. Продуцентите имаат проблеми и околу локациите за снимање, за кои мораат им да плаќаат големи износи на локалните криминалци. Сепак, едно е сигурно – никој не може и не смее да ја наруши работата на режисерите кои се подготвени на сè.

Глумците обично се Нигеријци, а темите што филмовите ги обработуваат се секојдневни нешта со кои жителите на оваа држава се соочуваат и поистоветуваат – љубов, хумор, окултност, корупција, женски прашања, положбата на жената во општеството, религиозноста, проституцијата, СИДА-та и сл. Поголемиот дел од филмовите не се снимени во студио, туку на локации околу градовите Лагос, Енугу и Абуји, во хотели, приватни куќи или деловни згради кои се изнајмуваат за потребите за снимање, а имињата на сопствениците се појавуваат на одјавната шпица. Во филмовите нема голотија, нема пцуење, бидејќи сите филмови минуваат низ строга цензура. Некои од нив делуваат како ехо и реминисценција на италијанскиот нео-реализам од 40-те години на 20-от век. Филмовите се снимаат на англиски јазик, а не на локалниот Хауса јазик, што ја овозможува полесната дистрибуција низ светот.

Нигериските филмови не се популарни само во Нигерија, туку во сите делови на јужна Африка каде се зборува англиски. Нигериските глумци станаа познати имиња од Гана до Замбија и ја освојуваат африканската дијаспора во Европа и Америка.

„Ние ги снимаме нашите приказни на наш начин“, вели режисерот Бонд Емерува. „Тоа се приказни кои им се привлечни и на режисерите и на публиката. Пази се, Холивуд. Доаѓаме“, порачува еден нигериски продуцент. „Ова е Ноливуд, повеќе од фасцинација и без фанфарите на филмската индустрија. Ноливуд е приказна за луѓето кои ги премостуваат пречките за да ги остварат своите соништа“.

Неколку интересни наслови

Документарниот филм Welcome to Nollywood (2007) на Џ. Мелтцер се осврнува на нигериската филмска индустрија, а посебно на два режисера, Изу Ојукву и Чика Ејира.

Уште еден одличен документарен филм од 2007 претставува This Is Nollywood, на Френк Сачи, за развојот и влијанието на нигериската филмска индустрија.

Check Point, на Бонд Емерува, е приказна за невин човек кој е убиен од страна на полицајците додека го претресувале и претставува реакција на локалната полициска власт и корупцијата во земјата.

„Квалитетот не е најдобар, но квалитетот и не ни е од големо значење, туку повеќе нè интересира приказната, што се случува во нашата земја, во нашето опкружување“, изјави еден нигериски студент во Њујорк.

Погледнете избор од десетина воодушевувачки фотографии од Нигерија, земени од книгата No way in Hollywood, на Питер Хјуџ, фотографот кој ја забележа суштината и необичната, можеби дури и застрашувачка, волшебна и сирова убавина на нигериската филмска индустрија. На фотографиите се наоѓаат сцени од филмовите, како и познатите нигериски глумци кои му позираа на фотографот Хјуџ.

 

Извор: P.U.L.S.E