Безбеден дом за Шешељ

01.04.2016 14:37
Безбеден дом за Шешељ

Најпосле и тоа е готово. Тринаесет години и еден месец откако лидерот на Радикалите, Воислав Шешељ со свирачи и прасечко одлета за Хаг, судот го кажа своето и го ослободи од вината за сите десет точки од обвинението. Тоа беше скандалозен крај на скандалозното судење, но уште поскандалозно беше образложението на претседавачкиот судија Жан-Клод Антонети, кој во текот на маратонскиот процес повеќекратно изразуваше не само наклонетост, туку и отворено воодушевување за обвинетиот.

Со денешното образложение, Антонети се надмина себеси: во еден момент почна да зборува за „Срби со православна, католичка и исламска вера“, со што покажа дека ја усвоил идеологијата на обвинетиот. Според него, доброволците од Српската радикална партија не биле во Хрватска и Босна за да напаѓаат некого, туку само да го бранат српскиот народ; Прогонот на Хрватите од Хртковци бил во функција на решавање на станбеното прашање“, а протерувањето на муслиманските села околу Зворник било вршено „на хуманитарна основа за цивилите да се оддалечат од воената зона“. Можеше да се слушне сешто во текот на час и половина долгиот говор на Антонети, кој не претставуваше ништо помалку од обид за комплетна ревизија на историјата на војната во поранешна Југославија, а за што правниците, историчарите и јавноста со месеци ќе расправаат. Во меѓувреме, Шешељ, како што кажа Антонети, е „слободен човек“ и така ќе остане сè до крајот на жалбената постапка.

Во овој процес ништо не одеше како што треба, почнувајќи од првиот ден, кога луѓето од надлежната служба на Трибуналот го чекаа Шешељ на погрешен терминал, па тој половина час луташе на амстердамскиот аеродром додека не го најдоа. Потоа, имавме штрајк со глад кој заврши со невидени отстапки за обвинетиот. Прво дојде до измена во обвинителскиот тим, а подоцна, на барање на Шешељ, беше отстранет и еден од судиите. Видовме и слушнавме пцуење во судницата, отворени и прикриени закани до сведоците и што уште не, што претставува солидна основа Апелацискиот совет да го поништи судењето и да го врати процесот на почетокот. Меѓутоа, тоа би можело да потрае, а прашање е дали во сегашните политички околности е воопшто изводливо, а во Србија останува Шешељ, слободен да го прави она што најдобро знае да го прави: да провоцира, да навредува и да заплашува, и не би требало да се чудиме ако во некој момент повторно мавта со пиштол, или ги кине каблите во Собранието.

Во времето на Слободан Милошевиќ тој беше корисен за режимот на два начини: кон надвор, го поддржуваше имиџот на Милошевиќ како умерен политичар (покрај Шешељ секој изгледа респектабилно): кон внатре, жестоко ги напаѓаше демократската опозиција и независните медиуми. Како што изгледа, тој сега го нуди истиот вид услуги на својот некогашен штитеник Александар Вучиќ, а нему, како што изгледа, не му пречи да го прифати тоа. Единствената разлика е што Шешељ нема да може да смета на логистичка поддршка од Државната безбедност која ја уживаше во времето на Милошевиќ и нема да може да ги испраќа своите следбеници на екскурзии надвор од Србија, но простор за штетно дејствување ќе има доволно и внатре.

По ваквото судење, можеа да го осудат на доживотна робија, или на три месеци општествено корисна работа – ќе беше сеедно. Со дијагнозата рак на црниот дроб и онака немаше да оди в затвор. Можеби утре во составот на некоја делегација ќе го посети Европскиот парламент, а задутре, кога Србија ќе влезе во Европската унија, би можел да стане и европски пратеник, и нема да отскокнува многу.

Навистина, не е тешко да се замисли Шешељ во друштво со Марин Ле Пен, Херт Вилдерс или Најџел Фараж, за пратениците на грчката Златна зора, унгарскиот Јобик и бугарската Атака и да не зборуваме. Во овој состав на Парламентот, партиите од екстремната десница имаат сосема солиден блок. И покрај јазичните бариери, лесно ќе се сложат како треба да се постапува со муслиманите, хомосексуалците и сличните. Ако заглави, тука се хрватските пратеници Ружа Томашиќ и Маријана Петир, исто така многу десни за да помогнат околу преводот. А, можеби и Доналд Трамп ќе му се оддолжи за поддршката, па ќе го повика да му гостува на митинзите. Каде и да се заканува, навредува и извикува, а на неистомислениците и новинарите им се кршат главите, Шешељ е свој на своето.

Кога пред петнаесет и пол години Воислав Коштуница го замени Слободан Милошевиќ, му вети на развеселениот народ дека од Србија ќе направи „досадна, нормална земја“. Многумина, вклучувајќи ме и мене, му поверуваа, затоа што сакавме да веруваме. Што и да мислиме за Трибуналот, тој го отстрани Милошевиќ на одредено време, а потоа и Шешељ од политичката сцена, што требаше да ја олесни нормализацијата на земјата истоштена од диктатурата, санкциите и војната. Мислевме, наивно, дека за пет, најмногу десет години ќе влеземе во ЕУ и дека дотогаш, тука, на политичката сцена веќе нема да има простор за насилници и демагози. Се случи нешто сосема поинакво: наместо Србија да почне да наликува на ЕУ, ЕУ и голем дел од западниот свет почнуваат да наликуваат на СФРЈ пред распадот. Во новите околности, Шешељ не е диносаурус, како што многумина побрзаа да го оценат, туку претходник на идниот хаос.

31.03.2016

Извор:http://www.vreme.com/

Слични содржини

Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Балкан / Историја
Балкан / Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото