Притворот ја најави слободата

02.04.2016 11:30
Притворот ја најави слободата

Веста за притворањето на Горан Грујевски, началник на Петтата управа во Министерството за внатрешни работи, беше доживеана како благовест, радосна најава на слободата, прв чекор на долгиот пат до ослободувањето, како почеток на крајот на тортурата. Поинаку и не можеше. Зашто, ова е земја во која до вчера беше незамисливо, никому не му паѓаше ни на крај памет (особено не на Хорхе), некој што важи за човек од доверба на власта - за Грујoски, „првото уво“ на режимот, и да не зборуваме - да се најде од онаа страна на бравата. Не дека денеска е многу полесно да се притвораат осомничени за тежок криминал, ако тие се угледни припадници на злосторничкото здружение на власт, ама барем таква сцена сега може слободно да се замисли.

За разлика од поранешниот премиер - оној без „ј“ во презимето, јавноста веќе не го мисли истото што го мислела вчера. Зашто, со случаите што ги отвора СЈО не само што почна повеќе од симбoлично да се урива „тврдината“, поточно занданата, наречена груевизам, туку и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не изгледа така недопирлив. Напротив, повеќе од очигледно е дека е сериозно начнат, и единственото на што мисли - не само од вчера - е можноста да се брани од слобода.

Една ластовичка (еден Груевски во кафезот) не ја прави пролетта, ама ја најавува. Заканите од власта и сознанието дека назад ни е зимата, изгледа дека овој пат нема да го стопи оптимизмот.

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби