Основи на поразот на Груевски

04.04.2016 04:10
Основи на поразот на Груевски

Жртва на деполитизацијата на политиката се партиите кои како такви го губат значењето. Тоа неодоливо нè потсетува на Америка каде партиите се сведени на платформи за политичарите и одамна не се лаборатории за производство на политички содржини. Ангела Меркел постепено ја испразни својата партија од сите вредности. Сега сме во последната фаза на тој процес каде личностите на политичарите ги преминуваат гранците меѓу партиите. Мнозинството на политичарите ќе ја поддржува канцеларката затоа што таа со својот политички живот ја штити најдрагоцената од сите вредности - моќта!

Ова е парче од анализата на Јакoб Аугштајн на неодамнешните покраински избори во Германија.

Може да се каже дека поразот на Груевски, во својата идејна основа, произлегува од ужасната застареност на концептот, од совршената противпоставеност на модерните политички тенденции во светот кои во текстот на Аугштајн се илустрирани низ примерите на Германија и Америка. Во самата идеја дека ВМРО е единствената артикулација на македонските национални интереси.

Забележав дека и професорот Димитров ја акцентира закономерноста на процесите кои од партијата која инсистира да се поистоветува со државата произведува антидржавна партија, а од лидерот кој инсистира да биде беспоговорен суверен, прво произведува злосторник, а потоа прогонета ѕверка и затвореник. Си дозволувам, да се разбереме, послободна интерпретација, но, во суштина тоа е тоа. Затоа што обидот да се изнивелираат сите интереси под единствената капа на државотворната партија и неприкосновениот лидер, а не да се хармонизираат, да се тендира кон смртно задушување на сите конфликти, во овој дел на светот може да произведе зло и да заврши само во зло.

На друг начин овие моменти се однесуваат и на Социјалдемократскиот сојуз и на нивниот лидер Заев. И тие не ја разбираат релативизацијата на партијата како таква и тоа преминува во гротеска кога ги гледам како испразнетата од значења партија ја пумпаат со кичести бесмислици и паради, со соновници што ги викаат визии. Како и потребата од прелевањето на лидерската позиција преку границата на матичната партија во поголем дел од политичкиот и општествен простор. Тоа што го викавме битка против Груевски не како битка на Заев и СДСМ, туку како битка на Македонија

Ако за Груевски ваквото погрешно читање на времето, на стандардите на времето е основа на неговиот драматичен пораз, на губењето на моќта како гравитационен центар, тоа кај Заев може да биде основа на неуспехот да ја оствари својата мисија.

За Груевски е доцна за какви било корекции, за Заев не сум сигурен!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Ковачевски