РТ – ударната тупаница на Путиновата пропагандна машинерија

04.04.2016 03:36
РТ – ударната тупаница на Путиновата пропагандна машинерија

Сврзното ткиво на напорите на Москва да се конфронтира со Западот, откако Русија го анектираше Крим, изврши проруска окупација на делови од југоисточна Украина и воено интервенираше во Сирија, се телевизиските и онлајн мрежи на Кремљ.

Најистурен од овие медиуми е меѓународниот ТВ канал RT (познат како Russia Today пред да се ребрендира), кој е позициониран како руски одговор на британската BBC и американската CNN. Кога стартуваше во 2005, програмската одредница на оваа државна телевизија беше да го шири русофилството глобално, матичната земја да допре до раштрканата руска дијаспора и да се претставува Русија во светот од секаков аспект – географски, историски, социјален, технолошки, политички, економски и културен – во позитивно светло.

Откако со ребрендира, RT стана главното орудие на руската пропаганда во странство, со главна цел да ја промовира веќе зацртаната руска надворешно-политичка доктрина на геополитички судир со стариот соперник, Соединетите Американски Држави, и неговите сојузници, пред сè, Велика Британија и Германија. Траснформацијата започна во 2007, по знаменитиот минхенски говор на Владимир Путин. Од научно-популарен и емитуван само на англиски, овој ТВ канал стана повеќејазичен со неколку студија и повеќе меѓународни дописништва каде работат околу 2.000 вработени. Главните се во Москва, Лондон и Вашингтон, каналот моментално се емитува и на шпански и арапски, а во најава е започнувањето емисии во германскиот и францускиот етер.

Покрај Ruptly, видео новинското одделение на RT, веќе започнаа да функционираат и неговиот француски и германски веб-сајт. Буџетот на каналот варира некаде од 700 милиони до 1 милијарда долари годишно.

ЛОБИСТ НА ИНТЕРЕСИТЕ НА КРЕМЉ

Некои западни земји како САД од поодамна се жалат дека RT многу повеќе функционира како лобист на интересите на Кремљ, посебно за време и по настаните поврзани со окупацијата на Крим и разгорувањето на конфликтот во југоисточна Украина, а не како информативен медиум. Други пак, како Ofcom, британски регулатор за медиуми и телекомуникации, по завршената истрагa лани го обвинуваат каналот за нарушување на емитувачките кодекси на земјата и за необјективно известување.

Откако започна руската воена интервеција во Сирија, RT се нафрли на CNN дека таа ги надминала границите и станала „ужасна телевизија“ и дека се служи со „груба, валкана политичка пропаганда. Засрамете се,“ вели водителката на RT. А, гревот на американската мрежа беше единствено тоа што во прилог од 19 октомври 2015, предупреди дека Русија би можела да се соочи со терористички одмазднички напади поради акциите во Сирија и ги наведе примерите на заложничките драми во театарот Дубровка во Москва во 2002 и во училиштето во Беслан во 2005, кога во одмазда на чеченските милитанти, поради руската воена кампања во Чеченија, загинаа стотици луѓе, меѓу кои и стотина деца.

Инаку, злокобното предупредување на CNN се оствари кога само 11 денови по емитувањето на прилогот, над Синај беше соборен руски патнички авион, Боингот на Metrojet, при што загина 224 патници и членови на екипажот. Подоцна се потврди дека во авионот била подментната бомба. Одговорноста за терористичкиот чин веднаш ја презеде Исламската држава, како одмазда за интервенцијата на Русија во Сирија.

Студиото на RT America се фокусира да го слика американското општество во негативно светло и САД се претставени како упропастена земја со коруптивен и неефктивен политички систем.

Во Вашингтон постои мала група конгресмени и политичари кои прават напори да ја минимизират штетата од ова „оружје за масовна заблуда“, изјави Ден Рапопорт, експерт за финансии од латвиско потекло кој живее во Вашингтон, округ Колумбија. Правиме напори регулаторите да го разгледаат нашето барање RT да се регистрира според актот FARA (закон за регистрација на странски агенти од 1938), кој бара агентите на странски центри на моќ да ги обелоденат своите врски со странски влади и да достават информации за нивните активности и финансии.

Рапопорт има работено повеќе од две децении како финансиски аналитичар, брокер и банкарски советник за инвестиции во повеќе компании и банки во Москва. Но, поради неговите врски со руската опозиција и поддршката што му ја дава на антикорупционерот Алексеј Навални, тој падна во немилост на режимот и замина од Русија во 2012.

РЕГУЛАЦИЈА ИЛИ НЕ

Спорно е прашањето дали RT America може навистина дa биде ставен под таква регулација. Се смета дека тоа би било повод Москва да ја зацврсти својата анти-американска кампања дома и да се пожали пред светската јавност дека во САД навистина нема слобода на говорот. Таквиот акт би го погазил и Првиот амандман.

Според некои рејтинзи, поради празнината што постои во САД - слични мејнстрим медиуми продлабочено да известуваат за такви теми како бунтот на афро-американските жители во Фергусон и во други градови, полициската бруталност, социјалната нееднаквост или пропустите во американското образование - RT America е најгледаниот странски канал во земјата со гледаност шест и пол пати поголема од онаа на Al Jazeera America. Како што пишува The Observer:

Може недвосмислено да се каже дека RT е необјективен и не известува урамнотежено, но во најмала рака дава онолку легитимна претстава за САД и за американската реалност колку што дава и еден Fox News. Генерално, овој канал известува со многу попродлабочени прилози отколку таквите мрежи како ABC, CBS или NBC.

Во Велика Британија, пак, Ofcom вели дека RT UK го нарушил кодексот за емитување и необјективно и пристрасно известувал од случувањата за време на војните во Украина и Сирија. Регулаторот вели дека во еден од документарните филмови во кој украинските власти биле обвинети за геноцид, не биле дадени алтернативни погледи за тоа тврдење.

Според Ofcom, во последните 10 години рускиот канал го нарушил кодексот 14 пати. Сепак, регулаторот одлучил да не казнува ако каналот изврши корекции во некои од програмите и ги емитува повторно. Се работи за две изданија на сега веќе завршената авторска емисија The Truthseeker.

Во таа емисија се говорело дека BBC извршил инсценирање во една репортажа за напад со хемиско оружје во Сирија, додека во друг кадар во интервју со сириски доктор, британската телевизија го заменила зборот „напалм“ со „хемиско оружје“. BBC го признал фактот со аудио монтажата, но според мислењето на Ofcom, RT „го прувеличил значењето на тоа истражување и со тоа ги довел во заблуда гледачите“.

Според RT, тоа била последната истрага на Ofcom во однос на руската телевизија и во меѓувреме биле прекинати уште две слични истраги.

Инаку, еден од главните медиуми на руската пропаганда е Интернетот. Започнува со фабрикувана вест објавена на некаков познат портал или блог која потоа ја преземат останати сајтови со сомнителна репутација. После тоа во игра се вклучуваат големите руски телевизиски мрежи како националните во Русија или RT кои се повикуваат на „изворите“ на Интернет и ја објавуваат информацијата што одредено време се врти во медиумскиот простор. Прашањето за нејзината автентичност никогаш не се поставува.

На тој начин неодамна се прошири дезинформација за Лиза, 13-годишното девојче на руски доселеници од Берлин за нејзино наводно киднапирање и силување од страна на група бегалци.

На глобално ниво рејтингот на RT е многу повисок од оној на CNN, смета Иља Понамарев, пратеник во Државната Дума на кого лани му беше одземен пратеничкиот имунитет поради неговиот критички однос кон власта (тој е единствениот депутат во Думата кој гласаше против присоединувањето на Крим). На едно свое предавање, кое се одржа лани во јануари во вашингтонскиот Центар за стратегиски истражувања и меѓунардни студии, тоj го образложи тоа вака:

Со изградбата на таканаречената „конзервативна интернационала“, Русија стана авангарада и носител на глобалните конзервативци и крстоносец против глобализацијата, и RT е ‘рбетот на оваа хибридна идеологија. Оваа телевизија апелира на 5 проценти од традиционалната десница и 5 проценти од левицата. Тоа е еднакво на 10 проценти на лојални гледачи во земјите во развој.

 

ЛИНКОВИ:

-BuzzFeed, 14 Insane Moments From RT’s Coverage Of The Russian Invasion Of Ukraine www.buzzfeed.com/katherinemiller/insane-moments-from-rts-coverage-of-the... (пристапено на 26.03.2016)
-RT Sanctioned, By Ofcom Over Series of Misleading and B­­­iased Articles http://www.theguardian.com/media/2015/sep/21/rt-sanctioned-over-series-o... (пристапено на 26.03.2016)
-North America Inter Press Service, Foreign News Channels Drawing U.S. Viewers http://ipsnorthamerica.net/news.php?idnews=2815 (пристапено на 26.03.2016)
-The Observer, How Kremlin TV Covers America and Why It Matters, http://observer.com/2015/02/how-kremlin-tv-covers-america-and-why-it-mat... (пристапено на 26.03.2016)
-Окно, Новата реалност на Русија http://okno.mk/node/43871 (пристапено на 27.03.2016)

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ОкоБоли главаВицФото