Мораториум за јавно политичко дејствување за времетраење на преодната влада?

04.04.2016 12:23
Мораториум за јавно политичко дејствување за времетраење на преодната влада?

Мислам дека е премногу од Заев да очекуваме стратегија за нормализација на државата во состојба кога се прават напори за спас. Впрочем, ем е нелогично, ем е недозволиво стратегијата за нормализација пост-Груевски да биде оставена единствено на СДСМ или на Заев, или на која било друга партија, без учество на поширок спектар фактори.

Засега е сосема доволен пристапот за демисија на власта, преодна стабилизациска влада и преземање чекори за базична нормализација на општеството, враќање на кредибилитетот на надворешната политика и давање гаранции кон странските кредитори. Тоа е суштината за политичка разрешница како предуслов за правна разрешница, редослед со кој потполно сум согласен и на кој сите мораат да инсистираат.

Но сето тоа е под знак прашање сè додека оваа структура е на власт. Симне, замине, сруши, отстрани... под кое било име или опис, демисијата на Груевски и Ахмети е conditio sine qua non за смирување на општеството и односите во него. Техничка, преодна, експертска, транзициска... под кое било име или опис подразбира дека СДСМ не може и не смее да ја преземе власта без претходна во дух и дело политички неутрално поставена в.д. администрација со минимален и консензуален мандат од барем една година, која ќе се фокусира на неколку прашања: обезбедување траен заштитен бедем помеѓу партиите и администрацијата, формирање независно судско тело вон сегашниот правен систем, регулирање на медиумскиот простор и темелна реформа на изборниот систем.

Кредибилноста и успешноста на тој потфат е можна единствено доколку се гарантира непристрасност не само кон ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку еднакво и кон СДСМ. А тоа, во широки рамки, дава повод да се размислува и за можен мораториум на јавно политичко дејствување на сите партиски субјекти во земјата за времетраење на преодната влада, сè до новите избори. Доколку предлогот на Груевски за мораториум на етнички прашања беше прифатлив за сите партии, зошто да не биде искористена таа идеја и кон самите партии? Ви звучи радикално? А како ви изгледа состојбата денес? Лут мелем на лути рани, вели народот.

-Април 2015.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: ШкАрт