Веселата математика во белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ

05.04.2016 03:27
Веселата математика во белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ

Пропагандата нè убедува дека македонскиот граѓанин живее ко бубрег во лој. А здравиот разум и економската логика велaт дека во услови кога имаме дефицит во пензискиот фонд, кога нема инвестиции и економски раст, тогаш има само пиши-бриши во Агенцијата за вработување. Така дојдовме до „фантастичната“ цифра на која можат да ни завидуваат економски најуспешните земји во светот – за десет години 150.000 нововработени во нација од 1,5 милиони луѓе. Што велат длабинските анализи?

 

Ги фризира ли власта бројките на вработени, кога вели дека стапката на невработеност од 38 отсто, колку што беше пред десетина години, „издишала“ на 24,6 отсто? Ја зборува ли вистината вицепремиерот Зоран Ставрески, кога пуштен во предизборен поход од белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ бомбардира со бројка од 150.000 работни места, отворени за десетина години?

На Македонија ѝ се случува економски бум, невидлив за сиромавиот граѓанин, или пак, се тоа само предизборни рафали за нови жртви на погубната економска политика? Пропагандата нè убедува дека македонскиот граѓанин живее ко бубрег во лој, дека бугарскиот пасош не е виза за подобар живот во земјите на ЕУ, дека повеќе од 600.000 луѓе не избегале од сиромаштијава и бесперспективноста. А здравиот разум вели дека во услови кога имаме дефицит во пензискиот фонд, кога нема инвестиции и економски раст, тогаш има пиши-бриши во Агенцијата за вработување.

Фали ме усто да не те расчепам!

Министерот за финансии Зоран Ставрески неодамна на прес-конференција во партиското седиште се пофали дека намалувањето на невработеноста во изминатите девет и пол години е најголемиот успех на економската политика на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата. Министерот тврди дека во периодот од јуни 2006 до декември 2015 година во Република Македонија „се креирани вкупно 150.000 нови работни места, односно дека 150.000 луѓе нашле работа.“

– Тие луѓе се чувствуваат вредно како што треба секој човек да се чувствува, достоинствено. Тие луѓе можат да го издржуваат сопственото семејство и себеси со тие пари. На тие луѓе им е променета иднината, променет им е животот на подобро, тие луѓе можат да прават планови за купување куќа или изградба на куќа, за купување стан – рече Ставрески.

Истите овие бројки, исфилувани со уште попластична дијалошка драма, Ставрески ни ги прераскажа и во интервју на телевизијата на Сеад Кочан, бизнисмен близок до власта:

– Од 38 проценти, колку што беше стапката на невработеност, денес таа е симната на 24,6 проценти, значи едно големо, огромно намалување на невработеноста, при што се креирани 150.000 работни места во овие десет години. Тоа значи на 150.000 луѓе им се подобрил животот, им се сменила судбината, се чувствуваат поисполнети, се чувствуваат дека повеќе вредат, одат на работа, земаат плата, можат да си формираат семејство и да планираат во животот. Тие работни места се формирани во приватниот сектор главно, најмногу во трговијата, 37.000, во индустријата 26.000, 25-26.000 се формирани во транспортот, телекомуникациите и слично. Значи, се креирани работни места што се во домашното стопанство, во домашната економија. Но, истовремено имаме креирано и по други основи работни места, па пример преку привлекувањето на странски инвестиции, речиси 16.000 работни места се креирани. Преку активните политики за вработување на Агенцијата за вработување се креирани повеќе од 40.000 работни места, од кои само преку проектот „Македонија вработува“ и преку проектот за млади 23.000 работни места и слично. Сето тоа се должи на добрите политики, на најниските даноци во светот, на дванаесеттото место во светот според „Дуинг бизнис“, на подобрената работа на Катастарот, Царината, Управата за јавни приходи, на евтините кредити што ги обезбедуваме и на високите капитални инвестиции од Буџетот – изјави Ставрески.

Дали е ова истиот Ставрески, кој на линија со Јанкулоска, во очај, вели: „Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада, а немаме леб дома, тоа праиме ние“. Би признал ли човекот дека близу 300.000 луѓе чмаат во животот, не одат никаде, преживуваат со 20 денари во џебот. Судбината им е поцрна од пред десет години. Се чувствуваат исфрустрирано, безнадежно, безвредно. Не одат на работа, не земаат плата. Не можат да купат куќа, ни квака од стан. Тие луѓе не се чувствуваат достоинствено, како што лаже министерот. Не можат да си формираат семејство, ниту да си го планираа денот, а камоли животот.

Фантомски вработувања во фантомска држава

За жал, веселата математика на министерот за финансии ја поткрепи и вицепремиерот Владимир Пешевски.

Но, економските аналитичари тврдат дека бројките се немилосрдни. Колку и да се вртат во пропагандниот барабан и колку и да се применува системот на пиши–бриши, не може да се избега од здравата економска логика. Тоа значи дека исфрлената бројката од 150.000 нововработени мора претходно да биде поткрепена со вистински економски бум, со инвестиции многу поголеми од оние што досега се реализирано во земјава (а по тоа сме фенерџии во регионот), со многу поголема поддршка на средните претпријатија, наместо со оптоварувања, кои резултираа со затворање на повеќе од 10.000 фирми.

Во овој контекст е и фактот што во време кога, според податоците на власта, невработеноста е историски најмала, Фондот за пензиско има сè помалку приходи. Ова прашање го коментира Кире Наумов, економски аналитичар и дополнителен министер за финансии, кој смета дека тука лежи економската нелогичност на целата таа божемна „политика“. Наумов тврди дека бројката од 150.000 работни места со кои се фали власта е фантомска, зашто се знае дека Фондот на ПИОМ е во дефицит, не е забележан економски раст, ниту пак е регистриран значителен бенeфит на странските инвестиции.

– Како е можно да имаме најниска невработеност, а Фондот за ПИОМ секој месец да бара сè поголеми трансфери? Ако може да имаме фантомски гласачи во Избирачкиот список, зошто да немаме и фантомски вработувања? – коментира Наумов за порталот Граѓаните.

Благица Петрески, извршна директорка на „Finance think“, Институт за економски истражувања и политики, за Граѓаните.мк вели дека дефицитот во Фондот за ПИОМ е во континуиран раст во последните десет години, со забрзан раст од 2008 година.

– Над 80 отсто од дефицитот во пензискиот фонд се покрива преку средства од Буџетот на РМ. Во истиот период беше воведен и вториот столб во пензискиот систем и трансферите кон пензискиот систем се зголемија и поради вториот столб. Но, вториот столб само делумно влијае на растот на дефицитот. Растот на пензиите е повисок од капацитетот на економијата и од растот на платите – вели Петрески.

Длабинската анализа покажува лоши трендови

Професорот Јорде Јаќимовски од Институт за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје објаснува дека во сета оваа математика треба да се истакне податокот дека се намалува бројката на работната сила до 29 години.

– Република Македонија, со стапка на невработеност од 24,6 отсто (Анкета на работна сила за 2015 година, во четврто тромесечје, Соопштение број 2.1.16.04 на Државен завод за статистика од 9.03 2016 година) секако не дава добри перспективи за општествена интеграција на работната сила, особено ако ја земеме предвид стапката на невработеност на младата популација (20-24 години), која изнесува 47,3%. отсто. Што значи дека една четвртина од вкупната работна сила во Република Македонија е невработена. Или, на секој втор на возраст од 15-24 години му е оневозможено да стекнува плата и работно искуство – вели професорот Јаќимовски.

Интересен е податокот, додава Јаќимовски, што работната сила (вработени и невработени) на возраст од 15 до 29 години, се намалува – од 234.549 во 2006 година на 225.334 или за 9.216 лица, односно за 3,9 отсто.

– Значително се намалуваат неактивните лица на возраст од 15 до 29 години. Тоа се лицата што се во образовниот процес, односно лицата што се подготвуваат за пазарот на трудот. Намалувањето е од 249.047 во 2006 година на 231.257 во 2014 година, или за 17.790 лица, односно за 7,2 отсто. Меѓутоа, според Статистичката публикација „Вработени и нето-плати“, лицата што работат во деловни субјекти од сите видови сопственост (приватна и друга), со исклучок на македонски претставништва во странство и индивидуални земјоделци, бројот на вработени од 418.192 во 2006 година се зголемил на 501.788 во 2014 година, или за 83.595 лица. Забележителен пораст на вработени лица се забележува во трговија на мало и големо, потоа во јавна управа и одбраната, задолжителното социјално осигурување, образованието и други услужни дејности. За илустрација, во преработувачката индустрија бројот на вработените во однос на 2006 година од 108. 994 во 2014 година се зголемува на 111. 559 или за само 2. 565 вработени – објаснува Јаќимовски.

Истражувањата што ги правел професорот Јаќимовски покажуваат дека во последните години, преминот на младите од образование на работа станува сè подолг, сложен и турбулентен. Две третини од младите во Република Македонија сметаат дека тешко оди вработувањето по завршувањето на образованието. Истражувањата покажуваат дека младите најмногу сакаат да се вработуваат во државна администрација и да одат во странство.

– Со долгорочната невработеност во раниот работен век, младите ги губат најдобрите години од животот чекајќи вработување. Притоа се создаваат можности за долгорочни лоши последици во доживотната перспектива, неискористеност на знаењето и вештини, мала заработувачка во работниот век, намален здравствен статус, одлагање брак и родителство кај младите и опасност од социјална исклученост. Позицијата на младите на пазарот на трудот е главна одредница за нивно богатство или сиромаштија – вели Јаќимовски.

Работата носи бенефиции во финансиската и во социјалната смисла, но сепак не е мал бројот на оние што остануваат сиромашни и исклучени иако се вработени.

– Една третина од вработените (33,5 отсто) заработуваат до 12.000 денари, односно 64,1 отсто до 20.000 денари (состојба од 2014 година). Тешкотиите при вработувањето имплицираат проблеми на индивидуално и трошоци на општествено ниво. Како позначајни индивидуални проблеми можат да се наведат фрустрациите, нервозите, малата заработувачка во работниот век, одлагањето брак и родителство кај младите, неискористеноста на знаењето и вештините и социјалната исклученост. Проблеми во општеството се негативен успех во демографската политика, голема неискористеност на енергијата и творечката способност на младата работна сила, зголемени социјалните трансфери и изгубени даноци – констатира професорот.

Министерот Ставрески, сепак, тврди дека стапката на невработеност од 38 отсто пред десетина година е намалена на 24,6 отсто и дека во овој период актуелната власт отворила 150.000 работни места. Имаме ли реално намалување на вработеноста во земјава или, пак, и во овој случај станува збор за политизација на еден од најгорливите проблеми во земјава? На ова прашање Благица Петрески од „Finance think“ одговара:

– Намалувањето на невработеноста се должи на неколку фактори: делумно поради формализација на неформалната економија,поради новоотворените места во странските директни инвестиции, а истовремено и растот на вработувањата во јавната администрација. Но, во последните неколку години, активните мерки за вработување континуирано се надоградуваат. Во последниот квартал забележливо беше дека последната мерка – субвенционирано вработување преку ослободување од придонеси – навистина придонела кон намалување на стапката на невработеност и веројатно нејзиното влијание врз падот на невработеноста е клучно, во одреден дел преку стимулирање формализација на постојни работни места. Оваа констатација е поддржана со два факта: прво, падот на невработеноста е особено забележителен кај старосните групи 15-24 години (млади) и 50-64 години – групите кон кои се насочени мерките за субвенционирани вработувања; и второ, најмногу (формални) работни места (2015 споредено со 2014) биле креирани во секторот трговија, кој е најподложен на неформални вработувања (т.н. сива економија). Во поглед на дефицитот во пензискиот фонд, не може да направиме директна врска – смета Петрески.

Се исели работоспособното население

Некои аналитичари намалувањето на стапката на невработеност го поврзуваат и со трендот на иселувањето од земјата, пред сè на младата популација, што значи на работоспособното население.

– Постои висока корелација од 90 отсто помеѓу стапката на невработеност и иселените лица. Според Светска банка, бројот на иселени лица во 2002 година е околу 20.000, а во 2015 речиси 400.000. Сепак, не може да зборуваме за каузални врски. За да се идентификува на што се должи намалувањето на невработеноста и дали иселувањето е значаен фактор, потребни се подлабински истражувања – додава Петрески.

Во билдањето на бројката на вработени, можно е своја улога да има и тоа што анкетата на работната сила, според која Заводот за статистика го пресметува бројот на вработените или на невработените, се темели на податоци од пописот од 2002 година, потсетуваат аналитичарите.

– Тешко е да се каже, веројатно намален е бројот на невработени, но намален е и бројот на активни лица. Со оглед дека стапката на невработеност е однос помеѓу овие две категории, тешко е да се каже дали и колку стапката на невработеност би се променила поради емиграцијата. Но, нема дилема дека најдобар тест за овие претпоставки е попис на населението – вели Петрески.

Во прилог на тезата дека токму невработеноста е првата причина поради која младите бегаат од земјава е и последната анкета на „Факултети.мк“. Анкетата покажува дека Македонците сè повеќе размислуваат да ја напуштат земјава и да заминат на работа во странство, а речиси половина од нив се спремни да извадат бугарски пасош за да ја постигнат целта. На прашањето дали би извадиле бугарски пасош за да можат да ја работат својата професија во странство, 61,2 отсто се изјасниле дека би извадиле, 32,2 отсто, односно 1.055 не би извадиле, додека 217 (6,6 отсто) веќе имаат извадено бугарски пасош за да можат да работат во странство. Во анкетата биле вклучени вкупно 3.335 испитаници.

Експлоатација на македонските работници кај странците

Ставрески вели дека преку привлекувањето странски инвестиции биле креирани речиси 16.000 работни места. Притоа заборава да каже колку заработуваат тие работници и дали можат да преживеат во текот на месецот, а камоли да купуваат куќи и станови, како што вели министерот. Познато е дека вработените кај странските инвеститори, во зоните, во просек земаат пониски плати од другите вработени во државата. Во анализа на Здружението на млади аналитичари и истражувачи од пред неполни две години, покажала дека просечните месечни приходи во 2014 година во деветте најголеми странски инвестиции во Македонија изнесувале околу 260 евра. Овие пресметки биле направени врз основа на податоци извадени од годишните извештаи на компаниите.

Според тие пресметки, најслабо се платени работниците на „Џонсон контролс“ во Штип, каде што просечната плата е под 200 евра. Повисоки се платите во „Кромберг и Шуберт“ и во „Дрекслмаер“. Плати на ниво на државниот просек се делат во „Ван Хол“, „Продис“, „Кемет електроникс“ и „Витек“, додека највисока просечна плата од околу 500 евра има во „Џонсон Мети“ и во „Вистеон електроникс“.

Кога невладината МЦЕО ги обелодени овие податоци, предложи државната помош за странците директно да се врзува со квалитетот на работните места и да се воведе повисока минимална плата во ТИРЗ-овите. Невладините веќе подолго време бараат да престане експлоатацијата на работната сила кај странските инвеститори. Ставрески на овие предлози одговара со извртени тези, кои не одат во прилог на тоа дека може да се очекува зголемување на цената на македонската работа сила кај странските инвеститори:

– Ве молам, прашајте ги луѓето, тие 15.000 што најдоа работа таму и што си ги прехрануваат сопствените семејства со тие средства што се, скромни колку што се, 12.000 денари, 15.000, 18.000, 20.000 или 30.000, во зависност од струката и квалификациите, прашајте ги дали се задоволни и дали им беше подобро дома да седат? – вели тој.

Кога министерот за финансии врши ваква замена на тезите и економските движења ги објаснува со социјална „поезија“, многу појасен станува неговиот крик за лебот и за чоколадите, од кој тој сега се обидува јавно да се извади.

Германија – ветена земја

Извор: gragjanite.mk