Како се учиме на отпорност

05.04.2016 10:37
Како се учиме на отпорност

Норман Гармези, развоен и клинички психолог на Универзитетот во Минесота, за време на четири децении долго истражување запознал илјадници момчиња и девојчиња. Но, едно момче посебно му останало во сеќавање. Имал девет години, мајка му била алкохоличарка, а таткото ги напуштил. Секој ден доаѓал на училиште со ист сендвич: две парчиња леб без ништо помеѓу нив. Дома немало друга храна и немало никој да се погрижи за тоа. И покрај тоа, се сеќава подоцна Гармези, момчето не сакало „кој било да го сожалува заради неспособната мајка“. Секој ден без исклучок влегувал во училиштето со насмевка на лицето и „сендвич со леб“ во торбата.

Момчето со лебот било дел од посебна група деца. Му припаѓало на проучуван примерок мали деца – прв меѓу многуте – кои Гармези во иднина ќе ги класифицира како успешни, дури подобри од другите, и покрај неверојатно тешките околности. Тие деца изразувале особина која тој подоцна ќе ја нарече „психолошка отпорност“. (На Гармези му се припишува заслугата дека е првиот кој го изучувал тој поим во експериментално окружување.) Во текот на долгата низа години ги посетувал училиштата ширум Америка, особено оние во економски позаостанатаите подрачја и притоа секогаш имал стандардна процедура. Закажувал состанок со директорот и социјалниот работник или медицинската сестра и секогаш го поставувал истото прашање: „Дали кај вас има деца чие социјално окружување во почетокот барало посебно внимание – за кои изгледало дека лесно можат да станат проблематични – но, на општо изненадување, станале гордост на училиштето?“ „Јас, впрочем, прашав: ‘Дали можете да ги идентификувате децата кои се под психолошки стрес, но постигнуваат успех на училиште?’“, објаснил Гармези во интервју од 1999 година. „Кога ќе го поставев тоа прашање, настапуваше долга пауза пред да добијам одговор. Ако прашав дали во ова училиште има проблематични деца, не би имало никакво колебање. Но, да се праша за деца кои се прилагодливи на училиште, а потекнуваат од нарушено окружување – тоа беше нешто ново. Така почнувавме.“

***

Психолошката отпорност е голем предизвик за психолозите. Дали ја поседуваме или не, не зависи од некој одреден тест туку од начинот на кој се одвива нашиот живот. Ако имаме среќа никогаш да не доживееме некоја несреќа, нема да знаеме колку сме отпорни. Дури кога ќе се соочиме со пречките, стресот и другите закани од окружувањето, се покажува дали сме отпорни или не сме: дали им подлегнуваме или ги надминуваме.

Заканите од окружувањето можат да имаат различни облици. Некои се резултат на ниската социјално економска положба и тешките семејни околности (Гармези ги проучувал токму таквите облици). Тој вид закани – родители со психолошки или други проблеми, изложеноста на детето на насилство или лошо постапување, мачниот развод на родителите – често се хронични. Други се акутни: кога детето ќе доживее или ќе види трауматично насилен конфликт или ќе му се случи несреќен случај. Во сето тоа се важни интензитетот и траењето на таканаречените стресори. Кога стресорите се акутни, вообичаено интензитетот е висок. Стресот кој произлегува од хронично несреќни околности, пишува Гармези, може да биде со понизок интензитет, но има „повторувачко и кумулативно влијание на способноста за соочување со тешкотиите и прилагодувањата и трае со месеци, а вообичаено и значително подолго.“

Пред трудот на Гармези повеќето истражувања за трауматичните и негативните животни искуства имале спротивен фокус. Наместо трагање по зоните на силите, се трагало по зоните на ранливоста; било истражувано искуството кое ги наведува луѓето да им подлегнат на лошите животни исходи (или децата да бидат „проблематични“, како што се изразил Гармези). Трудот на Гармези го означил почетокот на изучувањето на заштитните фактори: елементите на окружувањето или личноста на поединецот кои му обезбедуваат успех и покрај постоечките предизвици. Гармези се откажал од истражувањето пред да дојде до конечните заклучоци – го прекинала Алцхајмеровата болест – но неговите ученици и следбеници идентификувале некои елементи и ги класифицирале во две групи: индивидуални, психолошки фактори и надворешни фактори поврзани со окружувањето и склоностите од една или едноставно имањето среќа, од друга страна.

Развојниот психолог Еми Вернер во 1989 година ги објавила резултатите од истражувањето кое траело 32 години. Таа следела група од 698 деца на хавајскиот остров Кауаи од врмето пред нивното раѓање до крајот на третата деценија од животот. За тоа време бележела дали биле изложени на некаков стрес: стрес во матката in utero, сиромаштија, проблеми во семејството и така натаму. Две третини од децата потекнувале од семејства кои во основа биле стабилни, успешни и задоволни; преостаната третина била окарактеризирана како „изложена на ризик“. Слично на Гармези, Вернер набрзо утврдила дека децата изложени на ризик различно реагираат на стресот. Две третини од нив до десеттата година „покажале дека имаат сериозни проблеми со учењето или однесувањето, а до својата осумнаесетта година кај сите биле забележани случаи на деликвенција, ментални или здравствени проблеми или тинејџерска бременост“. Но, преостанатата третина се развиле во „способни, самоуверени и грижливи млади луѓе“. Постигнувале успеси во образованието, на семеен и општествен план – и секогаш биле подготвени да ги искористат новите шанси.

Што е тоа што децата ги направило отпорни на животните несреќи? Бидејќи поединците во овој примерок постојано биле следени и тестирани во текот на три децении, Вернер собрала мноштво драгоцени податоци. Утврдила дека неколку елементи однапред ја условиле отпорноста на овие деца. Некои биле поврзани со среќни околности: отпорното дете воспоставило цврста врска со старателот, родителот, учителот или некоја друга личност во улога на воспитувач. Но, мошне големиот збир елементи бил и психолошки поврзан со начинот на кој децата реагираат на окружувањето. Отпорните деца од мали нозе тежнееле „самостојно да го запознаат светот“. Биле самостојни и независни, трагале по нови искуства и имале „позитивна општествена ориентрација“. „Иако не особено надарени, тие деца успешно ја применувале секоја вештина што ја имале“, пишува Вернер. И, што е можеби најважно, отпорните деца го поседувале она што психолозите го нарекуваат „внатрешен локус на контрола“: верувале дека од нив самите зависи што ќе постигнат во животот, а не од околностите во кои се наоѓаат. Отпорните деца верувале дека самите ја кројат својата судбина. Всушност, на скалата која го мери локусот на контролата, кај нив биле забележани помалку девијации отколку кај децата од стандардната група.

Исто така, Вернер утврдила дека со текот на времето отпорноста се менува. Некои отпорни деца едноставно немале среќа: искусиле повеќекратни силни стресови кои ги погодиле во слабите точки и нивната отпорност испарила. Отпорноста, објаснува Вернер, наликува на постојана пресметка за тоа која страна од равенството ќе натежне: отпорноста или таканаречените стресори? Стресорите можат да станат толку силни за да ја надвладеат отпорноста. Накратко, повеќето луѓе имаат точка на пукање. Од друга страна, некои луѓе кои не биле отпорни кога биле мали, некако се научиле на вештините на отпорноста. Подоцна во животот биле во состојба да ги надминат несреќните околности и продолжиле да напредуваат колку и оние кои постојано биле отпорни. Се разбира, тоа го отвора прашањето за учење на отпорноста.

***

Џорџ Бонано е клинички психолог на Учителскиот колеџ на Универзитетот Колумбија; на чело е на Лабораторијата за загуби, трауми и емоции и речиси 25 години ја проучува отпорноста. Гармези, Вернер и другите покажале дека некои луѓе далеку подобро се соочуваат со несреќните околности од други; Бонано се се обидел да утврди од каде потекнуваат овие варијации. Неговата теорија за отпорноста почнува од следната забелешка: сите ние поседуваме ист основен систем реакции на стрес, систем кој се развивал милиони години, а го имаат и другите животни. Повеќето луѓе мошне добро го користат кога ќе се соочат со стрес. Кога станува збор за отпорноста, прашањето гласи: зошто некои луѓе почесто или поуспешно го користат тој систем од другите?

Бонано утврдил дека перцепцијата е еден од најважните елементи на отпорноста: дали го концептуализираме настанот како трауматичен или како можност нешто да научиме и да се развиваме. „Настаните не се трауматични сè додека не ги доживееме како трауматични“, ми рече Бонано: „Кога нешто ќе наречеме ‘трауматичен настан’ лажно го претставуваме тој факт“. Тој сковал поинаков термин – потенцијално трауматичен настан – кој според него е попрецизен. Теоријата е јасна. Секој застрашувачки настан, без оглед колку ни изгледа негативно кога го набљудуваме од страна, има потенцијал да биде или да не биде трауматичен за личноста што го доживеала. (Бонано посветува посебно внимание на акутните негативни настани кои можат сериозно да нè повредат.) Да земеме како пример нешто толку страшно каква што е ненадејната смрт на близок пријател: веројатно ќе бидеме тажни, но ако најдеме начин тој настан да го конструираме како исполнет со значење – можеби ќе станеме посвесни за некои болести или ќе воспоставиме поблиски врски со заедницата – не мораме да го доживееме како трауматичен. (И, навистина, Вернер утврдила дека отпорните поединци многу почесто ќе зборуваат за несреќниот настан како за извор на духовна и верска поддршка отколку неотпорните.) Таквото доживување на нештата не му е инхерентно на настанот; тоа зависи од психолошкиот конструкт, односно од начинот на кој го конструираме значењето на тој настан за нас.

Тоа е причината, ми рече Бонано, што „стресните“ или „трауматичните“ настани не можат многу да ни помогнат во предвидувањето на она што ќе ни се случи во животот. „Проспективните епидемиолошки податоци покажуваат дека изложеноста на потенцијално трауматични настани не го предвидува подоцнежното функционирање на поединецот. Можеме да го предвидиме само ако постои негативна реакција на тие трауматични настани“. Со други зборови, доживувањето некоја несреќа, без разлика дали таа спаѓа во вообичаените појави во нашето окружување или во акутно негативните настани, не значи дека во иднина ќе страдаме. Важно е дали таа несреќа станала наша траума.

Добра вест е што позитивното конструирање на значењето на настанот може да се научи. „Дали ќе бидеме повеќе или помалку ранливи зависи од начинот на кој размислуваме за нештата“, вели Бонано. Истражувањето на невронаучникот Кевин Окснер од Универзитетот Колумбија покажа дека луѓето, ако научат поинаку да размислуваат за стимулансите – ќе го променат својот однос кон нив по негативните почетни реакции или помалку емоционално ќе реагираат по почетната реакција „набиена со емоции“. Луѓето можат да се обучат подобро да ги регулираат своите емоции и изгледа дека таа обука има трајни ефекти.

Слична постапка била применувана и на експликативните стилови – техники кои ги користиме за да ги објасниме настаните. Веќе пишував за истражувањето на Мартин Селигман, психолог од Универзитетот Пенсилванија и еден од пионерите на полето на позитивната психологија: тој утврдил дека луѓето се поуспешни и помалку склони кон депресија кога ќе ги променат своите експликативни стилови, односно кога од внатрешен ќе преминат на надворешен („лошите настани не се моја вина“), од глобален на посебен („ова е мала работа, а не непобитен показател дека со мојот живот нешто не е во ред“) и од траен на променлив („можам да ја променам ситуацијата, а не да претпоставам дека е непроменлива“). Истото важи и за локусот на контролата: кога имаме локус на контролата која во поголема мера е внатрешна, помалку го забележуваме стресот и подобро функционираме, но и самиот премин на локусот од надворешен на внатрешен предизвикува позитивни промени, и во психолошка и во објективна смисла. Тоа значи дека когнитивните вештини кои ја јакнат отпорноста можат да се научат и да создадат отпорност таму каде што ја немало.

Можно е и спротивно движење. „Можеме да станеме помалку отпорни или може да се намали веројатноста дека ќе бидеме отпорни“, вели Бонано. „Ние во себе лесно создаваме или ги преувеличуваме стресорите. Тоа е опасност што ја подразбира нашата човечност“. Човечките битија се склони кон грижа и опсесија: така некое ситно нешто може едноставно да експлодира во нас, да го наведе нашиот ум да подивее и да нè доведе до лудило, сè додека чувствуваме дека таа ситница е најважното нешто што некогаш ни се случило. Во одредена смисла, станува збор за самоисполнувачко пророштво. Ако несреќните околности ги протолкуваме како предизвик, ќе станеме пофлексибилни и ќе бидеме во состојба да се соочиме со нив, да научиме нешто од нив, да продолжиме понатаму и да се развиваме. Ако се фокусираме на нив, ако ги сфатиме како закана, потенцијално трауматичниот настан ќе стане траен проблем, ќе бидеме помалку флексибилни и поголема е веројатноста дека тоа ќе ни остави негативни последици.

Во декември 2015 New York Times објави статија со наслов „Длабоката празнина на отпорноста“. Во неа се истакнува дека поимот отпорност се користи премногу често, често на начин кој му одзема секаква смисла и го поврзува со недоволно јасните поими како што е на пример „карактерот“. Но, отпорноста не мора да биде ниту празен ниту нејасен поим. Всушност, во текот на децениите истражувања дознавме многу за тоа како дејствува таа. Тие истражувања покажуваат дека отпорноста, во крајна линија, е група вештини кои можат да се научат. Во последните години невешто го користиме тој термин – но тоа не значи деак тој не е дефиниран прецизно. Време е да сфатиме што навистина е „психолошката отпорност“.

Слики: David Parkins

Извор: http://www.newyorker.com/
 

ОкоБоли главаВицФото