На Јутјуб пронајдена народна песна без пцовки на национална основа под неа

05.04.2016 15:44
На Јутјуб пронајдена народна песна без пцовки на национална основа под неа

Скопје, 5 април 2016

Илија Тодоровски од Велес, љубител на македонска и балканска народна музика, ја контактираше редакцијата на Пара вести соопштувајќи дека наишол на народна песна на Јутјуб, под која нема оставени националистички коментари.

Тодоровски прво помислил дека видеото со песната сè уште не го отвориле многу луѓе, но таа имала повеќе од 120 илјади прегледи.

„Песната беше убава и уживав во нејзината мелодија и необичен ритам, но без расправија на тема чија е, уживањето не е целосно“, се жали Илија.

Тој раскажува дека се обидел самиот да започне кавга околу тоа од која земја потекнува песната, но неговиот коментар „ова е чиста македонска песна“, како и подоцнежниот „песнава како да е српска или бугарска“ не побудиле интерес за дискусија кај другите корисници.

„Изгледа дека некако ќе морам да се научам само да уживам во музиката“, резигнирано вели нашиот соговорник.