Кој се плаши од 5 јуни?

06.04.2016 01:42
Кој се плаши од 5 јуни?

Го пишувам ова во очи на денот кога ќе дознаеме дали ќе има или ќе нема избори на 5 јуни. Ако се распушти законодавниот дом, извесно е дека нема враќање назад. Не дека нешто ми е жал за овој состав на послушници кои, посебно во отсуство на опозицијата, допуштија една планина погубни закони да се прифатат, па да се дополнат, па да се повлечат, па пак да се прифатат. И тоа ноќно време, додека народот спие, парламентот му ја „шие“ капата. Со ситен вез. Друг ми беше муабетот. Во случај утрешната разврска да значи избори во јуни, не сакам да ве фаќа дефетизам.

Знам дека не е прочистен избирачкиот список. Исто така, знам дека ако чекаме, со вакво темпо и со ваков капацитет, ДИК да дојде до кристално чист список, на него веќе ќе се најдат денешните првоодделенчиња. Или нивните деца. Од друга страна, не сум баш убедена дека оние кои се веќе под обвинение за „злосторничко здружување“ при изборниот процес, или некои нивни соработници, би имале три чисти да припарат до кутиите. Од која било страна. Под електронски микроскоп се ставени изборните зулуми, како и зулумџиите.

Знам дека медиумската сфера останува окупирана. Врхушката има пет милијарди причини да ја скрие вистината од гледачите и читателите. Нешто помала е цифрата која ги обврзува медиумите и поединците да ја одработуваат валканата работа, чинам дека беа 28 милиони причини. Беше преамбициозно да се очекува дека што било ќе се избалансира или изрелаксира во непробојната медиумска тврдина (упс, го кажав зборот). Меѓутоа, да бидеме искрени и да се прашаме – кој уште во оваа Македонија ја формира сопствената одлука што ќе заокружи зад параванот според налозите на партиските гласила?

Знам дека државата е партија и партијата е држава. И дека таа е ставена во функција на заштита на криминалното, пардон, злосторничкото здружение. Одамна велев дека со криминалци не се преговара, ама меѓународната заедница преферираше џентлменство. Резултатот е тоа што, од борба против познат сторител, добивме четворица рамноправни преговарачи. Од кои едниот, пак, најрамноправен. Ако требаше да се направи експертска влада (без учество на партиите на власт или опозицијата), за колку-толку да ја оправи ситуацијата, требаше да се направи со Пржинскиот договор. Сега е доцна, сега е беспредметно. Ќе имаме влада, ама не експертска. Онаква каква што ние ќе си изгласаме.

Знам и нешто друго. Да ве потсетам на мудриот султан кој се интересирал дали рајата се бунтува. Сè додека се бунтувала, султанот бил мирен. Кога го известиле дека рајата молчи, е тогаш – сериозно се загрижил. Молчат еден огромен број гласачи, според овој и ваков избирачки список. Да сум на местото на нашиот султан, би ми било многу страв од исходот на 5 јуни. Рајата е најопасна кога молчи. Посебно кога си молчи зад избирачкиот параван.

Убедена сум дека мирисот на липите, барем оние малку кои останаа, ќе го уживаме со победничка влада. Нема од што да се плашиме. Типот е минато. Завршено.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња