Ненад Јолдески добитник на Наградата за литература на ЕУ!

06.04.2016 02:38
Ненад Јолдески добитник на Наградата за литература на ЕУ!

Младиот македонски писател Ненад Јолдески е добитник на Наградата за литература на Европската Унија, за книгата „Секој со своето езеро“, објавена во издание на Темплум, 2012 година.

Европскиот комесар за образование, култура, млади и спорт, Тибор Наврашич, ги објави имињата на дванаесетте добитници на оваа награда за 2016 година.

Покрај Јолдески, награда добија и Тања Ступар-Трифуновиќ од Босна и Херцеговина, Кристоф Ван Геревеј од Белгија, Антонис Георгиу од Кипар, Бројн Расмусен од Данска, Пааво Матсин од Естонија, Селја Ахава од Финска, Бенедикт Велс од Германија, Гаст Грубер од Луксембург, Клаудио М. Флориан од Романија, Јасмин Б. Фрелих од Словенија и Јесус Караско од Шпанија.

Секој награден автор добива парична награда од 5.000 евра, но и промоција и меѓународна видливост на неговото дело на сите важни саеми на книгата во Европа, како саемот во Франкфурт, Париз или Лондон.

Наградите ќе бидат предадени на свеченост во Брисел која ќе се одржи на 31 мај.

* * *

Ненад Јолдески е роден 1986 година во Струга. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книгите „Штамата на Енхалон“ за која ја добива наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, и „Секој со своето езеро“ (2012), и двете објавени во издание на Темплум.

* * *

Подолу пренесуваме еден расказ од книгата „Секој со своето езеро“, за која Ненад Јолдески ја доби Наградата за литература на Европската Унија.

Магла

 

Скопје. Корегиран дискурс.

Надвор паѓа ситен дожд. Едната половина на градот е под вода, а другата ранета плута по градското езеро. Една птица удира во полуотворената ролетна. Трета за денеска. До мене стои книгата за Бројгел која ја позајмив. Се присетувам на „Падот на Икар“. Чудно е, но не можам да си го споменам Бројгел, а на неговото име како асоцијација да не ми се закачи и Вилијамс.

„According to Brueghel
when Icarus fell
it was spring.“

Ја барам сликата внатре. Ја нема. Наместо неа гледам во „Ловци во снегот“. Ова е можеби десетти пат како случајно ја гледам. Неколку пати со Оливија, неколку пати сам.

Почнувам да верувам дека ми најавува нешто апокалиптично. Зимата можеби. Сеедно...

Дождот престанува. Излегувам надвор. Градот, надвиснат од темни облаци и магла, ги шета своите призраци по немите магливи булевари. Мириса на зима. Леден северен ветар се одбива од зградите. На рабовите на тротоарите набрзина се нафаќа мраз.

Излегувам на улицата што се спушта стрмно надолу во срцето на градот. Не сум најсигурен каде ќе ме одведе овој пат. Насетувам како низ тешките драперии од смог и магла ме следи глутница уморни и прегладнети кучиња. Треперам од страв и застанувам во место. Кучињата не ме забележуваат низ маглата и ме одминуваат. Забележувам дека ги следат тројца ловџии со пушки. На небото прелетуваат гаврани. Луѓето нишанат и испукуваат неколку куршуми. Еден од куршумите пробива низ стакло. На земјата не паѓа ништо. Мене, за среќа, не ме забележуваат. Решавам да продолжам низ густата магла и да се сокријам на безбедно. Ја наоѓам најблиската продавница и се кријам во неа. Низ излогот гледам како војниците и прегладнетите пци се губат низ маглата. Продавачот лежи мртов. Набрзина се враќам во својот дом.

Гавран, сигурно загубен низ густата магла, удира во прозорецот и полумртов го крши стаклото и влетува во собата. Белина започнува да ја полни внатрешноста. На ногата на гавранот забележувам порака.

Не излегувај надвор, ги сонувам ловците, го задоволуваат гладот, го надјасуваат поразот... Оливија

Ја заклучувам вратата. Книгата за Бројгел сè уште стои на масата. Во собата се населуваат гаврани. Правам чај и удобно седнувам во фотелјата. Среќен што сум жив. Чекам да се разбуди.  

 

Фотографија: Мартин Куцуловски

ОкоБоли главаВицФото