Кога општеството станува стапица за „пацови“

06.04.2016 11:37
Џган

Јана Колева
Џганот е продукт на гнидите на системот


„Џган“, првиот долгометражен филм на Вардан Тозија е дефинитивно полн погодок. Mоќно ве вади од рамнотежна состојба и ве фрла во рингот на сурови емоции, гнев, копнеж за правда, одмазда, тага... Можеби затоа што на илјадници нивоа допира до нашето непосредно опкружување и колективното хронично раздразнето чувство за правда. Можеби затоа што ни удира шлаканица и нè вади од отапеноста, па нè фрла на истите улици што секојдневно ги прегазуваме и метафорично го соголува општеството на кое му припаѓаме до срж.

„Џган“ многу ме потсети на на филмот на Kornél Mundruczó „White God“, во кој едно куче, најпрвин питомо, го тренираат да стане крвожедно и да убива за кладби на кучешки борби. Истото тоа куче потоа организира илјадници други кучиња со слична судбина, кои ги окупираат улиците на Будимпешта и враќаат за неправдата. Во секој случај, „Џган“ боли многу повеќе. Не само затоа што се работи за живи луѓе, фрлени на маргините на општеството кое го вади најлошото од нив, туку затоа што се одигрува во свет кој е веднаш надвор од кино салата.

Камерата ќе ве прошета низ добропознатата естетика на скопските улички, низ автобусите на ЈСП, ѓубрето, брутализмот во распад и новоникнатиот барок, клубовите каде што излегуваме... за конечно да ве протне под порите на бетонот и да ве фрли во декадентните дувла на мафијата, која се смешка пред камери, цензурира и контролира. Овде човечките животи се сведени на борба до смрт за забава на нечии болни умови и не вредат ништо. Овде тие што најдиректно го креираат џганот само се амнестираат од одговорноста со реченицата „Ова не се нормални деца“.

Насилството е на моменти тешко сварливо, но веројатно токму вакви приказни ни се потребни, да ни го вратат бар за миг во полн интензитет гневот и револтот кои ни отапеле од секојдневното сведочење на ваков или таков вид неправда и масовното „сенародно“ силување во пролонгиранава политичка криза.

Едно од најстрашните сознанија е веројатно дека никому не си му потребен, дека ништо не си добил и немаш што да дадеш... Кога знаеш дека секогаш ќе биде вака, веројатно и полошо. Што уште ти останува да направиш? Генерации третирани како „едно големо ништо“ на овој или оној начин ќе пропаднат во бездна, но притоа, ќе го еродираат општеството кое им понудило само стрмна удолнина и ќе го повлечат долу со себе.

А џганот, него го креираат гнидите на системот.

Никола Гелевски
Кога општеството станува стапица за „пацови“

 

младиот дух бара знаци на живот
таму каде што само суша и пустош глодаат;
искрата која вели дека с
è почнува
кога с
è изгледа како прав и пепел

Еуџенио Монтале 

 

Ми се допадна „Џган“. Снажен филм, и мошне емотивен. Некои филмови ве освојуваат со беспрекорната естетика, а некои со помош на емоции. Во „Џган“ го има и едното и другото, суптилно промешано. Речиси сите сегменти на филмот функционираат прецизно и надополнувачки (режијата на Вардан Тозија, камерата на Владимир Самоиловски, актерите, музиката на Алек Пејовски, сценографијата, шминката...), но поради снажниот емотивен удар „естетичноста“ на филмот е стишана, дискретна - каква што и треба да биде, во ваков тип на филм.

Младата актерска екипа (тинејџерите од кои поголемиот дел се натуршчици - почнувајќи од мошне впечатливиот главен лик, Филип, кој го игра 16-годишниот Мартин Ѓоргоски) одлично си ја заврши работата, но сепак, меѓу актерите, би го издвоил ликот на садистичкиот цајкан (Љупчо Тодоровски Упа) и нему сличниот гангстер (Адем Карага). Само тие две улоги ми изгледаа речиси беспрекорни - и прецизни и мошне експресивни.

Сцената на борбата на живот и смрт меѓу двајца клинци веројатно, во драмска смисла, е шокантниот климакс на филмот; но, ми се чини дека и на „чисто естетски“ план таа сцена е антологиска за македонскиот филм; просто брилијантно филмско парче, како и да го погледнете: и како камера и како монтажа, сценографија, режија, звук...

Почетокот на филмот исто така е феноменален, со камера од жабја перспектива која во од прикажува двајца клинци кои ограбуваат возач на автобус на ЈСП... Ме потсети на најдобрите парчиња од францускиот Нов бран, да речеме (иако поверојатно е дека во „Џган“ е поголемо влијанието на сјајниот „Пророк“ на Одијар...).

Посебна вредност на филмот се токму скопските локации („сценографијата“) кои на „Џган“ му ја даваат таа безнадежна сива боја. Растуреното Скопје (сè уште неизградено а веќе во распад) е слика и прилика на распаднатото општество - стапица за „пацови“ од која нема излез.

Ама сепак постои едно зракче светлина, внатре во оваа мрачна драма. Љубовта?! Или можеби клучната реченица која ветува, ако ништо друго, освета: „Не можете сите да ги згазите. Некои ќе останат и ќе се вратат. И по тебе, гнидо!“

Погледнете го филмот! Можеби ќе го видите и зракчето!

Влатко Галевски
Дали ЏГАНОТ нè спаси од првообвинетиот?

Ниту алузијата е бесмислена, ниту пораката на крајот од филмот е случајна.

Кои се атрибутите на ЏГАН?

Пред сè ангажираниот и толку неопходно субверзивниот контекст за домашниот „арт маркет“; Отворање на горливи теми од социјално/административно/коруптивна природа; Разоткривање на агресијата како психолошки генериран гнев но и како последица од бескрупулозното практикување на моќта; Жесток сатиричен плотун насочен кон бруталноста, хаосот, девијациите и предрасудите.

Филмот на Вардан Тозија е трагична иронија на нашето секојдневие, со згусната енергија, со нагласен натуралистички опис на актуелните општествени аномалии. Младите штитеници се само оној деликатниот дел, жртвите на една дехуманизирана, егоцентрична и бесчувствителна средина и структура на систем кој продуцира зло.

И... ние знаеме каков ќе биде крајот на филмот, но, како тоа воопшто да не ни пречи, ја чекаме веќе познатата и видена филмска катарза за да ни го оправда сопствениот гнев кон изместените вредности, кон лажниот и гнил и порочен свет. Непријатноста од стомачниот есид е со продолжено дејство и по проекцијата, па сепак чувството на морална сатисфакција почнува да доминира. Тоа е она кога во грдото можеме да најдеме убавина, во насилието излез, во стигмата предност. Во бруталноста на младите бунтовници препознаваме силно морално јадро, непоколеблива потреба да се „истера правдата“ до крај, до балчак!

Во морето од слични тематски концепти неизбежно ќе ни се наметнат споредби со други филмски дела, па сепак „Џган“ го избегнува сентиментализмот на „Сивиот дом“, го апстрахира патолошкото насилство од „Пеколниот портокал“, го пренасочува анималниот гнев од „Аморес перос“, ја менува структурата на бруталноста од „Фајт Клаб“.

„Џган“, со сета своја деструктивност упатува искри на инспирација, надеж и верба во можноста за некакви промени, некакви поместувања во име на подобар свет, во име на глобална хуманизација, во име на елементарна почит кон маргиналците.

Актерскиот тим е вистинското богатство на „Џган“, миксот од професионални актери и аматери е жежок костен, со кој Вардан извонредно се справува. Снимателскиот придонес на Владимир Самоиловски е од суштинско значење за мрачната визуелна структура на филмот. Музиката на Алек Пејовски сосема тематски соодветна со впечатливи и прецизни драмски каденци. Монтажата на Атанас Георгиев е оној значаен сегмент на филмот кој со подеднаква сугестивност ги регистрира и статичните и динамичните секвенци.

Она, што можеби (и веројатно) треба да се упати како добронамерна забелешка до дебитантското остварување на Тозија е во сферата на дијалогот (и монолозите). Имено, вербалната жестина во сценариото напати е во дискрепанца со шкртиот текст во „мирните сцени“. Пиштолот во уста – како препознатлив „аргумент во рацете“, елегантно можел да се изостави (како премногу истрошена филмска сцена)... И со 30% помалку сцени на агресија и „тепачки“ филмот би ја остварил целта. Овердоуз во однос на можната стварност?!

Заклучокот по премиерата е: „Џган“ е импресивно режисерско деби!

Ги заслужи сите наши пари, одобрени од Агенцијата за филм.

Мислам дека не бев единствениот кој излегувајќи од кино-салата несвесно го избришав образот, да не би останала некоја крвава дамка?... Некои дамки, некаде на друго место, сепак остануваат!

И да го модифицираме насловот - Дали ЏГАН-от треба да му пресуди на првообвинетиот? На граѓанинот ИКС!

Ниту алузијата е бесмислена, ниту пораката на крајот од филмот е случајна.

Токму денес сме во војна со злото!

Игор Анѓелков
Кон „Џган“ на Вардан Тозија

- Јас во оваа држава никогаш не сум бил млад. 
- Го делам истото чувство. 
- Веројатно и јас!

...резигнирано завршува еден дамнешен разговор со пријателите, кафе-муабет чија констатација, по гледањето на филмот „Џган“, претставува соодветна увертира за она што сценаристот и режисер Вардан Тозија сака да раскаже во своето прво долгометражно филмско остварување. „Маргинализираните луѓе се горлива маса, тие се стигматизирани и предмет на предрасуди. Разговаравме и со институции и, за жал, не дојдовме до решение каде е проблемот. Сметам дека има системски проблем, и не се тие ранливи туку ние ги направивме ранливи со нашиот однос. Токму затоа и премисата на филмот е дека насилството раѓа насилство“, изјави Тозија на конференцијата за новинарите, и неговата неколку години развивана приказна им ја подари на гледачите за истите сами да расудуваат и да донесат сопствени заклучоци.

На трагата на предупредувањето во култниот роман „Младина без Бог“ на Еден фон Хорват од далечната 1937 година, кој зборува за опасностите од креирањето на сериско производство на малограѓанска нација, чин кој води кон дехуманизација и институционално злосторство, Тозија избира да проговори преку групата штитеници од Домот за деца без родители, чија единствена перспектива е да се биде и остане „пацов“. Фино балансирајќи меѓу можноста за излез од ситуацијата преку љубовта (Чавка – Дениз Абдула) и неможноста да се најде било каков крај по убиството на едно невино момче во наместената полициска fight-club игра со голи тупаници (Филип – Мартин Ѓоргоски), авторот на филмот токму низ дуализмот на нештата ни ги предочува сите општествени аномалии од кои сите ние сме дел во последниве пар транзициони декади. Насобраниот гнев мора некаде да излезе, да се појави, да експлодира, и токму затоа во една од завршните сцени Горан (Никола Ристановски), поранешен штитеник кој добро ја познава психологијата на овие деца, на директорот на институцијата (Горан Стојановски) му вели (парафразирам): Не можеш да ги уништиш сите... (макар) еден ќе остане... и ќе се врати по тебе... гнидо! За мене филмот се заокружи токму во овој момент, иако авторот понатаму ни понуди (можеби) очекувана разрешница.

При реализацијата на еден ваков специфичен филм, особено ако се работи за деби, работата добива на тежина доколку се знае дека поголемиот дел од младите актери се натуршчици (кастингот траел исцрпувачки девет месеци). Тозија умее да извлече емоција на лицето на главниот антихерој и честопати само со неа, без зборови, и ги решава поголемиот дел од сцените, што на моменти претставува мал недостаток, бидејќи многу подобро ги гради карактерите на другите ликови низ епизоди кои ја надополнуваат сликата, и со самото тоа и го збогатуваат филмското дејствие. Од друга страна, Тозија брилјира во протнувањето на скопскиот сленг на еден мек, речиси незабележителен начин до нашите уши, за разлика од македонските филмови од минатото, кога сличната постапка потоа се претвораше во паролаштво. За локациите и да не зборуваме, Скопје никогаш не изгледало поурбано на платното. Да споменеме и дека својот дел од работата одлично го завршиле и останатиот дел од филмската екипа, особено директорот на фотографија, мајсторот Влатко Самоиловски, и пред сè шминката и маските на Горан Игњатовски, кои се прилично веродостојни и уверливи.

Уште би сакал да ја потенцирам и пристојната, но сугестивната кампања за филмот, која едно утро осамна на градските билборди само со еден и единствен збор, насловот на филмот, ЏГАН. Алузијата на многу нешта на која ќе ве натера овој израз во овие турбулентни времиња во кои живееме е безгранична, само дадете и’ шанса на фантазијата. И иако „изговорот“ е дека толку пари се имало за таков вид промоција, сепак, крајниот ефект кај луѓето постигнува повеќе од очекуваното, од можноста некој од нив со флаерите да им упати порака на бескрупулозните надредени алчни за пари, до ситуацијата во која граѓанинот се плаши за сопствениот живот од можноста да биде под присмотра доколку го добие флаерот во сопственото поштенско сандаче.

И на крајот, она што е најважно, младата генерација македонски филмаџии е полна со адреналин, со глад за раскажување на современи приказни кои занаетски знаат да ги артикуилираат на сребрениот екран. Следствено на тоа, дали веќе (можеме да) зборуваме за толку долго посакуваниот new wave во домашната кинематографија? Па, зошто да не!