Ужас во Скопје: паднал интернетот во кафуле, гостите осудени да зборуваат меѓу себе

07.04.2016 17:45
Ужас во Скопје: паднал интернетот во кафуле, гостите осудени да зборуваат меѓу себе

Скопје, 7 април 2016

Вистинска драма се одвивала вчера попладне во едно кафуле на улица Македонија во Скопје, едно од омилените места за собирање на младите луѓе кои по работните обврски се собираат во кафулињата и си твитаат едни на други за сè што им се случило тој ден.

Но, попладнето уследил студен туш кога под неразјаснети околности, снемало интернет во кафулето.

„Ставав слика на Инстаграм, трипати пробав, ама не успеав. Потоа сфатив дека нема интернет, ја кренав главата и видов дека и другите бесцелно зјапаат едни во други“, раскажува еден сведок на настанот кој веднаш побрзал да објави Фејсбук статус, за да ги извести другите да не доаѓаат во кафулето.

„Потоа вторпат станав свесен дека интернетот не работи“, раскажува очајното момчето кое во луѓето кои седеле околу него ги препознал луѓето кои ги гледа на социјалните мрежи.

„Ти си Iva1997 На Инстаграм“, го прераскажуваат сведоците несекојдневниот момент кој повеќето млади сè уште не го доживеале. Имено, подоцна, како што објаснуваат психијатрите кои дошле на местото на настанот, дошло и до разговор.

„Станува збор за комуникација на двајца луѓе која не се случува преку интернет туку во живо. Таквиот начин на комуникација бил популарен во минатото, но голем број од помладите луѓе се премлади за да се сеќаваат“, објаснува Душица Иванова, првиот психолог кој дошол на местото на настанот.

„Интернет врската се врати по 12 минути. За среќа, реакцијата беше брза и затоа не дојде до потешки последици. Се плашам и да помислам што може да се случи ако снема интернет во место кое е подалечно и на итната помош ѝ треба повеќе време да пристигне. Еден час без интернет би резултирал со вистинска катастрофа. По половина час, луѓето комуницираат меѓу себе, 45 минути без интернет веќе доведуваат до меѓусебни расправии, а по само еден час меѓусебна комуникација веќе доаѓа до критичко размислување и проценување на луѓето врз основа на нивното однесување, а не бројот на лајкови на сликите. Тоа е ужас кој не смееме да си го дозволиме“, вели за Пара вести еден член на тимот за прва помош.

Извор: Sprdex