Корбиновиот пат

08.04.2016 10:42
Корбиновиот пат

Британската држава и нејзината економија и култира, нејзините поделени авторитети и партискиот систем се во длабока криза. Англиските политичари тврдат дека заканите за единството на државата се отстранети со посакуваниот резултат на референдумот за независност на Шкотска. Но, резултатите од минатогодишните општи избори покажуваат дека тие грешат. Шкотската национална партија (СНП) практично има монопол над претставувањето на Шкотска во Долниот дом на британскиот парламент, а истражувањата на јавното мислење покажуваат дека идејата за незавнисна Шкотска повторно има незначителна предност. Влијанието на ваквата состојба врз нештата на кризата на старите и новите лабуристи е огромно. Присуствуваме на најдраматичната промена во британскиот партиски систем од основањето на Лабуристичката партија.

На тоа ги додаваме следните факти: конзервативците со 11,3 милиони освоени гласови добија 331 место во парламентот; лабуристите со 9,3 милиони гласови освоија 232 места, либералдемократите со 2,4 милиони освоени гласови паднаа на 8 пратенички места, додека Зелените и десничарската УКИП добија по едно место, Зелените со малку повеќе од милион, а УКИП со 3,2 милиони гласови. Изборниот механизам кој толку бесрамно и отворено ги фаворизира избраните партии не може да се опише како претставничка демократија. Ед Милибанд поднесе оставка веднаш по поразот, а Хариет Харман, која го замени привремено на чело на партијата, одлучи да не влегува во конфликт со ториевците околу основните начела на политиката за штедење: знаеше дека и новата лабуристичка влада по 2015 година би ги спроведувала истите мерки. Лабуристичката партија која ги загуби последните избори беше конформистичка и лишена од визија, партија која се откажа од политичката борба.

Новиот систем за избор на партиско раководство кој го воведе Ед Милибанд во 2014 година требаше да биде гест на помирување. Бидејќи го обвинија дека водечката позиција ја освоил благодарение на поддршката на омразените синдикати, Милибанд го воведе системот еден член-еден глас; секој гласач или симпатизер на партијата, вклучувајќи ги и оние кои не се членови, ако уплатат три фунти имаат право на глас (француските социјалисти на сличен начин го избраа Оланд). Тоа беше чекор напред за демократијата, а новите изборни правила ги поддржаа и лабуристичките пратеници во парламентот. Повеќето од нив сметаа дека влегувањето на аутсајдерите само ќе го зацврсти статус квото. Можеби и ќе беше така доколу новите лабуристи на Блер успееја да пронајдат колку толку кредибилен кандидат. За да ја зачуваат илузијата дека парламентарното крило на лабуристичката партија ги почитува разликите во мислењата и добрата дискусија, неколку следбеници на Блер ги поддржаа кандидатите од парламентарната левица. Истата стратегија успешно беше користена во минатото – последниот пат кога Дејвид Милибанд ја номинираше Дајана Абот. Овојпат сметаа дека кандидатот од левицата ќе му ги земе гласовите на Енди Барнам, кандидат кој за нивниот вкус е премногу отворен за левичарските идеи, и така обезбедија пат за Лиз Кендал или Ивет Купер.

Потоа, на сцената се појави Џереми Корбин. Навистина, Корбин не е најхаризматичната фигура, но барем не можете да го помешате со кандидатите кои ги кроеја Пи Ар експертите. Со нив учествував во мноштво јавни настапи во последните 40 години и за клучните прашања секогаш беше доследен. Во дебатите на кандидатите оставаше впечаток дека не го интересира собирањето поени кај публиката и дека не посветува внимание на непријателскиот став на медиумите. Гардијан ја поддржа Ивет Купер, Мирор застана зад Енди Барнам. Апсолутно никој, па ни самиот Корбин, не веруваше дека би можел да победи. Вистинската цел на неговата кампања беше да покаже дека постои алтернатива на неолибералното раководство кое управуваше со земјата последните три децении. И тоа ги привлече младите гласачи и многумина кои згрозени ја напуштија партијата во годините на владеењето на Блер и Браун – луѓето кои кампањата на Корбин ја претворија во општествено движење. Неговата кампања создаде масовно движење со кое беше обновена базата на Лабуристичката партија – со речиси 200 000 нови членови – и кое му ја донесе победата. Освои гласови речиси колку сите останати кандидати заедно. Неодмерените предупредувања на Блер („Мразете ме колку сакате, но не гласајте за Корбин“) и обвинувањата на Браун за пријателските односи на Корбин со диктаторите (зборуваше за Венецуела, а не за Саудиска Арабија или Казахстан, држави блиски до лабуристичката елита) му донесоа уште поголема поддршка. Следбениците на Блер кои доминираат на страниците на Гардијан – Џонатан Фридланд, Пол Тојнби и останатите – немаа никакво влијание на исходот, и покрај очајничките обиди да го оцрнат Корбин. Беа доволно очајни да му дадат простор и на самиот Блер, дури двапати, со надеж дека ќе го рехабилитираат. Се разбира, така само ги изгубија читателите, вклучувајќи ме и мене.

Победата на Корбин не беше победа на ултралевичарите. Неговите ставови се рефлексија на нешто што многумина во земјата го чувствуваат, а што противниците на Корбин во рамки на партијата никако не успеваат да го сфатат. Корбин самиот го објасни тоа во една ТВ дебата: „Како партија мораме да се соочиме со непријатната вистина. На изборите во 2015 година излеговме со добар манифест, а впрочем бевме подготвени да продолжиме со намалување на буџетските трошоци, и понатаму да ги намалуваме средствата наменети за локалната самоуправа, да згаснеме работни места, да дозволиме луѓето и понатаму да трпат заради скратувањата кои ги спроведуваме заради арбитрарно поставениот рок за остварување на буџетскиот суфицит, заради прифаќање на јазикот на мерките за штедење. Мојот став е дека партијата мора да ѝ се спротивстави на политиката на штедење и на продлабочувањето на јазот помеѓу најбогатите и најсиромашните во нашето општество и да се подготви за инвестирање во економијата која може да оствари раст, наместо да прифаќа политики кои се наметнуваат заради банкарската криза од 2008 година. Не е потребно арбитрарно да поставуваме рокови, бидејќи тоа значи дека товарот од банкарската криза наместо оние што ја предизвикаа, да го сносат најсиромашните и најранливите членови од нашето општество“.

Како може кој бил лабуристички пратеник да тврди поинаку? Она што навистина им пречеше беше неговиот однос кон приватниот сектор. На конференцијата на Лабуристичката партија 1996 година, на Џон Прескот му беше дозволено да побара ренационализација на железницата, но по победата на Блер следната година, таа тема веќе не беше отворена. До денес.

Кога го прашав кога првпат помислил дека можеби сепак би можел да победи, одговорот на Корбин беше типичен за активист каков што остана до денес: „Тоа беше во Нотингем во последните недели од кампањата... Знаеш каков е Нотингем. Ако се појават 50-60 луѓе, велиме дека посетата била добра. Дојдоа 400, а надвор имаше уште кои не успеаја да влезат. Тогаш помислив дека би можеле да победиме“. Доаѓаа сè повеќе и повеќе, што покажа дека Корбин е во состојба да мобилизира и инспирира голем број луѓе, и дека поддршката за останатите кандидати, освен поддршката во медиумите, е занемарлива.

Неговата победа ја оживеа англиската политика. Ужаснатите противници од редовите на лабуристичките пратеници веднаш почнаа да коваат заговор за рушење на Корбин. Лорд Манделсон нè извести дека лабуристите во парламентот нема веднаш да го срушат својот лидер: „Не би било во ред“, пишуваше, „да се инсистира на тоа прашање во рамки на партијата пред пошироката јавност да го донесе конечниот суд“. Огорчен од демократскиот удар во рамки на партијата која ја обликуваше според сопствениот лик, Блер изјави дека лабуристите не можат да ги добијат изборите доколку не се отстрани Корбин. Браун остана релативно воздржан, можеби затоа што беше зафатен со преговорите за финансиските проекти со инвестициската фирма Пимко (Бен Бернанке и поранешниот претседател на ЕЦБ, Жан Клод Трише, исто така се членови на нејзиниот „глобален советодавен одбор“). Во исто време, неговиот уважен поранешен министер за финансии лордот Дарлинг почна да работи за банката Морган Стенли на Волстрит. Тоа мора да го развеселило Блер, кој беше советник на Џеј Пи Морган уште од 2008 година. Новите лабуристи најпосле повторно се собраа во земјата на слободата. Сите оние прописи со кои ги стеснуваа надлежностите на државата донесоа плодови. Практично секој висок член од кабинетот на Блер и Браун заврши во некоја од корпорациите кои имаа корист од нивните политики. На пример, поранешниот министер за здравје Алан Милбурн се наоѓа на платниот список на неколку компании кои нудат приватни здравствени услуги, а во моментов работи за Камерон како шеф на Комисијата за општествена мобилност и сиромашни деца.

Естаблишментот одлучи во кампањата против Корбин да го употреби шефот на генералштабот сер Николас Хотон. Во интервјуто што му го даде на Енрду Мар на 8 ноември 2015 година, тој потврди дека војската е незадоволна заради унилатерализмот на Корбин кој ја загрозува „кредибилноста на политиката на застрашување“. Во истата емисија, Марија Игл, лаубиристичка пратеничка која како министерка за одбрана во сенка имаше место во првите клупи од парламентот, практично му потврди на Мар дека се сложува со генералот. А, тоа беше само еден ден во кампањата против Корбин. Сандеј Тајмс пред тоа објави интервју со „активен генерал на висока позиција“. „Припадниците на армијата се многу вознемирени“, наводно рекол генералот, од самата помисла дека Корбин би можел да формира влада. „Ќе имавте можност да видите... генералите директно и јавно би влегле во конфликт за редуцирањето и слабеењето на вооружените сили... Би дошло до масовни оставки на сите нивоа... што практично би значело бунт. Не можете безбедноста на земјата да му ја доверите на некојси одметник“. Фактот дека изостанаа какви било реакции на таквиот обид за мешање на војската во политиката најмногу зборува за тоа колку ниско е падната британската политичка култура. Кога Корбин се обиде да се пожали, поранешниот ториевски приврзаник Кен Кларк одговори дека војската не одговара пред парламентот, туку пред кралицата. Што било, само не Корбин – барем и банална монархија.

Во декември, Камерон побара одобрување од парламентот за испраќање британски авиони во акциите против Исламската држава во Сирија. Од негова перспектива, можен корисен ефект од очекуваниот позитивен исход од гласањето беше дополнително отежнување на позицијата на Корбин како лидер на партијата. Затоа што Марија Игл му заби нож во грбот, Хилари Бен се подготви да го нападне однапред. Неговиот подол говор – во кој ги вмеша Хитлер и Шпанската граѓанска војна – со овации го поздравија ториевците и тврдокорните следбеници на Блер во парламентот. (Штета што двочасовната полемика за војната во Ирак помеѓу Хилари Бен и неговиот татко не е снимена, транскрибирана и објавена во печатените дневници на Тони Бен – иако Тони често зборуваше за тоа со пријателите.) Но, ни тоа не го сруши Кробин. На инсистирање на најблиските соработници, лидерот на лабуристите – според моето мислење погрешно – дозволи пратениците независно да се изјаснуваат. (Џон Мекдонел, министер за финансии во сенка, тврдеше дека тоа е „прашање на совеста“.) Најпосле, 66 лабуристички пратеници им се придружија на ториевците и гласаа за бомбардирањето мети во Сирија. Некои од нив присуствуваа на презентациите на министерството за одбрана кои беа направени за да ги убедат дека нема да има колатерални жртви. Но, повеќето лабуристички пратеници го поддржаа Кробин и гласаа против. Фрустрираните медиуми се обидоа тоа да им го припишат на „притисоците“ кои на пратениците ги вршеше организацијата Да ја запреме војната, во која Корбин го замени покојниот Тони Бен на претседавачкото место. Отворената сезона за медиумски лов на антивоени активисти траеше цела недела. Еден од резултатите е што Зелените се исплашија, па поранешната лидерка на партијата Каролин Лукас се повлече од советот на организацијата. Дали тоа навистина беше нејзина одлука или идеја на неспособната Натали Бенет која стравуваше дека Корбин ќе одвлече премногу симпатизери од Зелените? Корбин не ни трепна: на вечерата организирана за собирање средства за организацијата на собраните им рече дека е горд на сето тоа што го постигна организацијата од времето на војната во Авганистан и дека му е чест што ја претставува.

Подоцна, истата недела, вонредните избори во Олдам, во медиумите најавени како уште една катастрофа која доаѓа за Корбин (Џорџ Итон во Њу Стејтсмен тврдеше дека од „инсајдери“ дознал дека „поразот воопшто не е невозможен“), завршија со убедлива победа. Непријателите на Корбин се најдоа во дефанзива. Со реконструкцијата на кабинетот во сенка на почетокот од оваа година отстранети се Марија Игл и уште неколкумина, но Бен остана, што покажува со какви политички отпори се соочува Корбин. Обидите за промена на односот на силите во кабинетот во сенка беа дочекувани со закани за масовни оставки. Колку долго парламентарните лабуристи можат да водат војна со сопствениот лидер? Извесно е дека Корбин нема да попушти на притисокот и дека нема да се откаже. Напаѓачите ќе ги искористат сите средства за да ја остварат својата цел. Лоши резултати на локалните избори во мај? Виновен е Корбин. Садик Кан, кандидатот на лабуристите за место градоначалник на Лондон, нагласува дека е отворен за соработка со светот на бизнисот – веројатно повеќе од кандидатот на конзервативецот Зак Голдсмит кој, затоа што веќе е богат, не мора да му се додворува на здружението на работодавачите. Ако победи, Кан ќе биде прогласен за нов кандидат за лидер на партијата. Ако загуби, се разбира, за тоа ќе биде виновен Корбин. Што се однесува пак до изборите за шкотскиот парламент, истражувањата на јавното мислење укажуваат на убедлива победа на СНП. Виновен е Корбин? Се разбира. Зомбите кои ја водат Лабуристичката партија во Шкотска ја подготвија катастрофата во 2015 година, најтешкиот пораз во историјата на Лабуристичката партија. Но, кога ќе изгубат на следните избори, вината ќе му ја припишат на Корбин.

Иако, не постои механизам кој на лабуристичките пратеници би им овозможил со гласање доверба да го променат лидерот на партијата, нема сомнеж дека Корбин во таква ситуација повторно би распишал избори. Дали ќе мора одново да бара поддршка од партијата или како веќе избран лидер би можел автоматски да се кандидира? Тоа е нејасно и за тоа веројатно би можел да се изјасни управниот одбор на партијата, веројатно во корист на Корбин. Промената на правилата ќе мора да се ратификува на конференција на Лабуристичката партија. Со оглед на популарноста кај членството, Корбин веројатно и таму би победил. Што потоа? Издвојување посебна фракција поклоници на Блер, во манирот на Социјалдемократската партија? Таа партија некогаш во своите редови имаше повеќе познати и интелигентни социјалдемократи – Рој Џенкинс, Ширли Вилијамс, Дејвид Овен, Питер Џенкинс и Поли Тојнби – но, беше осакатена од изборниот систем. За да не исчезне сосема мораше да се согласи на политичка трансплантација и спојување со либералите. Експериментот заврши катастрофално во 2015 година. Ако и самите се обидат нешто слично, следбениците на Блер би поминале многу полошо, дури и ако некој од нив се согласи да му го отстапи своето сигурно место на Дејвид Милибанд.

***

Додека расположението во Шкотска се поместуваше кон лево, политичкиот центар во Англија од осумдесеттите години отиде толку кон десно што дури и економската програма на Корбин и Мекдонел, која не е особено радикална – сè што бара на домашниот фронт е малку социјалдемократија, за да зајакне социјалната држава, и умерени фискални манипулации со дистрибуцијата на приходите – претставува целосен прекин со консензусот кој го утврдија Маргарет Тачер, Блер/Браун и Камерон. Мислењата и навиките кои доминираа во нашата култура речиси четири децении – приватното е подобро од јавното, поединецот е поважен од општеството, богатите се попривлечни од сиромашните, симбиоза на крупниот капитал и ситните политики – се покажуваат како сериозна пречка за напредокот. Мнодумина кои ја критикуваат „несоодветноста“ на Корбин не се осудуваат да извлечат заклучок дека во сегашната ситуација нема простор за никаква прогресивна алтернатива. Догматската енергичност со која ЕУ и Тројката го сузбиваат секој обид на левицата да ги отстрани поставените пречки придонесе за јакнење на десницата во Франција, Холандија и сега во Германија. Исто така, на власт донесе изразено десничарски влади во Унгарија, Полска, Словачка и Хрватска. Тоа делумно е последица на одбивањето да се толерира дури и најмала мера социјалдемократија.

Создавањето на Моментумот, движење кое се опишува како „мрежа луѓе и организации кои сакаат да ги одржат енергијата и ентузијазмот на кампањата на Корбин“, ги обедини долго заспаните следбеници на Тони Бен меѓу лабуристите и младите активисти кои ги привлече лидерската кампања на Корбин. Корбин се фали дека само во неговата изборна единица Лабуристичката партија има 3 300 членови и 2 000 симпатизери – вкупно повеќе од 5 000 луѓе во единицата каде за лабуристите гласаат 30 000. Секој шести гласач на Лабуристичката партија е и нејзин член. Тоа е вчудоневидувачка бројка, но состојбата во другите единици не е таква. Движењето какво што е Моментум би можело да ја прошири поддршката со дејствување во рамки на актуелните кампањи против војната и против мерките за штедење, преку регистрација на гласачите, поттикнување на младите да се ангажираат во политиката, редовни полемики со заговорниците на спротивни ставови (не само на социјалните мрежи) итн. Единствено движење слично на она што го доведе на чело на партијата може да го одведе и во Даунинг Стрит. Впечатокот кој примерот на Шкотска го создаде во Англија не смее да се потцени. Дури и најголемите медиумски циници беа вчудоневидени од степенот на политизација во дискусиите и дебатите кои пред референдумот во Шкотска се водеа на секој чекор. Десетици илјади од оние кои излегоа да ја поддржат Лабуристичката партија на Корбин не се разликуваат многу од луѓето кои се покренаа да ја поддржат СНП. Припадниците на СНП во парламентот во Вестминстер ја поддржуваат лабуристичката левица за многу прашања и нема сомнеж дека така ќе биде и кога ториевците во април пред Долниот дом повторно ќе го изнесат предлогот за обновување на Тридент, што на нивните сојузници во Лабуристичката партија ќе им пружи уште една можност да го дестабилизираат Корбин.

Големото мнозинство во Шкотска го поддржува отстранувањето на нуклеарните проектили од шкотските брегови. Во остатокот од Британија мислењата се поделени и варираат во зависност од формулацијата на прашањето. Неколку пензионирани генерали ја оспоруваа исплатливоста на Тридент, а дури и Блер во мемоарите призна дека во поглед на односот на цената и користа (31 милијарда фунти, со 10 милијарди во резерва за одржување и проценување на трошоците за вкупен животен век од 180 милијарди фунти) „здравиот разум и практичноста“ наложуваа да се откажат од проектот. Тој му се спротивстави на тоа затоа што тоа „премногу го деградираше статусот кој го имаме како нација“. Други причини немаше. Тридент ѝ беше потребен на Британија како симбол – и како средство да остане еден чекор пред или зад Германија, зависно од тоа од која страна се набљудуваат нештата. Оние кои сонуваат за британски прст на нуклеарниот прекинувач живеат во светот на фантазијата: тој прст секогаш ќе биде американски. Затоа, идејата за која неодамна се расправаше во врска со ЕУ и брекситот (Brexit), идејата дека Долниот дом требало да изгласа декларација со која се потврдува суверенитетот на Британија, многу ги заинтересира странските коментатори. Сите знаат дека Британија е вазална земја од 1956 година. Брекситот (кој го поддржувам од добри социјалистички причини) нема да го врати нејзиниот суверенитет. Единствената навистина суверена земја во западниот свет е Америка. Тука треба да се напомене дека СНП е за членство во НАТО. Како што беше и Сириза во некои подобри времиња. Така се изјаснува и Подемос, па еден од нивните лидери неодамна изјави дека НАТО би можело да придонесе за демократизација на шпанската војска. Но, секој има право на свои илузии.

Радикализмот на Корбин не е толку во она што го предложува на домашниот фронт – бидејќи истото тоа го предложуваат многу економисти и други, вклучувајќи го и Берни Сандерс, деклариран демократски социјалист – туку во неговата намера да се меша во надворешната политика. Критиката на Корбин за апсурдно високите трошоци за војската не е далеку од критиките кои истакнатите американски економисти ја упатуваат на сопствената администрација. Џозеф Стиглиц (советникот на Корбин за економија) и Линда Билмс, тврдат дека трошокот од 8 трилиони долари, колку што потроши Америка во војните од 2003 година, сериозно ја загрозува благосостојбата на таа земја. „Трилион долари“, коментираат тие, се доволно да се изградат 8 милиони куќи, да се платат 15 милиони дополнителни наставници за државните училишта за една година, 120 милиони деца да се вклучат во едногодишната програма за подготовка за поаѓање на училиште, 530 милиони деца здравствено да се осигураат за една година или да се платат школарини на 43 милиони студенти за четиригодишни студии на државните универзитети. Сега, помножете ги тие бројки со три“.

Некои од американските историчари и аналитичари од реалистичката школа не се воздржуваат да ја критикуваат надворешната политика на својата земја. (Неодамнешниот напад на Трамп кон Буш по повод Ирак им долгува многу). На Џон Миршајмер во Чикаго, Стивен Волт на Харвард, Бери Посен на МИТ и Кристофер Лејн во Тексас сега им се придружи и поранешниот американски генерал со четири ѕвездички, Ендрју Басевич. Нивното мислење продолжува да еволуира. Во Американската империја Басевич го оспорува некогашното реалистично толкување дека политиката на САД за време на студената војна била само одбранбена реакција на советските амбиции и тврди дека продлабочувањето на конфликтот во четириесеттите години било дел од обидот за воспоставување глобална хегемонија. Кога нешто слично ќе кажат Корбин и неговите соработници, ги обвинуваат за антиамериканизам, екстремизам, загрозување на безбедноста на земјата итн. Корбин веќе долго е непријателски насочен кон НАТО и ЕУ во нивниот сегашен облик, а неговите ставови за тоа им се толку далечни на лабуристите кои денес седат во парламентот што засега се турнати под килимот.

Во годините на владеењето на Блер/Браун, Лабуристичката партија се откажа од социјалдемократијата од Кросландовиот вид, да не зборуваме за што било што би наликувало на класичните модели од раниот социјализам. Корбин знае дека за партијата е пресудно важно повторно да ја научи социјалдемократијата. Не толку одамна тоа изгледаше како безнадежен проект. Сега, за чудо, постои шанса. На статистичките податоци за глобалната нееднаквост очајнички им е потребен некој кој ќе ги претстави на начин кој кај луѓето предизвикува бес, ги придвижува и ги инспирира. Ако тоа му појде од рака на Корбин, ќе бидеме сведоци на голем пресврт во англиската политика.

03.03.2016

Извор: http://www.lrb.co.uk/