Расплетувањето на комитските чорапи

08.04.2016 11:29
Расплетувањето на комитските чорапи

Многу бргу по победата во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ ја најави својата политичка филозофија со инсталацијата на огромни билборди на кои беа прикажани некакви тврдини. Не се сеќавам по повод кој празник се појавија овие пропагандни чудовишта, сè ми се чини дека беше 11 Октомври, но знам дека за мене тие беа крајно вознемирувачка декларација на смртоносната политика на затворање, судири и изолација, што ќе уследи и ќе трае, еве, сè до појавата на една сосема поинаква тврдина, на тврдината што продолжува да ја открива вистината за нивната смртоносна, кретенска, деструктивна, самоуништувачка, тврдинска, така да ја наречеме, политика, низ случајот со уништувањето на опремата за прислушување во УБК, односно со обидот да се уништат доказите за прислушувањето на граѓаните што беше организирано во името на инсталацијата на нивниот тоталитарен режим и во интерес на партиските и фамилијарни бенефити.

Зборуваме, се разбира, за случајот што под кодното име „Тврдина“, против повеќе осомничени, меѓу кои и против директорот на Петтата управа како првоосомничен и против поранешната министерка за внатрешни работи, го отвори и така убедливо го презентираше Специјалното јавно обвинителство.

Навистина ми е фасцинантна оваа врска меѓу почетокот и крајот, можеме така да кажеме, иако претстои да се одиграат уште и петте минути од судското надополнување на времето, на еден беспреседентен во политичката историја на Европа и на светот, трагичен политички обид да се усмртат една држава, нација и општество, само затоа што во тие ентитети на партијата на власт ѝ се виделе врвни изневери на своите основни постулати од пред сто и кусур години. Лудо што полудо не може да биде, но деталните студии нема да можат да не откријат дека драмата на Македонија, всушност, е апликација на вмровската одмазда!

Најавата и остварувањето на нивната тврдина од пред десет години беше најава на оградувањето и на канибалистичкото прождерување на внатрешната супстанца на земјата низ процесите на пљачка, историски дезориентации, вредносни и морални катастрофирања и културни понижувања од најстрашен вид. Да, и низ поткопувањето на меѓународните позиции на земјава. Беше логична, конзистентна во себе. Тврдината, пак, на Специјалното обвинителство е напредната фаза на расплетување на тој вмровски чорап, на изместување на лего-коцките од основите на еден монструозен режим, на урушување на нивниот систем, на нивниот крај!

Во работите од општ интерес, во критични моменти и драматични опстојателства, досега се немаме сретнато со вакво ниво на професионализам, темелност и страст, искомбинирани со крајно невообичаена транспарентност, која ги разнесува од општествениот амбиент лажните пердуви на лажната мистика, на лажните авторитети во македонското правосудство, деформирано низ повеќе генерации судии и обвинители и уништено преку крајни граници со смртоносните дози мафиотизам и злосторничко здружување што беа импрегнирани во оваа важна и чувствителна сфера во мандатите на Зврлевски, Гошева и Николовска.

Зборувам за Специјалното јавно обвинителство, се разбира!

Јас се поклонувам пред јавната демонстрација на така контрастната енергичност и модерност со кои во нашето претполитичко и фолклорно општество - кое повеќе ја преферира гајдата и зурлата, Васка Илиева и Петранка Костадинова, отколку Марија Калас и Маја Плисецкаја - Јанева, Ристеска, Фетаи и комплетната екипа на СЈО, звучат како симфониите на Малер.

Но, ме загрижуваат хвалоспевите за нивната храброст и ослободителна мисија. Затоа што тие хвалоспеви во својата основа се проекции на ропската свест која, пак, лежи во основата на македонската катастрофа. И која, всушност тежнее да се репродуцира. Проблемот е во тоа што општествените проекции на стравот се значително над, а на храброста значително под реалните основи на тие чувства и тоа општество, во таква ментална и културна кондиција, на нормалните поведенија постојано гледа како на храброст, а на малите шумови во тревата додека сере како на движење на лавот односно како на оправдан извор на својот паничен страв.

Тоа беше хумусот врз кој никна груевизмот.

Тие проекции, таа тенденција од нормалното да се прави исклучително, ги забележувам и во односот на поширок круг од опозициската јавност кон Заев. Се разбира, јас не сакам да ја проблематизирам улогата на опозицискиот лидер во динамизирањето на општествената и политичка сцена во насока на разобличување и демонтажа на груевистичкиот режим, но сакам да укажам дека тенденцијата на општеството да ги проектира врз поединци вредностите што тоа ги нема, а ги немаат или, така формулирани, не се толку важни како квалитети кај поединците, не води кон ослободување од ропските стеги и менталитети, туку кон нивно постојано преродување.

Општеството кое ги чека или ги проектира своите ослободители, никогаш нема да се ослободи. Лидерите не ни се потребни како команданти на моќта, туку како исклучителни поединци кои се во состојба да формулираат идеи околу кои ќе се воспостави толку посакуваната продуктивна и ослободителна хемија во општеството. Не гледам на политичката сцена такви интенции, макар што историските предизвици во таа насока се големи.

Активноста на Специјалното јавно обвинителство, освен правните реперкусии, има три други исклучително важни емисии. Прво, секој добронамерен може да ја насети во позадината систематичноста врз основа на која одделните предмети се поставени како планетите во планетарните системи. Тие се пројави на нешто големо што се тркала од зад ридот. Второ, случаите што ги покренуваат и така убедливо и аргументирано ги образложуваат, говорат за длабочината на процесите низ кои мора да помине Македонија ако сака да се деконтаминира и модернизира; смената на власта тука е само еден, додуша, неопходен, но не најважен момент. Целината на тие случаи, нивната композиција закономерно ќе нè доведе, односно веќе нè има доведено до системите на злосторничкото здружување на власта со ВМРО-ДПМНЕ како организациона и идејна платформа на разнебитувањето на Македонија. Барањата за процесуирање на партијата како злосторничко здружување, кои, конечно, наидуваат на политичка артикулација (Петковски), говорат во таа насока. Тие соочувања ќе бидат од ден на ден сè подраматични. Понатаму, тоа ќе го соочи општеството со неопходноста да си одговори на прашањата за историските, идејните и културните основи на вмровската катастрофа и на вмро како катастрофа, која, за жал, е устроена како хромозом во културниот геном на нацијата и во нејзиниот ментален профил. Па ќе дојде на ред прашањето за политичката одговорност за инсталацијата на тој монструм, за неговата адаптација и развој, аспект кој нема да може да ги заобиколи одговорностите на сегашната опозиција. Па ќе дојде на дневен ред прашањето за демонтажата на економската моќ на злосторничкото здружување. Конечно, нема да можеме да не се запрашаме за потребата за политичка, можеби и уставна реконфигурација, од некое, на некој начин, пресоздавање на Македонија преку радикално преиспитување во сите сфери, од образованието и културата, до црквата и науката или до тоа што како наука ни се претставуваше досега.

Сите овие аспекти ја релативизираат и, дури, можам да кажам, ја маргинализираат опозицијата, посебно Социјалдемократскиот сојуз како крајно застарена, идејна, кадровска и политичка артикулација, многу, многу под потребите на времето, без видливи напори да се модернизира и да се подложи на темелна критика на своите одговорности. Јас не знам дали не чувствуваат дека СЈО ги истиснува од општествената сцена во смисла на инстанците кон кои општеството ги насочува своите очекувања. И дека ако продолжат да се циркузираат со смешните визии за Македонија, со катастрофалните соопштенија, со блесавите кадровски композиции, и така натаму, ќе се зголемува парчето во кое тие ќе бидат објект на промените, а не субјект.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња