1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
На 28 јануари 2016 година, 78 граѓански организации излегоа со барање ДА СЕ СПРОВЕДАТ ВИСТИНСКИ РЕФОРМИ ЗА ФЕР И СЛОБОДНИ ИЗБОРИ!
Да потсетиме на кои проблеми укажаа тогаш граѓанските организации:
„Наместо владеење на правото и почитување на принципот на поделба на власта, сведоци сме на политичко самоволие и узурпирање на законодавната и судската власт од страна на извршната власт.
Наспроти барањата на Европската комисија за итни реформи, за жал, констатираме дека во последниве седум месеци:
– не се преземени конкретни чекори за деполитизација на судството;
– нема јасни сигнали дека функционира судскиот и парламентарниот надзор над УБК, ниту дека е прекинат директниот пристап на УБК за пресретнување на комуникациите;
– се попречува и опструира независноста на регулаторните и надзорните тела;
– нема конкретни мерки за департизација на јавната администрација;
– не се преземени мерки за одделување на државните од партиските активности.
Не се испочитуваа ниту конкретните експертски препораки, кои требаше да овозможат и гарантираат фер и слободни избори:
– нема судска, ниту политичка разрешница за директното политичко влијание во изборните манипулации;
– конституирањето на Државната изборна комисија доцнеше четири и пол месеци и оневозможи таа ефективно да ги истражи обелоденетите нерегуларности од претходните избори;
– не се навремено адресирани недостатоците што се констатирани во поглед на Избирачкиот список.
Наспроти препораките за надминување на сериозната медиумска криза во Република Македонија, сведоци сме на нејзино продлабочување. Сè уште се видливи „нездравите врски“ помеѓу главните медиуми и владиниот врв, кој продолжува да ја игра улогата на главен уредник на вести во медиумите што ги корумпира или контролира. Продолжи политичкиот притисок и заплашувањето, како и говорот на омраза и поттикнувањето насилство кон критичарите на власта. Јавниот сервис не покажува никакви знаци на непристрасно и независно известување, во функција на јавниот интерес. Медиумската криза се продлабочи и со синхронизираната смена на неколку главни уредници.
Посебно загрижувачки се и постојаните опструкции на работата на Специјалното обвинителство, кое требаше да има целосна автономија во истражувањето и гонењето кривични дела поврзани, и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Попречувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство оневозможува ефикасна истрага за укажувањата за криминал, констатирани и во Извештајот на Прибе.“
Сите овие укажувања од крајот на јануари важат и денес, на почетокот на април.
Ништо битно не се промени, освен на полошо.
Затоа би требало да важи и поентата на крајот од писмото на граѓанските организации:
Без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ние како граѓански активисти немаме друга опција освен да повикаме на бојкот на изборите закажани во јуни (претходно април) и на масовни протести против режимот, кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија.
Ако не се создадени услови за фер и слободни избори, тогаш се создадени услови за граѓански протести против тие што беа платени да создадат услови за фер и слободни избори.
Извор: Слободна Македонија
Слики: Свирачиња