Просјак за секоја раскрсница - нов проект на владата на Македонија

09.04.2016 14:06
Просјак за секоја раскрсница - нов проект на владата на Македонија

Скопје, 9 април 2016

Македонската влада најави уште еден проект со кој ќе го подобри животот на македонските граѓани. Имено, по вчерашната обиколка на повеќе скопски раскрсници, од владата заклучиле дека на многу од нив нема просјаци.

„Изминативе години работевме многу и ги покривме сите раскрсници на булеварите и главните улици, но останува да се работи уште многу“, велат од македонската влада.

Според владиниот план, во иднина треба да бидат опфатени и помалите раскрсници на споредните улички, сè додека и најзафрлената раскрсница не биде покриена со барем еден просјак.

„Свесни сме дека ни претстои уште многу работа. Реализацијата на оваа благородна идеја ја попречува иселувањето на младите кои одат да работат во странство наместо да се вдомат на некоја од раскрсниците како просјаци. Но, не се откажуваме“, велат македонските власти.

Слика: ШкАрт