Од Скопје до Истанбул преку Камениот Мост

12.04.2016 01:57
Од Скопје до Истанбул преку Камениот Мост

Како последна дестинација на моето патување летам за Скопје од Истанбул. Џагорот на двата аеродрома ми се чини толку идентичен, луѓето се довикуваат, гласно разговараат, се чувствува динамика, многу различна од земјата од која што полетав. Во делот за пристигнување на аеродромот Александар Велики, по поминување низ пасошката контрола, чекам да го земам куферот од тркалото за багаж. Гледам да го најдам бројот на мојот авион на таблата. Лесно. Беше единствениот што пристигна. Ми приоѓа еден возрасен црномурест господин. Ме прашува нешто, се трудам да го разберам. Зборува турски. Го забележувам изразот на неговото лице како да се препознал во некого. Му одговарам на Англиски дека не сум од тука. Го забележав од истанбулскиот аеродром кога се бордиравме на авионот, ме гледаше. Сè уште збунето но љубезно направи гестикулација која што ја разбрав како извинување и наеднаш го снема во турканицата. На секого од нас му се случува да се препознае во некого или пак некој да нè замени со некој што го познаваат.

Се сеќавам на моите баба и дедо, родителите на мојот покоен татко, секое лето одев кај нив на село. Баба ми немаше многу време за да игра со мене затоа што работеа земјоделство. Секогаш носеше шамија на главата, беше црномуреста и беше подгрбавена од тешката работа и многуте породувања. Но, не се жалеше никогаш, ниту пак дедо ми. Тој пак имаше густи бели (некогаш црни) мустаќи и имаше некој строг изглед на лицето, бил војник во српско, бугарско. Се сеќавам, баба ми кажуваше дека имал куршум заглавен во плешката. Умре со него и доживеа длабока старост. Се сеќавам дека ниту таа ниту дедо ми не беа исклучително религиозни, но постеа секоја среда и петок, за Велигден, за Божиќ, без исклучок. Јас им бев миленичка, сите имаа некое задолжение освен мене. Но во недела не се работеше. Понекогаш ми раскажуваа за старите времиња, но и јас ги подбуцнував да ми кажуваат. На училиште учевме за партизаните. Ми кажуваа дека ги викале „шумкари“ затоа што се криеле во шумите и се симнувале во селото да бараат храна. Искреното смеење и бојата на гласот на дедо ми кога го прашував вакви и други „чудни“ прашања ми одѕвонува сè уште во ушите. Баба ми ми раскажуваше и настани од Османлиско време, во кое била многу млада девојка и велеше дека имало многу ред. Дали затоа што ја живеее својата младост? Дали затоа што нè гледаше како растеме по малку разгалени? Не знам. Знам дека нејзините беа дојдени од далеку, но никој не знаеше да ми каже од каде. Само се сеќавам дека некој одамна спомна дека можеби дел од нејзиното семејство потекнува некаде од Мала Азија.

При секое мое доаѓање во Скопје, не можам а да не ги заобиколам оддалеку зданијата кои изникнаа последниве години. „Античките“, „барокните“, „неокласичните“ елементи на новокомпонираните зданија и останатите склуптури, фонтани, многубројни стиропорно гипсани детали го надополнуваат амбиентот со глорифицирачка арогантност. Натрапнички и агресивно се натпреваруваат во набиениот простор и некако чудно се конфронтираат не само меѓу себе, туку и самите со себе. Покрај овакви објекти со такви архитектонско‐естетски квалитети и агресивност не можам да останам рамнодушна. Прикажуваат историја која не ја чувствувам како своја; туѓа, стерилна, наметлива со шуплива содржина. Небаре црпи мотиви од некое минато базирано на непостоечки преданија, претпоставки, историски факти напишани од раката на победниците и прекројувачите на историјата. Не, ова не е тоа за кое постојано се враќам во градот на мојата младост. Ова не е историја која ги засега семејните лози на многумина од нас. Тој едноставно прескокнува преку времето на владеењето на Османлиите, кога Скопје беше еден од големите светски градови, преку петте векови кои се временски, културолошки и цивилизациски корени на нашата денешнина.

Поминувам преку Камениот Мост. Одам полека. Гледајќи кон огромниот крст на Водно, двајцата бронзени коњаници останаа одзади. Не се вртам, не брзам, уживам во мостот. Се прашувам кои биле неимарите што го изградиле ова прекрасно дело. Ќе речеш дека реката и мостот се стопени во едно тело распослано мегу двата брега. Застанувам и ја читам месинганата плоча закачена на неодамна обновената стражарницата (мирхработ) на средината на мостот. Тука веројатно некогаш стоела мермерна плоча со посвета нa градителот. Неа ја нема. На евтиниот месинг пишува дека мостот е некаква реставрација, па потоа дека се работи за некоја друга реставрација, па за трета.

Ги реди годините, но не пишува кој го изградил мостот. Во школо не нè учеа. Некој вели дека тоа е дело на Јустинијан Втори, сега седнат на белата коцка покрај последните камени сводови на десниот брег. Некој вели дека тоа бил Цар Душан, тој е веднаш тука исправен на соседниот мост. Си размислувам за турските патеписци кои како ктитор го опишуваат големиот Султан Мехмед II наречен Освојувачот. Истиот оној што го освоил Константинопол во 1453 г. Писанијата велат дека тој е оној што им наредил на своите војници да не смееат да рушат цркви. А ако некој се осмели, тогаш да им се исече раката. Не смееле да срушат ниедна црква, не смеело да се извади ниту еден камен. Има смисла. Па, тој го изградил мостот. А никаде нема никаков податок за него. Се спуштам полека по другата страна од Камениот Мост. Во подножјето сум на Калето, камената тврдина, белегот на Скопје. Ме пречекува грамадна фигура на еден човек облечен во Античка униформа со чудно крената рака во знак на поздрав. Фигурите на мајка во сите фази од блаженоста до држење на нејзиното дете во скутот седат со нозете потопени во мермерениот базен. Водата паѓа од огромна чинија и прска на сите страни. Столетниот Даут Пашин Амам е тука, од десно. Неговите ѕидови изѕидани со убаво редени тули и клесани камења се некако скриени во една вдлабнатина полна со прашина, како да сака да се заборави. Од едната страна е аголната камбанарија на Свети Димитрија, убава, чиста, а од другата се гледа затскриеното минаре на Мурат Паша. Обете ги канат своите верници на молитва, исти но различни.

Шетам по старата Турска Чаршија. Моите живеат близу центар, но јас често барам прибежиште во неа. Сакам да ги слушам звуците на занаетите, џагорот на продавачите, говорот на луѓето. Сакам да го осетам мирисот на свежо испрсканите скалишта, на тесните улички, на мовливите ѕидови, на старите јорговани, на ориенталните деликатеси видливи низ зачадените излози. Сакам да го почувствувам духот на тоа не толку далечно наше минато, во некоја потрага на тоа што сум и која сум јас. Седнувам на една од масите поставена на скалестите плочи што водат кон Свети Спас. Младо момче ме прашува што ќе нарачам. Кафе, нес, со мраз. Се вртам и околу мене гледам луѓе седнати, пијат чај, кафе. Забележувам еден човек кој во исто време седна на соседната маса, слушам друго момче му приоѓа, го прашува на албански. Овој му одговара на македонски: Чај, без шеќер, и да не е многу јак. На масата подолу играат табла, шах, говорат турски. Пијат кафе, чај. Младите пијат сок. Слушам албански, турски, македонски, младеж. Би сакала да ги знам тие јазици кои тука се зборувале од многу одамна. Го пијам полека кафето во сенката на еден црвен чадор. На сонце е вистинска горештина. Забележувам дека човекот со чајот го меша со лажичето, иако нема зошто да се меша. Го слушам неjзиниот звук, на металот кој удира во стаклената заоблена чаша со двојна кривина, со златни хоризонтални линии и една полумесечина во средината.

Членувам во една Facebook група на Скопјани и пријатели на Скопје. Се вика Üsküplüler - Shkupjanët - Скопјани. Сите нè поврзува интересот кон архитектурата, уметноста, животот и кон сè она што е богатство на Скопје, со особен интерес кон просторот во и околу старата Турска Чаршија. Има луѓе од многу националности. Членовите од Македонија и Турција се најбројни, но нè има од сите континенти. Се користат сите јазици кои овозможуваат полесно да се разбереме. Постовите се често напишани на два или три јазика. Има ред, членовите се почитуваат меѓусебно. Постовите изобилуваат со фотографии, написи, мапи, историски факти „ископани“ од големите светски библиотеки, приватни колекции и интернет извори. На исклучително студиозен начин се дискутира за објекти од комунизмот, српскиот, бугарскиот или османлискиот период. Се навлегува во времето на Византија, па и во времето на Римското царство и неговите претходници на овие простори. Се водат полемики за локацијата и постоењето на објекти и археолошките наоди за кои никогаш не сум знаела или сум се сомневала дека некогаш постоеле. Со голем ентузијазам се претставуваат детали од ова наше мултикултурно минато од кое понекогаш, надвор од групата, како да се срамиме. Се полемизира со респект и укажува на една историја која, чинам, е многу комплексна и обременета со историските превирања. Историја во која победникот го добива право да руши и гради.

Педантните Османлиски даночници воделе детални списоци и ги бележеле сите главни збиднувања. Вакуфските белешки прецизно го бележат времето кога и од кого е изграден секој поважен објект во чаршијата. Дополнително, големиот патеписец Евлија Челебија на неколку страници со воодушевување го опишува градот и раскажува за живеењето во Скопје во 17 век кога имало 120 џамии. Денеска се останати едвај дваесетина.

Дознавам и за џамијата непосредно до црквата Свети Спас, која е неодамна реновирана од Турската агенција за заштита на спомениците.

Дознавам податок за Камениот мост, симболот на градот Скопје; Кога Османлиите го граделе, Михработ (во средината на мостот) а и самиот мост е насочен кон Мека, кон Кааба, најсветиот храм кој го изградил никој друг туку Абрахам, таткото на трите религии - Јудејската, Христијанската и Муслиманската. Десетина метри низводно таа ориентација се губи, брегот тоа едноставно му го пружа токму на ова место каде што е изграден. Како мозаик се отвора сликата на едно друго Скопје, она чија историја намерно или ненамерно се остава во заборав, но се забележува толку впечатливо на секој агол во Турската чаршија. Жив сведок на време толку интимно поврзано со денешната култура и традиција. Еден археолог во групата неодамна мудро изјави: историјата се развива по хоризонтала, а археологијата по вертикала. Јас би додала: хоризонталата во историјата мора да се базира на вертикалата од археологијата. Ако е обратно, или ако некој период од вертикалата е предимензиониран или пак заборавен, се доаѓа во опасност таа да стане глув послушник на победниците кои ја пишуваат својата историја.

Верувам дека денеска, во дваесет и првиот век, сепак овој народ и неговите лидери нешто научиле од нивната историја и од историјата на соседните култури. Земји како нашата со мешан состав и историја има многу. Некои се успешни во градењето на заедничкиот живот, некои не. Превирањата и војните во минатото се лош пример, но добра поука за идните поколенија. Поривот за рушење, негирање и сквернавење на она што е различно, било да е од верски, национален или каков било друг карактер, едноставно треба да се насочи во една друга насока. Насока каде ќе се цени и негува сопственото, но во исто време ќе се почитува и негува тоа што е различно. Не е тоа толку тешко колку што изгледа. Надградба на идентитетот на еден народ е предизвик за вистинските лидери кои, ако се мудри, ќе знаат да ги спојат историските со академските и научни достигнувања базирани на факти, темелни истражувања. Секој камен од нашето богато минато треба да се третира со почит и достоинство. Има изобилство на податоци, има писанија, има и квалитет и волја за истражувања, но тие мора да бидат независни и растоварени од влијание на каква било партија и ефемерна политичка гарнитура.

Повторно се шетам низ плоштадот и Чаршијата, повторно се обидувам да не им обрнам внимание на спомениците кои му пркосат на здравиоут разум, ми создаваат немир и со кои со секое мое доаѓање, сè помалку и помалку се поистоветувам. И овој пат прибежиштето го барам во Чаршијата, но овој пат обрнувам поголемо внимание на објектите и деталите за кои се дискутира со ентузијазам во групата, но за кои многу малку се знае.

Повторно седнувам на една маса на скалите што водат кон Свети Спас, друго момче ме служи. Се вртам наоколу. Можеби во неверојатна случајност ќе го сретнам човекот кој ми пријде на аеродромот, но сега си замислувам како го прашувам да не има случајно некое далечно семејство во Македонија.

Фотографии: Снежана Димитровска

ОкоБоли главаВицФото