Македонскиот џган

13.04.2016 01:17
Македонскиот џган

Во мојата чудесна Македонија, приквечерината го најавува мракот. Чувствувам дека е неизвесна судбината на ноќта и раѓањето на белите мугри и силината на светлината на новиот ден. Со суво грло подголтнувам, а нешто длабоко во мене се прекршува и ми доаѓа гласно да викнам: „Народе македонски, со какви идеи си ти? Доста веќе, разбуди се, свести се, не спиј ти. Не знаеш кој си, што си, други тебе знајат, СРАМ голем е за тебе, сам да се не знаеш“!

Растргнат меѓу пропагандната машинерија на малите екрани кои здушно, насмеано, нашминкано и со виден напор за уверливост, ме убедуваат дека уште еднаш треба да се спасува иднината на таковината и неизвесноста на утрешниот ден, нешто ме тера да чувствувам сè поголем страв од СРАМОТ. Срамно е набрзина да се измешаат амнестијата на криминалот, крадењето и ниските морални страсти како компензација на досега непозната форма на патриотизам. Не ја даваме Македонија по никоја цена, велат, но ќе наплатиме од простодушниот граѓанин, онолку колку што нам ни треба.

Сè ви проштевам, чеда мои, се огласи денеска претседателот Ѓорге Иванов, длабоко уверен дека со општа амнестија на политички заштитениот криминал, неговите извршители и наредбодаватели, ќе внесе благосостојба меѓу својот народ. Со аргументација на недоучен универзитески професор по политички науки, или амбициозен и наивен универзитетски професор по политички науки кој се плаши од неговите реални политички ментори, со наивен настап сакаше благонадежно да посоветува дека подобро е да се амнестира организираниот криминал, за масовно да не ни се случува криминал со нелегално продавање спанаќ и коприви. Не се знае баш тука каде е разликата меѓу науката и политиката, и ПРАВДАТА и СРАМОТ.

Вториот Хомер, нашиот великан Григор Прличев, во Атина не бил за признавање на Македонија, туку на атињаните да им го земе ловоровиот венец за најдобра поема. Ја одбил нивната понуда да студира на Оксфорд и се вратил во Охрид, меѓу своите. Видел со кого си има работа и што се случувало во неговиот Охрид, па затоа ја одржал неговата славна беседа за Охридскиот џган, беседа која во овие моменти може да се именува како Македонски џган.

„Мнозина пријателството го држат на збор, но умот од сосем малечок број (луѓе) ги повраќа во душата. Дамона и Финтија, пријатели, цврсти, непристрасни и чесни. Јас сум сепак оној беден пријател на вистината. И потоа непријател бескомпромисен на измамата и лошотијата. Се пресметувам со сè во светот и со глупостите“, ќе порача Прличев, свесен за последиците не од непријателите, туку од оние што си го продаваат својот народ.

Народе македонски, каде се твоите човекољупци, правдољубци, писатели и интелектуалци?! Во одбрана на татковината, предводник не може да бидат оние со менталитетот на џганот, туку до светлината на новиот ден треба да нè донесат сите тие, кои без разлика на националната и верска припадност живеат и сакаат нивните поколенија да живеат во Република Македонија.

Време е да се избега од криминалните концепти за иднината, празните и политички креирани камуфлажи за демократијата, зашто сите нас, мнозинството граѓани на Република Македонија, нема кој да нè амнестира.

Слика: Свирачиња