Етнонарцизам

14.04.2016 10:49
Етнонарцизам

Колективниот нарцизам го познаваат сите колективитети. А, етнонарцизмот сите етницитети. Значајни делови од цели народи незрело и токсично се апсорбирани од себеси. Нивната патолошка затвореност изопачено кулминира во состојба на масовна национална самозаљубеност. Тогаш тие се гледаат само себеси: најважни си се и секогаш први. Себеси и припадниците на својот народ ги доживуваат како повозвишени битија сами по себе. Значи, не заради некакви достигнувања, туку со самото тоа што едноставно се. Ја негуваат замислата дека се посебни. Преплавени се со национални фантазми за славата, силата и моќта. Националната митологија во нив го вметнува чувството на судбинска поврзаност за историската улога. Чувство кое ги следи само „светите“ и „избраните“ народи. Идеализирајќи го „славното минато“, нарцистичкиот колектив се идеализира себеси.

За да заживее ваквата етнонарцистичка конструкција, претходно мора да постои широко прифатен наратив за „национално ослободување“. Нарцистичките етницитети опстануваат ако нивните елити успеат да создадат доволен број митологизирани етноцентрични идентитети. Ако обезбедат масовна продукција на етнонарцизам, етно-нетолеранција, поп-националистички митови и традиционализми. Но, ако и алтернативните наративи ги деконструираат како „предавнички“. Со радикализацијата, етнонарцизмот избива на повисоко ниво: се заокружува во целосна националистичка етнократија. А, кога вака вештачки создадената општествена монолитност ќе се инсталира како вистина, етнонарцизмот станува основа на поредокот и норма за општествената „нормалност“.

Наметнатата кохезивност на групата ги преплавува членовите со колективниот идентитет на штета на индивидуалниот. Националното ослободување е извршено по цена на индивидуално потчинување. Без групата тие не се свои и не постои нешто што не можат да го направат. И покрај тоа, почнува да им се причинува дека не можат да мислат, ниту да постојат независно од групата. Влегуваат во состојба на деиндивидуализација, со преценето поистоветување со групата. Доаѓа до фантазматско присвојување на силите на колективитетот, до трансфер на харизмата на групата на членовите на групата. Почнуваат да се преценуваат себеси, а да ги потценуваат другите. Не функционираат, ако не се подобри од другите. Не ги разбираат оние што не ја споделуваат нивната пренадувана слика за себе. Пречувствителни се, па секоја критика ја доживуваат како акт на насилство над националното битие. Како одбранбена противмерка го преземаат стереотипизирањето на другите и поинаквите. Како што се слабите, глупавите, злобните, па дури и опасните. Притисокот на групата кон униформирањето, кохезијата и деиндивидуализацијата на членството зајакнува. А, сето тоа по цена на затапеност, изолација и губење на чувството за реалност. Несомнената вера во исправноста на матичната група го отежнува согледувањето на последиците на акциите извршени во името на групата. Насилството кое поединците не би го извршиле, би го извршила групата. Нивото на колективниот, а не индивидуалниот нарцизам го предодредува нивото на злоставување на поинаквите во одредено општество.

Конзумеризмот во современиот капитализам ги изедначува разликите и сите нè прави униформно исти. За да ни ги продаде истите потреби и производи. Етно-нарцизмот примитивно му се спротивставува на тоа со измислување идентитетски „разлики“, кои ја хранат илузијата за посебноста и автентичноста. „Нарцизмот на малите разлики“ се случува исклучиво во рамки на блиските етнички групи. Не се споредуваме ниту им завидуваме на народите кои се далечни или радикално различни. Бидејќи се премногу очигледни, нема потреба да се јава на разликите. Поривот за нарцистичкото пренагласување на разликите го побудуваат народите кои се најслични и најблиски со нас. Најжестоко ги мразиме оние кои се „речиси-како-нас“. Всушност, преку нив се гледаме себеси. Заради тоа, со проекциите најмногу и ги валкаме. Ксенофобијата е составен дел на етнонарцизмот. Со проекција на непосакуваните делови од себеси во другите и другото, полесно ни е да бидеме самите со себе. Откако лошото е екстериоризирано, внатре останува само доброто. Ако сопственото ѓубре му го истуриме на соседот, нашиот двор ќе биде почист и поубав. А, ако лошото е кај него, тогаш е и од него. И, лошото нека оди кај него кога е лош. Ѓубрето од нашата внатрешност сега е надвор. Веќе не нè валка. Не го загрозува нашиот внатрешен интегритет. Бидејќи е кај другиот и е од него, тогаш е на сигурна оддалеченост. Заканата е оддалечена, а тежината смирена.

Но, додуша, по скапа цена за создавање непријатели. Затоа што, етнонарцистичкиот мит во соседниот подеднакво контаминиран колектив како одбрана создава рефлективен контрамит. Со иста сила, а спротивен векторски предзнак. Според начелото дека „сличното го привлекува сличното“, етнонарцистичките патологии резонираат меѓусебно. Ако доволно долго се инсистира дека соседниот колективитет е „лош“, тој со текот на времето навистина и станува таков. Секоја од страните ја прифаќа токсичната проекција со која другиот ја контаминира. И почнува да ја мрази. Ја мрази, во најмала рака, затоа што ја натерала да ја мрази. Играта на „нарцизмот со мали разлики“ секогаш е игра за двајца. Па, кога ќе започнат меѓусебните проекции, несогласувањата растат. Кога растат несогласувањата и најмалите разлики се зголемуваат. А, каде што нема разлики, нарцистичката мотивација ги измислува. Расте агресивниот набој и почнува играта која нема крај.

Слики: Enrique Castrejon

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото