1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Работата е тешка, а платата лоша, но барем можете да се дружите со екипа од непријатни, огорчени типчиња. И така го прифатив тоа работно место. Првата недела мислев дека ќе умрам. Не можев да го сопрам крварењето на рацете, а нозете едвај ме држеа. Втората недела очите ми се заматија и не можев да го спречам повраќањето. Четвртата недела почна да ми се свиѓа. Се чувствував силен. Една година подоцна не чувствував ништо. Не го знаев своето име, ниту каде сум. За која и работа да стануваше збор, јас требаше да ја одработам, но не знаев како. Потоа ја сретнав Деидре во кафетеријата и таа ми рече: „Господине претседателе, одлично си ја вршите работата.“ „Како тоа ме нарече?“, прашав. „Господине претседателе“, одговори таа. „Како времето залудно пролета“, реков. „Слушам птички како пеат.“ Не го испуштав од вид желе-десертот.
Превод: П. В.
Поезија на Тејт е извртена, хиларична, понекогаш дури и инфицирана со работата на нонсенсот, речиси на начинот на Луис Керол, но секогаш со јасна наративна линија. Тонот е често конверзациски и наизглед „обичен“, но секоја претстава за конфекциската дикција Тејт упорно ја нарушува со апсурдистичкиот хумор, како и со посегнувањето кон надреалистичките фигури од својот непресушен арсенал на бизарни поетски слики. Она што Тејт го позајмил од надреалистите, кои дури кон крајот на педесеттите почнаа попресудно да влијаат на американската поезија, беше примената на логиката на сништата и на слободното асоцирање, но во неговиот случај често во рамките на специфичниот американски локален колорит. На свој начин радикално откачена, ако веќе не и „непресметлива“, поезијата на Тејт со својот имагинарен вишок како конститутивен елемент нуди всушност концепт за песната како дарежлива и отворена структура која секогаш може да биде окончана со соодветна и духовита поента, во што Тејт е вистински мајстор. (Дамир Шодан)