Циркус „Македонија“

14.04.2016 12:45
Циркус „Македонија“

Во нашава мала земја, пред десет години, пристигна циркус. Тоа беше веселиот патувачки Циркус на ВМРО ДПМНЕ. Оваа патувачка дружина, што долго талкаше загубена по беспаќата во маглата на историјата, конечно, како модернизиран и реформиран политички циркус со нови циркузанти и нова атрактивна партиска програма, ги крена високо своите циркуски знамиња, ни ја расколчи земјава и во калта на нашата стварност го постави својот шарен шатор. Ако до тогаш имавме Глупи Августи, Барони Минхаузени, каубојци со пиштоли на каписли, лоши комичари, продавачи на магла и секакви улични измамници, мангупи и трчилажи во политиката, од тогаш циркусот стана моќна државна установа што полека се ширеше, земајќи сè повеќе и повеќе простор, до мигот кога целата држава стана ЦИРКУС.

Громогласно најавуван како дотогаш невидена атракција, циркусот на ВМРО ДПМНЕ пристигна и народот се стрча кон разнобојните светилки на циркускиот шатор што копнежливо затреперија во далечината како единствена реална перспектива на нашата заедничка иднина. Веселата дружина од кловнови, костимирани историски ликови, арлекини, акробати, жонглери, танчери, голтачи на оган, магионичари, жени со мустаќи, кепеци и кротители со своите лавови, ноеви, слонови, мајмуни, пудли, волови и магариња - го оптегна својот шарен шатор преку целата земја, а на шаторот радосно блеснаа големи црвени неонски букви: МАКЕДОНИЈА.

Циркусот, како и секој циркус, беше најавен со трубење на труби и тропање на барабани, градот беше излепен со плакати (банална слика на глава од лав, како и секогаш), беше накитен со портокалови знаменца, а по улиците автомобили со озвучување монтирано на покривот ја најавуваа новата сензација. Гласот на водачот на циркуската дружина снимен на бесконечна магнетофонска лента ечеше од звучниците: „...првпат во вашиот град... само за вас... последна прилика... неповторлива претстава... преродба во сто чекори... остваруваме... невидени чуда...“ И големата циркуска претстава почна!

Сите ги поздравуваа одушевено циркузантите во нивните светкави циркуски костими на сцената во заслепувачката светлина од вжештените рефлектори и само малкумина чаршиски намќори и докажани мразачи мрчеа и се муртеа. Оние умните умно молчеа и чекаа да видат колку ќе трае ова чудо. Негодуваа малку и ситните измамници, кибритчии, џепџии, тезгаџии како и сите аматерски политички друштва што останаа на улица и ја загубија заработувачката кога новиот циркус се отвори. Но набргу и тие се напикаа под шаторот и започнаа да им продаваат на гледачите евтини пијалаци за освежување, пуканки, розова шеќерна волна на стапче, среќки, семки за грицкање и слични занимации во паузите на претставите.

Во кругот од светлина исцртан на сцената од рефлекторот чии зраци паѓаа драматично од лажното небо (направено од сино шаторско платно со пришиени ѕвезди од златна хартија), се појави Водачот на циркуската дружина - лошо облечено, кривоного кускуле со голем нос и мали злобни очи - ја најави претставата: „Почитувана публико! Во нашиов циркус ќе ги видите најголемите чуда што некогаш некој ги видел! Ќе видите градби изградени за една ноќ од духот ослободен од волшебната ламба на Преродбата; ќе видите невидена раскош каква имало само во славната Пела, во величествениот Вавилон и во холивудските филмови за нашето славно античко минато... Пред вашите очи ќе се менуваат слики на егзотични предели, ќе се вратат одново македонските воини од далечните походи со своите сјајни штитови и долги копја натоварени со богатствата на Индија и ќе биде откриен гробот на Александар Македонецот, гробот ќе се отвори и тој ќе се појави меѓу својот народ качен на верниот Букефал... Ќе видите не само како лавот на ВМРО скока скротен низ огнен обрач, но и како лови во својата природна средина и како го растргнува и јаде пред вас својот природен плен. Истиот тој опасен лав ќе видите како ќе се спријатели со страшен орел што ќе му застане на десното рамо и заедно ќе шетаат низ публиката... Почитувана публико, на сцената ќе се случат неверојатни нешта што ќе ви го одземат здивот - шумски ѕверки ќе облечат костуми; пци ќе облечат полициски униформи, магариња ќе станат учени професори, свињи ќе проговорат на телевизиските екрани, пудли во хор ќе ја пеат химната, говеда ќе станат службеници и со кренати нозе на работните маси ќе читаат весници во канцеларии, папагали ќе држат говори, а мајмуни ќе бидат банкари... Почитувана публико, ќе бидете сведоци и на откривањето на тајната алхемија на Македонија! Само за вас на сцената ќе биде прикажано тајното знаење на трансмутација и чудесно претворање на ништо во нешто и на нешто во ништо, како и прелевање од празно во шупливо и обратно. Вашиот паричник ќе се наполни на чудесен начин со пари и покрај тоа што ќе остане празен. Ќе ја почуствувате и несовладивата моќ на хипнозата и многумина од вас ќе проодот на раце, ќе рипаат на една нога, ќе кокодакаат, ќе лаат, ќе си го изедат сопственото говно, ќе се соблечат пред сите и голи ќе шетаат на сцената или со насмевка ќе си го убијат детето по наредба на хипнотизерот! Од сега натаму тоа што го гледате и слушате веќе нема да биде тоа што го гледате и слушате туку тоа што ние ќе ви кажеме дека гледате и слушате – почнува најголемата, најуспешната, највеличествената, најостварувачката, нај-нај-нај претстава во историјата на македонскиот народ! “

Потоа излегоа кловновите. Тие имаа огромни чевли, премали капчиња, преголеми панталони, шарени вратоврски и смешни црвени носеви. Доаѓаа во своите костими на политичари, банкари, владики, судии, генерали, директори... и се туркаа, викаа, трубеа во своите чудни труби и пукаа со пиштоли од чии цевки излетуваа светкави конфети или букети од цвеќе - додека им ги празнеа паричниците на зинатите гледачи. И никој не помисли дека се работи за вистински грабеж!

На политичката сцена чудесно се смени старата соц-реалистичка слика на стварноста, со сите нови невешто обоени украси што ги додадоа социјал-демократите, предизвикувајќи воодушевување кај публиката. Одеднаш, се појавија неверојатни градби во „барокен стил“, блесна позлатата на орнаментите, прснаа кристални водоскоци од фонтаните, зениците на публиката се раширија од неверојатната раскош на новата сценографија. Македонија стана земја на чудата.

Пред зинатата публика растеше националниот бруто производ до неверојатни височини. Одамна посакуваното стопанско чудо, без памет и вложен труд, неочекувано се оствари. Спектакуларните резултати и успеси ги полнеа извештаите за работа што станаа толку дебели и веќе немаше каде да се чуваат, па мораше да се градат нови архиви. Статистиките и графиконите збудалеа. Новите бројки што го означуваа дотогаш невидениот стопански растеж вртоглаво се зголемуваа и им го свртеа умот на сите.

Чудесните слики се менуваа на сцената, а изведувачите се надминаа самите себе правејќи невозможното да биде возможно, а неостварливото остварливо. Сите животни порази, понижувања, сите неуспеси, сета немаштија, сета неспособност, некадарност и неукост, сето тоа се заборави веднаш пред магијата и сјајот на циркуската сцена. Тоа беше доволно нашиов намачен народ веќе никогаш да не посака да се врати на нива, во фабрика или во канцеларија.

Маскирани разбојници пред очите на публиката ограбуваа банки. Од пиратски кораби, што допловиле од Карипското Море, црнобради гусари со ножеви меѓу забите се спуштаа со јажиња од јарболите со распнати едра меѓу публиката и им ги земаа накиот, рачните часовници, бурмите... Хипнотизерите ја натераа публиката да поверува во триковите кои веќе никој не можеше да ги разликува од стварноста. Со помош на трик и магија лошите ученици одеднаш станаа првенци, секој будала можеше да добие диплома, сите безделници станаа добро платени работници, неписмените почнаа да пишуваат научни трудови, неуките и неспособните за миг стануваа учени и способни... Магионичари со магија создаваа купишта пари што веднаш исчезнуваа и никој до денес не знае каде и како ги снема. Публиката врескаше од радост и ги ловеше она малку фрлени банкноти кога почнаа да паѓаат врз нивните глави (и ако банкнотите беа само шарена украсна хартија и конфети)... Пробисвети од партерот кои на циркуската лотарија добиваа богатства и признанија излегуваа на сцената да се поклонат пред распаметената од радост публика (и ако на сите им беше сосем јасно дека лотаријата е наместена)... На чудесен начин исчезнуваа гледачи и се појавуваа некаде во некои далечни земји или зад затворски решетки...

Народот молчеше занемен, зинат и со ширум отворени очи ја гледаше претставата додека го мамеа и ограбуваа.

Сепак, со текот на времето, сè повеќе стануваше јасно дека се создаваат огромни разлики меѓу циркузантите и публиката, како што се зголемуваат разликите меѓу публиката во партерот и оние од балконите. Како што претставата се повторуваше и стануваше се поздодевна, како што полека исчезнуваше сценската магија, така стануваше се појасно дека циркузантите живеат добро само поради публиката, дека се облекуваат во скапи костуми додека публиката носи излитени и скинати облеки, дека јадат во луксузни ресторани додека публиката копа по контејнери, дека возат скапи автомобили додека публиката се вози во автобуси (со бесплатни билети за пензионери и студенти во одредени денови), дека одат на одмори на егзотични острови со палми што се нишаат на ветрот крај синото море што публиката може само да ги види на обоените платна на циркуската сцена или барајќи залудно сенка по улиците под скапо платените увезени палми што тажно венат без мајмуни (кои наскоро, на општа радост и на барање на публиката, ќе бидат увезени, исто така).

Сè повеќе и повеќе гледачи беа раз-очарани од циркусот. Некој платил подобро место, но открил дека балконите со седишта од црвено кадифе и позлатени ракофати се преполни со глупаци и безделници кои насила му го заземале местото. Некој почнал да се прашува зошто и тој не учествува во претставата, туку седи во темнина. Некому било ветено дека и тој ќе се појави во осветлениот круг од рефлекторите на бината, но завршил чистејќи клозети или хранејќи ги дивите животни со помија во кафезите... Некому заскитал погледот надвор од сцената и открил со изненадување дека циркускиот шатор е полн со дупки и со закрпи; дека лавовите се од кадифе, полнети со слама и имаат стаклени очи; дека циркузантите имаат перики и лошо залепени брада и мустаќи; дека циркуските животни се измачени и имаат тап поглед на лудак; дека на жонглерот му испаднале топчињата по подот и дека само мавта со празни раце; дека кловновите не се смешни; дека магионичарот не ги враќа парите што ги зема од публиката по изведениот трик... Конечно, магијата сосем изчезна!

Вознемирената публика почна да се фаќа за паричниците, отпрвин претпазливо, никој да не ги види, а потоа во паника почна да пребарува по џеповите, и, не верувајќи си самата на себе, откри дека од таму наместо пари излегуваат жаби, скорпии и стоногалки. Така почна да се сомнева дека е можеби измамена и дека можеби навистина ништо од тоа што е остварено не е вистинско и дека сетоа таа магија е работа на сценски машини за магла, на скриени направи зад бината, на лажни огледала, на масовна хипноза и на магионичарски трикови.

Полека, откако магијата исчезна, нашиов шашардисан народ почна да открива дека сето ова е само привид и измама. Но, никој не сака наполно да поверува дека е жртва на измама. Никому не му е лесно да признае дека е глупак што така лесно го прелажале и ограбиле, дека измамниците ја искористиле неговата алчност и себичност, дека ги исползувале неговата неспособност и наклонетост кон ниски страсти. Оттаму никој и не го напушта циркусот.

Сепак, никој веќе не може да го испере горчливото чувство во устата плакнејќи ја со розова водичка и лапајќи шеќерна волна. На сите денес им е јасно дека сето ова е само евтина измама, лага што се изморила самата од себе, се излитила од повторување и претерување и конечно станала здодевна. Одамна веќе никому ништо не му е смешно.

Така денес, од една страна се најдоа осамени нашиве политички маѓесници, жонглери, акробати, хипнотизери, кревачи на лажни тегови, повикувачи на духови од минатото, лажни чудотворци, претскажувачи на иднина во кристални топки, костимирани разбојници и кловнови со сите нивни платени ракоплескачи и насилници што ги пребиваат оние кои не ракоплескаат, со сите мали и големи грабачи и гребачи што се туркаат зад бината, со сите подлизурковци и упикувачи од фоајето и со сите манијаци и курви од јавните клозети - а од друга страна е народот претворен во публика од која само се очекува да ракоплеска и одобрува кога им ги земаат парите или им наплатуваат астрономски суми за циркуски кулиси од гипс-картон со фасади од стиропор, за чуда што не постојат, за налудничави циркуски точки и неупотребливи реквизити, за зашеќерена водичка што лечи сè и сешто, за ветер и магла, за волшебен запис со кој секој може да биде она што ќе посака, за розови очила со кои светот изгледа поубаво или за подобри предвидувања на иднината на некој телевизиски измамник јасновидец.

Циркускиот шатор на Преродбата почна да паѓа. Почнаа да пукаат јажињата што го поврзуваа со земјата, се разниша и заниша кога незадоволните од публиката се раздвижија и почнаа да негодуваат, а најхрабрите ги исвиркаа циркузантите и почнаа да фрлаат расипани јајца и гнили домати на бината реметејќи ја претставата. Успешно изведената диверзија со озвучувањето - кога звучниците во циркусот почнаа јавно да го пренесуваат она што зад бината говорат лажливите и расипани циркузанти - до крај ги разголи овие измамници.

Лавиринтот од искривени огледала во кој беше загубена публиката почна да се урива, прснаа лажливите огледала и зад нив се појави застрашувачкиот предел на стварноста. Колку што се преплашија нашиве циркузанти - толку се преплаши и публиката. Циркузантиве знаат дека кога на бината ќе тресне скршено првото огледало или излитено платно со лошо насликаните „убавини на нашата чудесна земја“; кога колоните столбови од лажен мермер ќе се накриват и кога, еден по еден, ќе почнат да паѓаат; кога ќе се урнат картонските кулиси на „античките“ градби со своите лажни скулптури, со гипсените релјефи и „барокните“ фасади; кога циркускиот шатор ќе се скине и на дневната светлина ќе се појават без циркуски костими и маски циркузантиве какви што се навистина со своиоте грди муцки на измамници, манијаци, идиоти, разбојници и убијци – тогаш разбеснетата публика ќе ги растргне со свои раце.

Затоа тие не смеат да дозволат да се спушти завесата на сцената и така панично пуштаат сценска магла, пукаат со топови набиени со конфети, трубат во своите кловновски труби и тропаат во барабаните од ламарина кревајќи врева. Тие сè ќе сторат само претставата да продолжи затоа што претставата е нивниот живот. Кога претставата ќе заврши, ќе заврши и нивниот живот (зад решетки, во калта на родната земја од каде и дојдоа, во дупките или под каменот од кој исползеа, сеедно).

Водачот (на циркуската дружина) знае дека народот се плаши од стварноста, тој знае дека публиката не сака да ја види вистината и тоа денес е неговата последна надеж. Колку и да се лоши и неуспешни жонглерите и акробатите, колку да се нивните трикови евтини и глупави, колку и да им треперат нозете и рацете на маѓионичарите кога публиката на сиот глас им вика Уа и колку на лицата од кловновите, под дебелиот слој белило, да избиваат крупни капки пот од страв кога прават идиотски шеги - тој знае дека има доволно бандити и будали во публиката за да може претставата да продолжи. Тој знае дека ако циркускиот шатор падне за многумина тоа ќе биде како небото да им се урнало врз глава.

Во публиката сè уште доброволно креваат раце оние кои копнеат да се качат на сцената и да бидат помошници на некој маѓесник, хипнотизер, кротител на лавови или фрлач на ножеви. Има сè уште туркање во редот за бесплатни сендвичи, дипломи, безвредни ордени за заслуги и медаљи од ламарина, магични записи, лажни вработувања, наместени тендери, формули за чудесно претворање на олово во злато, лажни мапи со обележано скриено богатство, волшебни огледалца и други евтини лажалки за глупи и лакоми. Има во циркусов сè уште будали кои не можат да им одолеат на лажните ветувања и има бандити кои нема да дозволат претставата да заврши затоа што ќе загубат сè што имаат и што незаслужено го стекнале ограбувајќи ги соседите. Тоа водачот на забеганава циркуска дружина на ВМРО ДПМНЕ добро го знае. Оттаму и верува дека може да ја зачува илузија што се распаѓа во ситни парченца од скршеното панаѓурско огледало на измамата. Како и секој хипнотизер и хохшаплер тој знае дека се потребни само неколку платени измамници меѓу гледачите за да успее колективната хипноза. Конечно, сето ова е само трик и магија. Зошто тогаш да не успее уште еднаш?

Поживинчената, збрлавена, збркана и затапена публика, по толку години лаги и измама, чека конечно да се случи некое вистинско чудо во циркусот. Тие очајно би сакале илузијата вечно да трае. Дури и оние поумните не го напуштаат циркускиот шатор, веруваат во чудо и чекаат на сцената да се појави Deux ex machina и на чудесен начин циркусот да се затвори или од лажното сино небо со пришиени златни ѕвезди да се појави семоќната рака на Големиот Господар на Циркусот и да ги сотре изманициве.

Како и да е, денес со посрани гаќи излегуваат нашиве циркузанти на бината. Мислат дека ако сега зад завесата ги повлечат од претставата забеганиот кротител на лавови и лажен шериф со вистински пиштоли, неговата помошничка жена кепец со мустаќи што го јаваше лавот на ВМРО, макаки мајмунот што изведуваше лоши трикови на исчезнување на згради и им ги крадеше парите на минувачите - дека нашава публика има кратко помнење (што е докажано) и ќе заборави на злосторнициве фатени на дело и на нивните злосторства и нема, во бес, да ги затепа на отворена сцена. Распуштија и цела циркуска дружина од политички акробати чија циркуска точка е расипана од секс скандал (постои опасност секогаш кога ќе се појават на сцена мангупите во публиката подбивајќи се да почнат да офкаат и стенкаат како да свршуваат) и ја заменија со нови млади акробати-девици.

Ете, дури и самиот водач на циркуската дружина од страв се симна од бината меѓу публиката да ги докажува одново своите опсенарски вештини ветувајќи им на оние збунетите и приглупи гледачи, по кој знае кој пат, остварување на соништата (кому му цркнала крава - ќе му вети крава; кому му треба вработување - ќе го вработи; кому детето не учи и нема добри оцени - ќе ѝ се јави на учителката за петки; кому му треба дожд за да роди нивата - и дожд ако треба ќе му нарача по телефон). Овој уличен изманик како што почна така и заврши на улица.

Водачот на циркускава дружина знае дека убавината на циркусот е во тоа што сите знаат дека сè е измама, но сепак се согласуваат доброволно да веруваат дека е вистина.

Политичкиот демонизам инфилтриран во работата на човековото несвесно, способноста да се оствари неостварливото („Ние остваруваме!“), политичката магија и нејзината втемеленост во ирационалното, непознатото и непојмливото, како и желбата на измамениот да биде измамен, се основа на манипулацијата што Водачот ја изведува на отворена политичка сцена.

Трикот со волшебното огледало зад кое овој нечесник се крие со својата дружина и коешто ги одбива назад како одраз и ехо сите обвинувања за измама, грабеж, насилство, расипаност и самовластие - проектирајќи ги врз оние кои го обвинуваат во обратна проекција - има застрашувачка психолошка длабочина. Тоа е чин на магиско поништување на жрвата со одземање на нејзината слика и глас. Угнетувачот не само што успева во потчинувањето на својата жртва, туку и ги краде и зборовите со кои жртвата ја изразува својата потчинетост и така и ја одзема сета можност за избавување – ѝ го одзема гласот, и тоа не само симболично, туку вистински ја онемува, а повторувајќи ги нејзините движења (акции) ја обезличува. Така, на жртвата ѝ се одзема не само правото на артикулација на вистината, туку сосем се поништува. Ова е, всушност, одбранбен говор на деца во рана возраст, но со развитокот на личноста децата оваа ехо комуникација ја напуштаат зашто разбираат дека на ваков начин ништо не добиваат и сето ова станува само игра: „Ти си лош. Не, ти си лош. Ти крадеш. Не, ти крадеш. Ти си глуп. Не, ти си глуп...“ Кога ваквото однесување ја јавува кај возрасни тогаш е симптом на тешко психичко пореметување. Вакво однесување на колективно рамниште не е досега забележено (особено кога цела група, здружение или политичка партија го прифаќа како начин на комуникација со другите буквално повторувајќи ги зборовите и движењата на водачот како во лудница) и ова свесно „произведување лудило“ нашиов мал циркузант го прави опасен. Овој наш евтин демагог и мал диктатор се обидува така не само да ја поништи вистината, туку и сите колективно да ги воведе во светот на своето лудило.

Како докажан мајстор на сценската магија со шапка полна разновидни реквизити тој има и други трикови. Тој сега, чувствувајќи ја опасноста, ја облекува волшебната наметка и го изведува во очај пред збрканата публика стариот добар трик на исчезнување („Сега го гледаш – сега не го гледаш“), но и овој трик не му успева и веќе е јасно дека во неговата мизерна личност се отелотворува сето зло што лебдеше во воздухот како призрак навестувајќи го ужасниот неминовен крај на овој измамник.

Многумина сакаат да веруваат дека сиот овој немир во циркусот, сета оваа врева околу измамата е само уште еден нов трик, уште една спектакуларна точка на сцената што ја смислил нашиов измамник. Ова недоразбирање е предизвикано поради измамата на овој нечесник затоа што само децата и малоумните не разбраа дека забавата одамна заврши и дека почнува вистинска драма. А и тие нема да останат долго во среќната заблуда дека сето ова е само циркус и ништо повеќе од циркус кога на сцената ќе потечат вистински гомна и крв.

***

Диктатурата во нашиов циркус започна весело, како и секоја нова циркуска точка: „Ечи партиската химна во седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, млади активисти слават собрани пред локални партиски канцеларии низ Скопје, свирежи од автомобили ја сечат тишината низ улиците на градот…“

Малоумно е да се прогласи диктатура во циркус. Да се забарикадираат излезите и да не се пушта публиката да излезе, да се тепа ако не ја почитува циркуската програма, не ги следи точките со внимание и не ракоплеска доволно и да се држи во заложништво додека не умре од глад и жед - тоа е безумно. Тоа можат да го сторат само малоумници и манијаци. Нема никаква смисла. Спротивно е на идејата за циркус и веќе никому не му е забавно. А тоа значи и крај на циркусот и на циркузантиве.

Не ви треба голема памет за да разберете дека ЦИРКУСОТ НЕ МОЖЕ ВЕЧНО ДА ТРАЕ, дека конечно мора да заврши претставата и дека циркузантиве мора да ја напуштат сцената, да се спакуваат и да побараат некои други будали да ги мамат ако такви будали има на светот. Нашиве циркузанти веќе никој не ги сака и тие немаат каде да одат. Тие ја избираат смртта како логичен крај на претставата што ја изведуваат веќе десет години.
Кога целиот народ е под циркуски шатор тогаш ништо не работи и никој ништо не заработува, а земјата пропаѓа. Во циркускиот шатор сè е лажно сјајно и раскошно, а надвор е пустош. Народот ги троши парите и времето гледајќи ја циркуската претстава додека сè околу нив гние и се распаѓа. А тоа еднаш мора да престане. ЦИРКУСОТ МОРА ДА ЗАМИНЕ!

Ако циркусот на ВМРО ДПМНЕ самиот не сака да си оди, тогаш народот ќе го запали циркускиот шатор. Ако не успее сега, ќе го запали со сигурност кога во шаторот ќе снема струја и ќе биде мрак. А кога ќе му падне мрак на очи тогаш народот ќе ги брка по улици циркузантиве и ќе ги беси по дрвореди (можеби некое нејасно претчувство за страшниот и неминовен крај на ова злосторничко здружение ги натера да ги исечат сите дрва во градот).

Она мало неугледно човече што под светлината на рефлекторите изгледаше така моќно, што невешто ја прикриваше кротителската воља за потчинување на другите и неизгасената жед за власт како што залудно се прикрива лошиот здив од уста, човече кое за себе мислеше дека е отелотворување на моќта по себе, сега јавно самиот се разообличи како мал насилник и уличен измамник. Колку и да се труди да го продолжи траењето на претставата крајот е неизбежен.

Кога се чини дека нема веќе трикови што можат да ги прелажат наивните гледачи - кога ете, види го ти него, одново се појавува преоблечено тоа мало човече, одејќи наоколу со отворена гласачка кутија со лажно дно.
Тоа мало смешно човече, кое во раката има тропалка во вид на сопствената глава со капа на шут на која ѕвонат прапорци, ви вели дека треба да гласате за сопствената пропаст како најголема шега во историјата на циркусот. И онака сè е ова само голема претстава – вели и тропа со својата тропалка додека публиката се турка, гази, гребе, каса и вреска околу него во општото лудило.

Сепак, циркусот не може вечно да трае. Колку и да изгледа привлечно на SNN рекламата „Вечна Македонија“. Ако некој мисли дека Големите Газди на Планетарниот Циркус ќе ги издржуваат нашиве циркузанти горчливо се лаже и прелажува. Или полудел или е селски идиот. Никој будала нема да плаќа лоши циркузанти од некој провинциски циркус во некоја каллива дупка за да го забавуваат таму вечно заглупавениот народ ако тоа не мора да го прави. Затоа циркусот е патувачки. Денес е во вашиот град, а утре заминува во заборав.

Нашата збунета публика е сè уште во шок поради неверојатните собитија што се случија на сцената и ниту може да им поверува на своите очи (научени на измама), ниту на своите уши (научени на лаги). Но, тие го чуствуват крајот. Пламен наскоро ќе го зафати шаторот и сите ќе се разбегаат. А нашиов Водач на циркуската дружина, тој лажен волшебник, мајстор на измамата, илузионист, форзаторе и престидигаторе ќе заврши тажно (еден предодреден крај како квинтесенција на неговото измамничко постоење), како што ќе завршат и неговите циркузанти со идиотска насмевка на избезумените лица во пламнатиот шатор над кој уште налудничаво треперат скршените и накривени неонски букви од натписот МАКЕДОНИЈА.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото