Рекордна продажба на сендвичи во Македонија

14.04.2016 14:21
Рекордна продажба на сендвичи во Македонија

Скопје, 14 април 2016

Македонија бележи голем скок во продажбата на сендвичи. Во првите три месеци од годината се продале за 66% повеќе сендвичи споредено со последните три месеци од 2015.

Анализата на пазарот покажува дека зголемениот број на контрапротести во комбинација со политичката криза довел до значително раздвижување на пазарот за храна.

Угостителите задоволно ги тријат рацете и се надеваат дека контрапротестите ќе се одржуваат на редовна основа. Некои од нив велат дека морале да вработат дополнителен број луѓе за помош при подготвувањето сендвичи и дека контрапротестите придонесуваат за намалување на невработеноста во државата.

„Контрапротести, контра-ова, контра-она... баш ми е гајле, само нека купуваат од кај мене. Моите сендвичи се оригинални и вкусни, сите го знаат тоа“, вели сопственик на една сендвичарница кој замоли да не го објавуваме неговиот идентитет. Вели дека последниве години продажбата значително му е зголемена, посебно кога има политички превирања. Тврди дека партиите се негови најголеми муштерии.

„Купуваат по пет илјади сендвичи наеднаш. Морав да вработам десет луѓе, сите со факултетски дипломи, само да постигнеме во правењето сендвичи. Ако продолжи вака, во државава нема да остане ниеден невработен“, вели тој.

Просечната цена на сендвичите се движи од педесет денари за најосновните до стотина денари за оние со разни додатоци како кулен, кашкавал, мајонез и марула. Според угостителите, најбарани се т.н. „македонски сендвичи“, составени од две лепчиња со воздух помеѓу нив, кои чинат околу дваесет денари.