Политиката на гневот

15.04.2016 10:33
Политиката на гневот

Единственото изненадување во врска со популистичкиот бран кој ги потопува развиените демократии е тоа што доцни. Уште пред 20 години беше јасно дека неподготвеноста на мејнстрим политичарите да понудат лек за неизвесноста и нееднаквоста во нашето хиперглобализирано доба ќе отвори простор за демагози склони кон лесни решенија. Тогаш ги имавме Рос Перот и Патрик Бјукенен, а сега Доналд Трамп, Марин Ле Пен и останатие слични на нив.

Иако историјата никогаш не се повторува сосема, нејзините поуки се употребливи. Да се присетиме дека првото доба на глобализацијата, кое го достигна врвот во деценијата на Првата светска војна, доживеа уште посериозна политичка реакција. Тоа, историски концизно го покажа мојот колега од Харвард, Џефри Фриден. На врвот од златниот стандард, вели Фриден, главните политички актери ги занемарија социјалните реформи и националниот идентитет и им дадоа приоритет на меѓународните економски врски. Во периодот меѓу војните се појавија два погубни одговори на таа состојба: социјалистите и комунистите бараа социјална реформа, а фашистите потврда на националниот идентитет. Двете насоки од глобализација водеа кон економско затворање (и кон нешто многу полошо).

Денешната реакција нема да отиде толку далеку. Колку и да беа тешки, нарушувањата предизвикани од големата рецесија и кризата на еврото бледеат во споредба со Големата депресија. Развиените демократии изградија – и задржуваат (и покрај неодамнешните тешкотии) – широки мрежи за социјална сигурност во вид на осигурување во случај на невработеност, пензија и семејни додатоци. Светската економија се темели на институции кои функционираат на меѓународно ниво – како што се Меѓународниот монетарен фонд и Светската трговска организација – какви што немаше пред Првата светска војна. И, најпосле, екстремистичките политички движења како што се фашизмот и комунизмот генерално се дискредитирани.

Сепак, тензиите помеѓу хиперглобализираната економијата и силата на општествената кохезија се реални и политичките елити скапо ќе платат затоа што ги игнорираат. Како што реков во својата книга од 1997 година, Дали глобализацијата отиде предалеку?, интернационализацијата на пазарот на стоки, услуги и капитал е поволна за космополитските, професионалните, квалификуваните групи и ги раздвојува од остатокот од општеството.

Овој процес продлабочи два вида политички јаз: идентитетскиот (поврзан со националната, етничката и верската припадност) и приходниот (во врска со припаѓањето на одредена општествена класа). На тој начин популистите станаа привлечни. Оние од десницата како Трамп во прв план ја ставаат политиката на идентитетите. Оние од левицата како Берни Сандерс ги истакнуваат зголемените разлики помаѓу богатите и сиромашните.

И во едниот и во другиот случај постои лесно препознатлив „друг“ кон кого може да се насочи гневот на луѓето. Едвај составувате крај со крај? Се разбира, Кинезите ви ги земаат работните места. Ве вознемирува криминалот? Мексиканците и другите имигранти ги пренесоа своите гангстерски пресметки во нашата земја. Тероризмот? Муслиманите, кој друг. Политичката корупција? Што друго да очекувате кога големите банки го подмачкуваат нашиот политички систем? За разлика од мејнстрим политичарите, на популистите им е лесно да ги именуваат виновниците за сето она што ги притиска луѓето.

Се разбира, политичарите на власт се компромитирани од простиот факт дека се на власт. Покрај тоа, ги парализира нивниот главен наратив кој зрачи со неактивност и беспомошност. За стагнирањето на платите и растот на нееднаквоста тие ги обвинуваат технолошките сили кои се надвор од наша контрола, а глобализацијата и нејзините правила ги претставуваат како дел од нужните процеси. Лекот што го нудат – инвестирање во образованието и вештините – не донесува брзи плодови.

Денешната состојба на светската економија е производ на експлицитните одлуки на нашите избрани влади. Тие се откажаа од Општиот договор за царините и трговијата (GATT) и ја создадоа многу поамбициозната и поагресивна Светска трговска организација (WTO). А, наскоро ќе одлучуваат и дали да се ратификуваат идните мегатрговски договори како што се Транспацифичкото партнерство и Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство.

Нашите влади ги укинаа регулативите во областа на финансиите и ја поддржаа прекуграничната подвижност на капиталот. Тие ја одбија промената на таквите политики, и покрај големата глобална финансиска криза. Како што Ентони Аткинсон нè потсетува во својата извонредна книга за нееднаквоста, дури ни технолошките промени не се имуни на влијанието на власта: креаторите на политиките навистина можат да влијаат врз нив, во смисла на поголема или помала вработеност и еднаквост.

Популизмот е привлечен затоа што му дава глас на гневот на исклучените. Популистите нудат голем наратив и конкретни, иако погрешни и често опасни решенија. Мејнстрим политичарите нема да го повратат своето влијание сè додека не понудат сериозни решенија и не обезбедат простор за надеж. Не смеат и понатаму да се кријат зад технологиите или незапирливата глобализација; мора да бидат храбри и да преземат крупни реформи за домашната и глобалната економија.

Една лекција од историјата е онаа за опасностите од незаузданата глобализација, а друга онаа за прилагодливоста на капитализмот. Њу дилот, државата на благосостојбата и контролираната економија (во режимот на Бретон Вудс) на пазарно ориентираните економии им дадоа нова животна сила и го создадоа повоениот процвет. Тие достигнувања не се резултат на ситните промени и дотерувања, туку на радикалниот институционализиран инженеринг. Умерени политичари, фаќајте белешки на часовите по историја.

Илустрации: Steve Cutts

Извор: https://www.socialeurope.eu/

ОкоБоли главаВицФото