Нико Графенауер и Марјан Манчек - ПЕДАПЕД

15.04.2016 12:47
Нико Графенауер и Марјан Манчек - ПЕДАПЕД

Педапед (Pedenjped, дете големо колку педа) е еден од најпрепознатливите ликови во словенечката книжевност за деца - нешто како нашиот Зоки Поки. Книгата прв пат е објавена 1977 година и оттогаш често е препечатувана. Малиот паметен палавко Педапед го цртале некои од најдобрите словенечки илустратори (Марија Луција Ступица, на пример), но најaвторитетни, оние кои најмногу го приближија и го зацврстија карактерот на немирното дете, сепак се сликите на Марјан Манчек, претставени и во македонското издание.
Преводот од словенечки го направија Пандалф Вулкански и Давор Стојановски. Во продолжение три песнички за Педапед.

 

ПЕДАПЕД

Педапанталони и педаблузиче,
педачевли на нозете.
Колач голем и мек ко перниче
не испушта од рацете.

Од чешел му се гади,
та во косата е бушав.
Прст од нос да извади
нејќе ни за жива душа.

Како двајца џамбази
ушите му стрчат без ред,
педадупчиња сред образи
- тоа е нашиот Педапед!

САМ

Педапед чевли сам си обува,
сам се чешла, мие и облекува.
Капа на глава сам си пробува,
сам во кревет се вовлекува.

Самиот наоѓа и причини
да скита кај ќе му текне!
Освен тоа, господин се чини
- но носот не го секне!

БЛИЗНАЦИ

Педапед доби брат –
скинатост чиста!
Исти уши, нос и брада:
дури и фризурата е иста!

Збунети се и се ѕверат,
без манир, со прстот в уста.
Во ист миг јазик плазат
и се смешкаат под мустаќ.

Еден на друг си се дерат,
колку гласот што ги држи.
Од што толку многу вреват
и огледалото се скрши!

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото