Ниско, премногу ниско

15.04.2016 13:08
Ниско, премногу ниско

Не треба, и не смее да има аболиција, амнестија или каква било друга постапка, процедура или форма - правна, политичка, морална (таква, пак, најмалку) - што ќе го ослободи од одговорност оној што злоупотребувајќи ја функцијата претседател на Македонија прогласи општа аболиција на криминалците, на политичарите припадници на злосторничкото здружение осомничени или обвинети за фалсификување избори и за други тешки кривични дела.

Нацијата не се надеваше на нешто добро од таква безгласна фигура, од прототип на полтрон и послушник, ама и не очекуваше дека е способен за ваков coup de grace, дека може да ѝ зададе толку силен завршен удар, дека е спремен за ретко видено перфидно убиство од милосрдие. Доволен доказ е стаписаноста, неверувањето, шокот од кој никој нормален не може и уште долго не ќе може да се соземе. Но, ете, Џоле удри доле. Ниско, премногу ниско.

Вели дека е можно на краток рок да го напаѓаат и да го обвинуваат за ова (одлуката веднаш беше оценета како државен удар), но тој нема гајле: „Подготвен сум да се справам со тоа“. Ако е спремен да се справи со насилства, улични нереди, со можни жртви и со сè друго што може да предизвика неговата „одлука за помирување“, тогаш можеби и не е непресметлив. Со тоа станува вистински опасен и зрел за некоја друга институција, а не за претседателската резиденција.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња