МПЦ: Чудо и знак од Бога во црквата во Трубарево

15.04.2016 13:50
Н: МПЦ: Чудо и знак од Бога во црквата во Трубарево

По неделната литургија, една од иконите на иконостасот, онаа на пресвета Богородица, почнала да мироточи, што според официјалниот став на МПЦ, е убав знак.

 

Ставот на МПЦ, како и на oтците во црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во селото Трубарево, е дека мироточењето на иконата на Богородица е вистинско чудо. Пораката на овој божји знак е да се зајакне верата на народот во овие тешки времиња, вели отец Бобан од црквата во Трубарево.

- Дефинитивно станува збор за чудо. И мојот и официјалниот став на МПЦ е дека оваа појава е чудо и знак од Бога. Архиепископот г.г. Стефан дојде во црквата, ја погледна иконата и констатираше дека навистина се работи за чудо - вели отец Бобан од црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Трубарево.

Тој објасни дека по неделната литургија, една од иконите на иконостасот, онаа на пресвета Богородица, почнала да мироточи. Според него, а и според официјалниот став на МПЦ, станува збор за убав знак.

- Господ Бог ги праќа овие чуда и секој може да ги толкува различно. Ставот на МПЦ е дека пораката на ова чудо е позитивна, да се зајакне верата на народот во овие тешки времиња - вели отец Бобан.

Откако во неделата беа забележани капки вода врз иконата на Пресвета Богородица во црквата во Трубарево, се јавија поделени мислења околу можните причинители на појавата. Водата врз ликот на иконата се појавуваше одново и одново деновиве. Поповите тврдат дека се работи за мироточење. Ставот на МПЦ е цврст - солзите на ликот на Богородица се знак од Бога за да се зајакне верата на народот.

Конзерваторите, пак, одбиваат да дадат мислење на темава и нè упатија став да побараме од МПЦ, како најнадлежна. Од Националната установа Конзерваторски центар на Скопје не сакаа да ја коментираат појавата од стручен аспект, бидејќи, како што велат, работат само со стари икони, а црквата во Трубарево е една од поновите, за кои надлежна е единствено МПЦ. Исто така и конзерваторите што не се дел од националните установи со кои што стапивме во контакт, не сакаа да изјават ништо на темава.

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, епископот хераклејски, Климент, деканот на Богословскиот факултет Ѓоко Ѓоргевски и архимандритот Агатон, завчера се поколонија пред иконата на Пресвета Богородица, официјално потврдувајќи го нејзиното мироточење.

- Бог е оној што чуда прави! Бог во секое време испраќа знаци до својот народ, па еве и сега овде на ова место забележуваме во овие денови на Великиот пост, денови на покајание, чудесно мироточење на иконата на Мајката Божја. Чудата на Бог и на Пресветата Богородица нека ни бидат за покајание и утврдување на верата - велат официјално од Македонската православна црква.

Црквата во Трубарево од завчера е место што го посетуваат голем број верници од целата земја.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња