Еден народ, еден водач, една историја

16.04.2016 00:53
Еден народ, еден водач, една историја

Во Хрватска се случуваат многу нешта што во последните месеци веќе се случија во Полска, а малку порано и во Унгарија. Во сите земји од „вертикалата“, од Полска на северот до Хрватска на југот, завесата на либералната демократија се спушти преку континентот. Во земјите од „вертикалата“ како повторно да се слуша политиката која е доминантна во Кремљ. Карикатурите во Полска го покажуваат Владимир Путин како му зборува на Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, дека Јарек го предупредил дека нема да помине настојувањето да го онеспособи Уставниот суд. Јарослав Качински, претседателот на Партијата за права и правда, ПИС, владејачката партија во Полска, самецот кој живее со мачка, само му дофрли на рускиот водач: „Подржи ја мачката и гледај“. Така полските пратеници заседаваа пред Божиќ длабоко во ноќта, за да ги донесат законите со кои можното попречување на власта од редовите на судството потполно ќе се оневозможи. И, така, станаа послични на Москва, отколку на Брисел.

Во саботата на 27 февруари 2016 година, во Полска повторно се демонстрираше. Според тврдењата на приватните медиуми, од Прага, предградието на Варшава од другата страна на Висла, кон Плоштадот Пилсудски тргнаа околу 20 000 луѓе, а вкупно имаше 80 000. Се демонстрираше затоа што повторно беше отворена приказната дека првиот демократски избран претседател на Полска, Лех Валеса бил соработник на тајната служба со името „Болек“. Валенса, за тоа гласините кружеа веќе долго, уште 1970 година потпишал дека ќе соработува со тајната служба, но не е јасно што впрочем значело тоа и дали младиот и слабо образован работник во таа смисла направил нешто.

Коњите и патките

Бидејќи денес во Полска е најдобро на секој политички противник да му се припише етикетата соработник на комунистичкиот режим, тогаш зошто симболот на рушењето на комунизмот би бил исклучок? „Cienki Bolek“ на полски значи шутрак; демонстрантите во Варшава носеа пароли: „Kacyznski, Cienki bolek“ – „Качински, ти си шутрак“. На претходните демонстрации се носеа паролите: „Качински, на 13.12 си спиел до пладне“, порачувајќи му на вистинскиот владетел на Полска дека не бил важен за комунистичката власт, затоа што по него, за разлика од Валенса, полицијата не дошла во зората.

Полјаците што демонстрираат Качински ги нарече „gorszy sort“ Полјаци, лоши, отпадот на вистинската Полска. Тие во саботата носеа маски со ликот на Валенса, кукла коњ и мала патка на престол. Пред неколку дена беа сменети управите на двете главни државни ергели. Еден од новопоставените, но од оние Полјаци кои не им припаѓаат на „лошите“, рече дека, додуша, нималку не ги разбира коњите, но несомнено ќе ја засака новата работа. Очигледно настојувањето за стручноста е заедничко насекаде во „вертикалата“. Затоа се и коњите, затоа се и патките, бидејќи презимето на најмоќниот политичар во Полска значи „патковски“.

Јавната телевизија од саботниот протест покажуваше полупразни улици. Новиот директор на телевизијата е политичар кој за време на претседателската кампања во 2007 година го обвини Доналд Туск, кандидатот на Граѓанската платформа, дека татко му бил доброволец во Вермахтот. Камерите снимаа и по емисијата, кога сите го нападнаа дека кажува лаги, а тој само одмавна со раката и рече дека народот и онака ќе поверува во сè, што е целта.

До пред неколку месеци Полска немаше лева или центристичка власт. Генерално, во Полска секогаш владееле десни влади. Она што се случи во последните неколку месеци беше пренасочување кон екстремно десно. Со земјата, зборуваат во опозицијата, не владее ни претседателот ни премиерката, туку претседателот на најголемата партија. Гласачите, велат полските политиколози, се однесуваат како членови на секта во која главниот свештеник е пророк и носител на апсолутната вистина. Сè што е полско, како што сметаат во Партијата за права и правда (ПИС), се сакрализира, на што Католичката црква засега воопшто не се противи. Ако јавно не ја одобрува, тогаш молчи за таквата политика. Радиото Марија, верска телевизија и школа за односи со јавноста на шефот на Радиото Марија, од новата власт добија 26 милиони поддршка. Опозицијата ги обвинува дека средствата за борба против смогот во Краков се пренасочени во борбата за „срцето и душата“ на Полјаците.

Извинувањето до Евреите

Токму тоа е контекстот во кој новата полска власт, пред сè претседателот на Републиката, Анджеј Дуда, нападна еден од водечките историчари на Холокаустот, Јан Томаш Грос. Во 1969 година Грос во последниот антисемитски бран од Полска заминал за САД и станал професор на Принстон. Пишувал за судбината на Евреите во Полска, тврдел дека Полјаците за време на Втората светска војна убиле повеќе Евреи отколку Германците. Грос го опишал случајот во градчето Једвабне, каде соседите ги убивале соседите, а Германците не ни биле во близина. Масакрот со децении им се припишувал на Германците, но истражувањата на Грос биле причина Александар Квасниевски, тогашниот претседател на Полска, на Евреите и официјално да им се извини, затоа што дури 2010 година полската кинематографија првпат ја проблематизираше таквата приказна.

Тоа беше голем чекор напред. Еродирана е интерпретацијата според која за страдањата биле одговорни само нацистите, но успешната членка на ЕУ, новата и демократска Полска, се покажа како зрела, одговорна. Навистина, Грос често е бескомпромисен, своите интерпретации ги доведува до крајност, но целта му е, што често и е цел на добрата наука, општествено да наведе да се погледне в лице, да се соочи со своите длабоки трауми. Либералните општества мора да имаат можност да ја слушнат критиката, да се вклучат во матицата на културата и науката и различните погледи.

За новата власт во Полска критиката стана неприфатлива. Сите кои зборуваат лошо за Полска, па дури и тоа да е вистинито, не смеат да бидат видливи, не смеат да бидат наградувани. Во Хрватска може да се каже дека така смее да се зборува само во приватноста на своите домови. Грос пречи затоа што покажува дека униформниот поглед на минатото е невозможен. Така, самиот претседател на Полска почна да зборува дека Грос треба да ја врати наградата што ја доби уште 1996 година.

Грос веднаш беше поддржан од професорот од Јеил, Тимоти Снајдер, еден од најважните историчари на денешницата, авторот на исклучително добро прифатената книга во Полска, „Bloodlands“. Покрај двајцата британски историчари од Оксфорд и Лондон, најважните историчари во Полска, Тимоти Гартон Еш и Норман Дејвис, кои веќе предупредија за кобната насока во која почна да се движи Полска, против полските власти проговорија најголемите експерти за Полска кои постојат.

Симболот на борбата

Има многу сличности помеѓу Полска и Хрватска, но за едно нешто Полска е далеку подобра. Ако случајно постоеше некој историчар со хрватско потекло кој би предавал на Ајви Лигата на Универзитетот во Соединетите Држави и ако пишуваше влијателни книги за својата татковина кои би опишувале и незгодни, иако вистинити, епизоди од националното минато, веројатно никогаш не би добил награда од некоја наша владејачка гарнитура.

Десничарите би го отпишале подеднакво како и десницата во Полска. Либералните или левите би се плашеле да го наградат, за да не ја предизвикаат десницата. Затоа, Грос е симбол на борбата за слободна професија и на хрватските историчари и научници. Понекогаш, ретко, и хрватските историчари знаат јавно да настапат. Последен пат, 77 историчари го поддржаа министерот кој веќе 20 години дејствува со усташка капа на главата. Од негирањето на антифашизмот до негацијата на Холокаустот е на помалку од еден чекор.

04.03.2016

Извор: Globus

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото